Дојде време и Мерцедес Г-Класа да почне да вози на струја

Мерцедес истовремено во Пекинг и во Лос Анџелес ја прикажа долго очекуваната електрична изведба од Г-Класа.

Погонот на батерија на Мерцедес Г-Класа е добар за чист воздух, но тој обезбедува предност и при возењето по терен. Сето тоа си има соодветна цена.

Големите автомобили доаѓаат на голема врата. Со две премиери во исто време, во Пекинг и во Лос Анџелес, Мерцедес кусо пред отворањето на салонот на автомобили во Пекинг ја прикажа електричната Г-Класа и уште два нови модели со мотори со внатрешно согорување.

Појавувањето на „електросаурусот“, електричната изведба на еден од иконските модели на Мерцедес, на Г-Класата, беше најавено уште во времето на поранешниот шеф на Дајмлер-Бенц, Дитер Цече, на тогашниот салон на автомобили во Детроит. Мошне важен лик од премиерата тогаш беше и Арнолд Шварценегер, ѕвезда од секој ков. Тие не присуствуваа на свеченоста во Калифорнија, иако на настанот се појавија бројни актерки и актери.

Премиерата во Кина мина без толку масовно присуство на личности од филмскиот свет, но секако дека и таму не недостигаше гламур. Во прочуениот уметнички кварт 798, поранешен индустриски комплекс, беше поставен огромен резервоар за гас во знакот на иконскиот модел на Мерцедес-Бенц.

Според бројот на продадените возила во Кина, најголем пазар за автомобили во светот, Г-Класа е далеку од С-Класа или од Е-Класа. Но, таа е „важно возило“ за имиџот и за поврзувањето со клиентите, како што објасни шефот за развој Маркус Шефер во разговор со новинарите.

Гасометарот, резервоарот за гас во уметничкиот кварт 798 беше целосно во знак на Г-Класа

Еден од неколкуте избори

Во 2023 година беа произведени повеќе од 40.000 примероци од моделот што му носи одлична заработка на Мерцедес-Бенц. Покрај тоа што Г-Класа по природа е ексклузивен модел, таа обично се нарачува со бројни опции, што дополнително ја качуваат цената.

Од Мануфактурата, како што се води одделението за специјални нарачки на Мерцедес-Бенц, може да се побара дури и обвивката за резервното тркало назад да биде изработена по желба. Теренецот по правило се нарачува во изведбата АМГ со силна моторизација, така што на крајот излегуваат цени од прелу 200.000 евра.

Во Кина досега се продадени околу 50.000 примероци од Г-Класа, што прави земјата да биде втор најголем пазар за моделот, по САД. Оваа безвременска коцка на тркала во меѓувреме може често да се види и по улиците на Пекинг.

Електричната Г-Класа беше најавена пред една година, како почеток на нова ера. На примиерата во Пекинг сепак се слушаше друг тон. Место да се нагласува дека тоа е иднината на Г-Класа, менаџерите ја спомнуваа електричната изведба само како уште една можност за избор во гамата на луксузниот теренец.

Маркус Шефер не прогнозира околу уделот што електричната изведба ќе го има во продажбата на Г-Класа. „Ќе видиме како ќе се решаваат клиентите“, кажа тој. За тоа решаваат и субвенциите што постојат на одредени пазари за електричните возила. „Најважно е да имаме широка понуда од погони.“

Г-свртувањето е дозволено

Независно од продажбата што ќе ја постигне, Г-Класа ќе испрати важна порака на кинескиот пазар. Имајќи ја предвид растечката конкуренција од домашни производители, Мерцедес има за цел со возилото да ја нагласи својата надмоќност во технологијата.

Батеријата има посебна заштита и располага со капацитет од 116 кВч. Тоа дозволува досег до 473 километри според европскиот и 570 километри според кинескиот циклус. Во вториот случај, нормата за мерење на досегот предвидува помалку возење по автопат, каде што електричната Г-Класа со својата коцкеста каросерија троши повеќе енергија. Тоа нема да смени многу во прифатеноста, затоа што електричната Г-Класа главно ќе се вози во бавниот градски сообраќај.

Електричната изведба има предности и надвор од асфалтот. Електромоторите што се поставени блиску до тркалата може да се управуваат одделно. Со тоа се овозможува т.н. Џи-Турн, односно Г-свртување, кога возилото буквално свртува во место.

Со вкупната моќност на електромоторите од 432 кВ и со максимален вртежен момент од 1.164 њутнметри, електричната Г-Класа не заостанува во перформансите зад верзиите со мотор со внатрешно согорување.

На терен, Г-класа може да се наведне странично до 35 степени без да се преврти, а може без проблем да се искачува и во рикверц. Во поглед на длабочината на река, Г 580 со технологија Е-Ку може да си дозволи да понира до 85 сантиметри, што е за 15 сантиметри повеќе во споредба со бензинците и дизелите.

Цената е значително повисока во споредба со бензинците

Во внатрешноста е вложено многу труд за да се постигне уште повисока удобност. Во тоа меѓу другото учествува инфо-забавен систем МБУКС од најнова генерација, заедно со дисплеј од 12,3 инчи.

На располагање стојат бројни програми за возење, што од една страна помагаат да се смали потрошувачката, додека од друга страна обезбедуваат и најсоодветно управување со работата на електромоторите според условите. Во тоа спаѓа и Џи-Роар, кога од безшумен автомобил, Г-класа се претвора во машина за звук. Дури и за полнењето е изработена посебна аудио програма.

Сета оваа техника има и своја цена. Германскиот ценовник за Г 580 со технологија Е-Ку почнува од 142.621,50 евра. За споредба, моделите со класичен погон почнуваат од 118.256 евра. За воведната серија Едишн Уан треба да се смета на цена од 192.524,15 евра.

Мерцедес-Бенц веќе почна со нарачки за Европа, а испораките ќе следат веќе во втората половина од годинава. Клиентите во Кина и во САД ќе мора да се стрпат уште малку.

Претходна објаваЛамборгини го унапреди Урус во хибрид од 800 КС
Следна објаваФолксваген ќе понуди посебна марка за млади Кинези

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here