
Нисан објави фотографии од опермувањето на новата фабрика во којашто ќе се произведуваат батерии со цврст електролит. Директорите ценат дека новата технологија ќе ја „смени играта“ за следната генерација електрични возила.
Фабриката во моментов е одвај повеќе од лавиринт од недовршени ѕидови и зинати канали за проветрување, во стари хали што се наоѓаат во фабричкиот комплекс на Нисан во Јокохама.
До следниот март, третиот најголем производител на автомобили во Јапонија најавува дека ќе биде завршено поставувањето на врвна производствена техника и ќе се отпочне со пробно производство на батерии од следната генерација, за вградување во електрични возила.
Првиот производствен волумен ќе биде ограничен на неколку десетици илјади батериски ќелии. Тоа е доволно да се изработат батерии за само неколку прототипи на возила, соопштија директорите при обиколката на фабриката на 16-ти април.
По завршувањето на пробното производство, следен чекор е продукцијата да се зголеми на 100 мегаватчасови годишно. Тоа ќе биде доволно за 1.000 до 2.000 електрични возила, зависно од големината на батеријата. Плановите ги соопшти Хидејуки Сакамото, директор за производството во Нисан во светски рамки.
Откако ќе отпочне големосериското производство, во фискалната година што завршува на 31-ви март 2029 година, продукцискиот волумен би се искачил на 3 до 30 гигаватчасови годишно.
Нисан ќе ги тестира батериите во прототипи на електрични возила по јавните патишта во фискалната година што завршува на 31-ви март 2027 година. Потоа ќе следи нивно вградување во електрични возила од постоечкото сериско производство, во фискалната година што завршува на 31-ви март 2029 година.
„Батериите со цврст електролит на коишто работиме ќе ја сменат играта во поглед на пробивот на ЕВ“, кажува Шуничи Инамиџима, потпретседател за погонски единици и развој на ЕВ.
Нисан има намера да вложи 1,2 милијарда долари во развој на батерии со цврст електролит.
Целите на Нисан
Плановите со новите батерии што ветуваат пресвртница претставува силен знак за решеноста на Јапонија да премине од мотори со внатрешно согорување во современата ера на електромобилноста.
Тојота и Хонда исто така ги приспособуваат своите домашни активности со цел да се покрие побарувачката за електрични возила. Јапонските производители вложуваат многу во батериите со цврст електролит, за да си ја вратат предноста во глобалната трка во електрификацијата, откако заостанаа зад ривалите на светско рамниште, како Тесла или кинески БИД.
Извршниот директор Макото Учида на 25-ти март го објави новиот план за бизнис во среден рок. Со него се предвидува 40 проценти од светската продажба на Нисан да доаѓа од чисто електрични возила, во фискалната година што завршува во март 2031 година. Тоа е за девет проценти повеќе од планот за тековната фискална година.
Клучната улога за тоа ќе ја има новата генерација модуларни електрични модели, што ќе почнат да се појавуваат во април 2027 година. Нисан очекува дека електричните автомобили ќе постигнат иста цена со бензинците до завршетокот на десетлетието.
Вкупните трошоци ќе се смалат за 30 проценти во споредба со сегашните ЕВ. Нисан верува дека трошоците за развој на следната генерација електрични модели може да ги смали за околу една милијарда долари.
Нисан верува дека може да постигне батериите со цврст електролит до 2028 година да акумулираат двојно повеќе енергија во споредба со литиум јон батериите, полнењето да се скуси за една третина и цената да се сведе на 75 долари по киловатчас.
Нисан очекува дека набрзо потоа ќе може трошоците да ги спушти на 65 долари, со што ќе се постигне ценовен паритет со моделите со бензински мотор.
Пресвртница во батериите
Меѓу останатите нови технологии за батерии на коишто се работи се наоѓаат следната генерација на литиум јон батерии со никел-кобалт-манган, како и батерии со литиум железен фосфат.
Литиум јон батеријата со никел-кобалт-манган ќе овозможи скусување на полнењето за 50 проценти, и исто толкав процент на зголемување на енергетската густина, во споредба со батеријата што се користи во тековниот кросовер Арија.

Нисан има намера новата литиум јон батерија да ја вгради во кросовер со три реда седишта, што ќе почне со продажба во 2029 година.
Батериите со железен фосфат, што обично чинат помалку од никел-кобал-манган батерија, ќе бидат за околку 30 проценти поевтина од стандардната литиум јон батерија во Сакура.
Овој вид батерии ќе се произведува во Јапонија и ќе почне да се вградува во домашните малечки возила, почнувајќи од 2029 година.
Училиште за готвење
Батериите со цврст електролит ветуваат напредок во безбедноста, трошоците, тежината и перформансите. Клучно е тоа што новите батерии ќе овозможат електричниот погон да навлезе и во популарните сегменти возила, како што се пикапо, големи СУВ и спортски автомобили, каде што се важни тежината и големината на батеријата.
Развојот е насочен кон усовршување на контролата на квалитетот. Керамичките сепаратори се кршливи, може да се создадат дендрити во електролитот што изгледа како кит и да предизвикаат краток спој во батеријата. Друг проблем е тоа што масовното производство бара прецизни стандарди што се тешки да се одржуваат.
Меѓу предизвиците спаѓа и правилното мешање на суровините за електролитот и за електродите, за да се постигне рамномерен состав, по што смесата се нанесува нежно во слоеви.
Не е лесно и да се најдат вистинските состојки.
Нисан се реши за цврст електорлит на база на сулфиди, со средство за поврзување што навлегува во честичките на електролитот, место да ги обвива. На тој начин се постигнува подобро пренесување на јоните, во споредба со претходните хемиски постапки, во коишто средството за поврзување го оневозможуваше тоа.
Пристапот на Нисан се разликува и по тоа што во анодата користи литиум-метал хемиска постапка, место графит. Тоа овозможува поголем енергетски капацитет, но е потешко за работа, поради поголемата толеранција на ширење и собирање при полнењето и празнењето. Исто така мора да се спречи секаква нечистотија, за да се избегне пренесување на топлината.
Нисан вложи многу време во изучување на постапките на мешање што се користат во светот на кулинарството, за да се усоврши техниката.
„Исто е како готвење“, кажува Казухико Мурата, потпретседател за погонски единици и производство на ЕВ.
На крајот, електролитот треба да се зготви во сува просторија. Тоа бара целата просторија да се затвори херметички и да се извлече влажноста.
Пробната фабрика на Нисан покрива површина од 10.000 метри квадратни, широка е 75 метри и долга 135 метри. Таа е дел од поранешна фабрика и може по потреба да се прошири. Нисан очекува во фабриката да работат околу 200 лица.
Светската трка
Јапонските производители се најоптимистички околу новата технологија. Тојота, Нисан и Хонда сметаат дека батеријата со цврст електролит ќе влезе во прозиводство во втората половина од десетлетието.
Европските производители, како Фолксваген и БМВ исто така работат на новите батерии, а се придружија и кинеските соперници, како САИЦ и ГАЦ.
Тојота лани објави дека планира две верзии на батерии со цврст електролит.
Првата ќе влезе во производство во 2027 или 2028 година. Досегот ќе биде над 1.000 километри, а полнењето до 80 проценти ќе трае 10 минути.
За втората верзија нема поставено рок, но Тојота за неа очекува досег над 1.200 километри.
Тојота во 2020 година прикажа прототип на возило со батерија со цврст електролит, во концептот Ел-Ку.















