Подмарката АјДи.ЈуЕкс е обид на германската марка да си го врати делот од пазарот што го изгуби од локалните соперници од ковот на БИД. Во предвечерието на салонот во Пекинг, Фолксваген го прикажа и концептот АјДи Коуд СУВ.
Фолксваген воведува нова подмарка електрични возила за Кина и прикажа концепт што го претставува новиот изглед, наменет посебно за кинеските купувачи. Тоа е дел од новата стратегија што има за цел да го врати уделот на германскиот концерн на најголемиот автомобилски пазар во светот.
Концептот е наречен АјДи Коуд и претставува СУВ со ниска силуета, што најавува „целосно нова генерација СУВ“ за Кина, објави Фолксваген во соопштението, пред автомобилот да биде прикажан премиерно на настан во предвечерието на салонот во Пекинг.
Автомобилот е „поглед во иднината на Фолксваген во Кина,“ порачува во соопштението Томас Шефер, извршен директор на марката Фолксваген. „АјДи Коуд е развиен посебно за потребите и желбите на нашите кинески клиенти,“ додаде директорот.
Фолксваген исто така лансираше подмарка електрични возила АјДи.ЈуЕкс што е „дизајнирана за посебно да ги привлече помладите клиенти,“ соопштуваат од компанијата. Првиот модел на АјДи.ЈуЕкс ќе биде Јуникс и тој ќе биде прикажан подоцна во текот на годинава, без сега да бидат соопштени повеќе поединости.
Новата марка ќе се одликува со „прогресивен“ надворешен дизајн, заедно со „возачко-центричен“ ентериер, со нов дисплеј и кориснички дисплеј што е дизајниран за да им се допадне на помладите купувачи.
Фолксваген е во мисија да си го врати делот од пазарот во Кина, откако домашната марка БИД ја презеде титулата на најголем производител на автомобили во земјата. Германците порачаа дека тоа ќе се смени по 2026 година, кога Фолксваген повторно ќе го зголеми својот удел на кинескиот пазар.
Концернот во средата им соопшти на инвеститорите дека има поставено цел да продаде 4 милиони возила во 2030 година, со оперативна добивка од 3 милијарди евра и место меѓу трите најголеми производители на пазарот.

Нови партнерства во Кина
Под раководствената палка на извршниот директор Оливер Блуме, концернот Фолксваген договори нови партнерства во Кина. Тоа меѓу другото вклучува соработка со локалниот производител на електрични автомобили Експенг.
Фолксваген ќе произведува четири електрични модели од основниот ценовен сегмент, што ќе бидат конструирани врз новата платформа наречена Чајна Мејн Платформ (ЦМП), почнувајќи од 2026 година. Платформата ЦМП се развива во соработка меѓу Фолксваген Чајна Технолоџи Компани (ВЦТЦ) и заедничката компанија на САИЦ Фолксваген и ФАВ Фолксваген. Германскиот концерн го објави тоа уште на 17-ти април.
ВЦТЦ има цел да го скуси времетраењето на развојот за 30 проценти, соопшти Фолксваген во средата.
Експенг претходно објави дека заедно со ФВ ќе развие платформа наречена Чајна Електрикал Архитекчр (ЦЕА), што ќе се користи за електрични возила под марката Фолксваген, развиени локално, стартувајќи во 2026 година. Тоа ќе бидат т.н. софтверски дефинирани возила, што ќе бидат поевтини за производство.
Двата партнери имаат цел да ги скусат трошоците до 40 проценти за плаформата што е развиена во Кина, во споредба со платформата МЕБ што Фолксваген ја има развиено во Германија.
Фолксваген исто така има намера да лансира 12 нови модели со мотори со внатешно согорување и шест модели со приклучен хибрид до 2030 година. Вториве ќе располагаат со електричен досег до 100 километри.
Концептот АјДи Коуд беше претставен како лик на иднината на германскиот производител во Кина, со интерактивни светла, аватар асистент базиран врз вештачка интелигенција и способност за самостојно управување од 4-то ниво.
„Фаст енд футуристик“
Според ФВ, мекиот и едноставен изглед на автомобилот во стил на купе е во исто време „фаст енд футуристик“.
Каросеријата се одликува со „исклучителна аеродинамичност“ и има одвај забележливи шини во покривот. Назад, кровниот спојлер продолжува над прозорецот и има отвори оздола за воздухот да може да струи, што овозможи да се задржи меката форма на опашот.
Напред има тенка, долга 3-димензионална светлечка лента, што е наречена Лајт Клауд и има повеќедимензионална структура, што комуницира со околината, покажувајќи, на пример, кога возилото во моментот се наоѓа во самостојно управување.
Браникот под светлечката лента исто така служи како интерактивен екран што прикажува информации, на пример, временска прогноза. Кога дисплејот е исклучен, браникот изгледа како да е лакиран во бојата на каросеријата.

Внатрешноста е осмислена како „подвижна дневна соба“. Кога возачот се приближува кон автомобилот, на полупроѕирните дисплеи отстрана се појавува аватар поддржан од вештачка интелигенција, што го поздравува возачот и го информира.
Истиот аватар се појавува и внатре, со улога на „совршен совозач“.
Фолксваген се посветува на паметни интерактивни функции, за да одтовори на кинеските конкуренти, главно на БИД, Џили и ГАЦ, коошто вложуваат големо внимание во внатрешноста, со дисплеи и онлајн-функции.
















