
Алфа Ромео го преименува својот прв модел со целосно електричен погон од Милано во Јуниор. Тоа се случува откако името на новиот модел предизвика голема вознемиреност во италијанската влада, затоа што беше избрано името на италијанскиот град Милано, за автомобил што се произедува во Полска.
Италијанската премиум марка на Стелантис во понеделникот реши да го смени името, по соочувањето со Министерството за индустрија и Мејд ин Итали во петокот, по само два дена откако малечкиот СУВ беше прикажан премиерно во Милано.
Извршниот директор на Алфа Ромео, Жан Филипе Импарато, кажа дека марката го сменила името од Милано во Јуниор, за да избегне натамошно заострување на спорот. „Кога ќе се премине на политички дискусии, веднаш губите половина од своите купувачи и сакавме да го спречиме тоа,“ кажа Импарато на конференцијата за медиуми.
Импарато кажа дека финансиските последици од промената на името се подносливи, затоа што производството на Милано уште не е стартувано и треба да се смени името на само неколку маркетиншки проекти.
Шефот кажа дека Алфа им поднела подробно објаснување на италијанските власти, зошто ценела дека е во ред да се користи името Милано.
Тој наведе дека образложенијата што им биле претставени на властите опфаќаат низа точки:
- Името Милано било избрано како омаж на градот во којшто е родена Алфа во 1910 година.
- Ентузијастите на Алфа на онлајн изборот што беше спроведен во минатото лето дале најмногу гласови за името Милано (Јуниор било второ)
- Алфа никогаш не навеле дека автомобилот се произведува во Милано или Италија
Милано/Јуниор е дизајниран и констуриран во Италија - „Произведено во Полска“ е наведено јасно покрај серискиот број на возилото на столбот
- Постојат низа автомобили што носат име на град, а тоа не е поврзано со градот во којшто се одвива нивното производство (пример, Киа Соренто и Рио, Нисан Мурано, Хјундаи Санта Фе и Тусон, Тојота Такома и Шевроле Малибу).
- Алфа уште пред 18 месеци објави дека идниот малечок модел ќе се пропизведува во Полска
- Името Милано беше објавено на 13-ти декември (во Милано) и немаше реакции од владата сé до денот на премиерата на Милано, на 10-ти април
- Императо кажа дека Алфа Ромео решиле да го сменат името, иако биле убедени дека можат да подедат доколку спорот доспее на суд.
Јуниор има историја
Името Јуниор се појави на низа модели на Алфа Ромео, меѓу кои и на верзии од купето 105 и на ограничените серии на спортски купеа со дизајн на Загато во 1970-те. Тоа исто така беше предложено како можно име за малечкиот СУВ, пред да биде избрано Милано.
По успехот на Џулија и на нејзината купе изведба Џулија Спринт ГТ, дизајнирани од Џуџаро за Бертоне, Алфа си постави за цел да ги привлече помладите купувачи што копнееја по достапен спортски автомобил, и ја создаде ГТ 1300 Јуниор, со помал мотор.
По претставувањето на патеката за тестирање на Алфа Ромео во Балоко, во септември 1966 година, ГТ 1300 Јуниор постигна голем успех. Вкупно беа продадени 92.000 примероци, што беше голем успех за прстижната Алфа Ромео во доцните 1960-ти.

Главната отстапка кај Јуниор беше моторот од 1.290 сантиметри кубни со две брегасти вратила, со моќност од 89 КС и крајна брзина од преку 170 км/ч, незначително помалку од стандардната Џулија ГТ со 1,6-литарски мотор.
Алфа исто така го користеше името Јуниор како интерна ознака за моделот што подоцна беше претставен како МиТо. Во името се содржеше Милано, градот во којшто моделот беше дизајниран, со Торино, градот на производството.
Политички кошмар
Името Милано можеше да прерасне во политички кошмар за концернот Стелантис. Речиси по самото претставување на моделот во минатата недела, италијанскиот министер за индустрија Адолфо Урсо, излезе со критики за тоа што првиот целосно електричен модел на Алфа Ромео се произведува надвор од Италија. Тој наведе и дека производителот на автомобили ги прекшил италијанските закони и ги водел купувачите кон заблуда.
Во законите за коишто зборува Урсо стои дека е недозволиво производ што се произведува во странство да се прикаже како италијански производ. Тој закон главно ги заштитуваше италијанските прехранбени производи, на пример, од кашкавалот пармезан произведен во САД, што звучи слично како италијанскиот пармиџано.
„Автомобил што е именуван Милано не може да се произедува во Полска. Тоа е забрането со италијанските закони,“ кажа Урсо во Торино, повикувајќи се на законот од 2003 година, што спречува производи со „италијански призвук“ лажно да се претставуваат како да потекнуваат од Италија.
Реакцијата на Урсо околу Милано е последниот вербален спор меѓу националистичката влада на премиерката Џорџа Мелони и Стелантис, додека двете страни водат преговори за домашната продукција на автомобили да се зголеми на еден милион.
Мелони ги обвини Стелантис, единствен голем производител на автомобили во Италија, дека ги застапува интересите на Франција на сметка на Италија, и го опиша создавањето на групацијата како „божемно“ спојување со коешто „фактички беше прикриено француското преземање.“
Производство во Полска
Милано, односно сега Јуниор, ќе се произведува во фабриката на Стелантис во Тихи, Полска, покрај сестринските модели Џип Авенџер и Фиат 600. Првите испораки треба да отпочнат во септември. Тоа е прв модел на Алфа Ромео што во целост ќе се произведува надвор од Италија.
Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, во минатата недела кажа дека Милано морало да се произведува надвор од Италија, за моделот да биде конкурентен.
„Доколку се произведуваше во Италија, Милано ќе почнуваше од 40.000 место од 30.000 евра, со што ќе си го ограниченеше својот пазар,“ кажа Тавареш во минатата недела, за време на тркалезната маса во Милано, при претставувањето на новиот модел.















