за ,

Ламборгини го унапреди Урус во хибрид од 800 КС

Урус СЕ со погон на сите тркала спринтува до темпо сто за 3,4 секунди и може на струја да мине до 60 километри, вели Ламборгини.

Меѓу надворешните обележја на Урус СЕ се тркалата од 23 инчи, хауба што досега до маската и нови светла.

Ламборгини додаде можност Урус да се нарача во изведба со приклучен хибриден погон. Таа сега е најсилната изведба на луксузниот СУВ, со заедничка моќност на моторот и електромоторот од 800 КС.

Урус СЕ ја имаше својата премиера во средата, непосредно пред отворањето на салонот во Пекинг. Погонската спрега ја сочинуваат електромотор со 192 КС и твин-турбо Ве-8 со моќност од 620 КС.

Батеријата од 25,9 кВч е поставена над задниот диференцијал и на Урус му обезбедува електричен досег од 60 километри. Во чисто електричен начич на работа, хибридниот Урус може да вози најбрзо 130 километри на час, за батеријата да не се испразни пребрзо.

Воведувањето на хибридната изведба има за цел да се скуси емисијата на ЦО2 на марката, пред еколошки будната ЕУ. Италијанците засега не објавуваат податок колкава е таа емисија за хибридниот модел, затоа што се наоѓа во фаза на хомологација, меѓутоа ветуваат „радикално намалување“ во споредба со Урус С со неговите 320 грами ЦО2 на километар.

Ламборгини тврди дека Урус СЕ е најбрзиот автомобил од сериско производство во сегментот на ултра-луксузните возила. Тоа значи дека тој е подобар и од неодамна освежениот Астон Мартин Де Бе Икс 707 – со број што укажува на коњските сили – како и од Бентли Бентајга и од Ролс Ројс Калинан што повеќе е насочен кон комфорот.

Со погон на сите тркала, Урус СЕ спринтува до темпо сто за 3,4 секунди, за десетинка подобро од Урус С што располага со 657 КС. Највисоката брзина е 312 километри на час.

Од четирите ривали, единствено Бентли располага со изведба со приклучен хибриден погон, но во неа се вградува мотор Ве-6 со пониска моќност.

Приклучните хибриди стекнуваат популарност кај луксузните марки

Приклучните хибриди стануваат популарен избор кај производителите на ултра луксузни возила. Намерата е на тој начин да се смали емисијата на ЦО2, но на купувачите пак да им се понуди искуство на возење автомобил со мотор со внатрешно согорување, во време кога расте побарувачката за целосно електрични модели забавува.

Бентли, на пример, најави дека целата своја понуда од модели ќе ја префрли на приклучни хибриди до 2026 година. „Забележуваме зголемување на прифаќањето и побарувачката за хибриди“, изјави извршниот директор Адријан Холмарк во март.

Астон Мартин кажа дека своите модели со мотор напред ќе ги префрли на приклучен хибрид, вклучувајќи го и СУВ-моделот Де Бе Икс. Британската марка ќе го пушти во продажба својот прв модел со приклучен хибрид – суперспортскиот автомобил во ограничена серија Валхала – подоцна во текот на годинава. „ПХЕВ-програмата ќе биде мост меѓу погон што целосно е со мотор со внатрешно согорување и погон што во целост е електричен“, изјави Лоренс Строл, претседател на Астон Мартин, во почетокот на месецов. „Тоа ќе потрае извесно време.“

Ламборгини претстави концептна изведба на целосно електричен модел Ланцадор, за којшто вели дека ќе се придружи во моделската понуда во 2028 година.

Батеријата на Урус СЕ се наоѓа над задниот диференцијал.

Зафати во стилот и во внатрешноста

Урус СЕ има различен стил, со хауба што завршува директно во маската. Ламборгини објаснува дека со овој зафат се повикува на суперавтомобилот Ревуелто, нивниот прв модел со приклучен хибриден погон.

Меѓу останатите обележја се матричните диодни светла со нова светлечка графика, што потсеќа на опашот на бикот од амблемот на Ламборгини.

Назад има нов дифузор, што има функција да го подобри потисокот при висока брзина, а исто и регистерската ознака се поставува подолу.

Внатре е вграден поголем средишен дисплеј, со пречник од 12,3 инчи, вклучувајќи ново мени, за коешто Ламборгини тврди дека е полесно за ракување.

Во возењето може да се избира меѓу 11 режими, од коишто четири се однесуваат на електричниот погон. ЕВ Драјв, Хибрид, Перформанси и Ричарџ.

Во кокпитот е вграден нов и поголем дисплеј, со пречник од 12,3 инчи. Постојат 11 програми за возење, од коишто четири се наменети за хибридниот погон.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Европски суд на ревизори: „Е-горива и био-горива не се решение“

Дојде време и Мерцедес Г-Класа да почне да вози на струја