за

Џили во бутик салон во Скопје ги прикажува кинеските автомобили во ново светло

Џили е далеку од непознато име на сцената. Многу попознати имиња се спомнуваат заедно со кинескиот производител на автомобили, меѓу нив Волво, Лотус, па уште и Смарт и Лондонско Такси. Џили почна да продава во Македонија.

Германија лани во фабриките во земјата произвела близу 4,8 милиони возила, Индија 4,8 милиони, а Јапонија 7,8 милиони возила, и тоа пак не ѝ донeсува титула на најголем производител. Првото место ѝ припаѓа на Кина, со преку 26 милиони патнички автомобили. Тој податок вистински добива на тежина кога ќе се погледне како Џили го прави првиот чекор на македонскиот пазар – прва кинеска марка што достојно ги прикажува своите возила.

Не можеле да одберат подобро и повпечатливо место за салонот на Џили во Скопје. Во новиот трговски центар во Аеродром, Џевахир, автомобилите на кинеската марка се појавуваат веднаш покрај главниот влез. Џили е марка за чиешто постоење многумина имаат осознаено повеќе или помалку свесно. За вториот случај, луѓе веројатно ја познаваат оваа марка, барем името, по тоа што Џили се спомнува како сопственик на шведската марка Волво – по тоа што се покажа досега, Џили повеќе е инвеститор, отколку што е „газда“ на Волво.

Тој Џили е холдингот, а овој е Џили Ауто, односно неговата носечка марка автомобили. Марката во овој бутик салон се покажува во светло што е ново, не само за кинеските производители, туку и општо на сцената. Очигледно е дека менаџерите сакаат да укажат на нешто друго. Ова не е место од коешто ќе се соберат ценовници и проспекти, туку е место што ја претставува марката.

Исто како што нов Мерцедес не се продава на плац затворен со мрежа за кокошарник, па и користен Мерцедес, така и Џили сакаат својата марка да ја постават во вистинското светло.

Во тој навидум мал простор се случуваат многу нешта. Материјали, стилови, бои, архитектурни печати, тоа има за цел да укаже дека маркава знае како се завршуваат нештата – како се завршуваат добро.

За разлика од салоните на другите кинески марки кај нас, тука не се стекнува впечаток на место од коешто човек треба само да собере ценовник и да си замине, туку човек сака да дознае повеќе за моделите на маркава

Џили штотуку почнува со тест возења за клиенти, со двата модели што тимот на Делфино ги има избрано за почеток на продажбата на марката во Македонија. Првиот е Кулреј, СУВ од компакт класата, воедно и најпродаваниот сегмент на европскиот пазар. Од тоа што може да се осознае првично, станува збор за модел што става нагласок на спортската нота, со многу подрачја во коишто е додадено повеќе отколку што е доволно.

Моторот е 1,5-литарски бензинец со турбонатполнење и директно впрскување, со моќност од 172 КС и вртежен момент од 290 њутнметри. Седумстепен автоматски менувач со двојна спојка е стандард. Цената на конкурентот на Хјундаи Тусон и компанија е 28.490 евра. Техничките податоци и главните ставки од опременоста може да се погледнат во нашиот онлајн ценовник за сите нови автомобили на македонскиот пазар Автосалон.мк

Geely Coolray 1.5 TD GF+

Вториот модел е Атлас Про, посериозен и поотмен, користи и заедничка платформа со Волво Икс Це 40 и Полстар 2. Таму работи благ хибриден погон, со 48-волтен електромотор во погонската спрега, во комбинација со 1,5-литарски бензинец со три цилиндри – истиот мотор што и Волво го вградува во основната изведба на Икс Це 40.

Geely Atlas Pro 1.5 T 48V EMS Flagship

Атлас Про е за петнаесетина сантиметри подолг од Кулреј, со подолго меѓуоскино растојание и поголем багажник. Тоа во што овој модел се издвојува повеќе е луксузот и завршанта изработка. Цената на Атлас Про е 33.990 евра, односно 32.490 евра со промотивниот попуст.

Им посакуваме среќна работа на Делфино со марката Џили и што побрзо да има повод за следни вести.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пежо Е-3008 освои награда за дизајн Ред Дот

Рим се побуни, малечката Алфа Ромео не може да се вика Милано