Во расправата околу следните чекори што ЕУ треба да ги презема за климата, Европскиот Суд на ревизори се изјасни дека е-горивата и биогоривата не се соодветна замена за електричните автомобили.
Европскиот Суд на ревизори ги предупредува политичарите на ЕУ дека за намалувањето на емисијата на ЦО2 во транспортот се обложуваат на погрешен коњ. Според ревизорите, е-горивата и биогоривата се несоодветни за да се постигнат целите за заштита на климата што ЕУ ги има поставено за сообраќајниот сектор.
„Алтернативни погонски горива, како е-горива или водород, често се спомнуваат како можни наследници на бензинот и дизелот. Меѓутоа, како што ние согледавме при нашата проверка на биогоривата, тие во моментов не може да претставуват веродостојна и трајна замена во голем обем“, објасни на средбата со новинарите Николаос Милионис, одговорен за ревизија на издатоците за заштита на климата во секторот сообраќај.
„Заклучно може да се каже: Според досегашното одвивање на развојот, електричните автомобили се чинат како единствен начин за во ЕУ да се постигне возен парк со нулта емисија,“ порачува Милионис, кој претходно работеше како потпретседател на грчкиот ревизиски суд.
Европскиот Суд на ревизори е надлежен за правилно да се спроведува политиката на издатоци во ЕУ и со таа цел со помош на повеќе од 900 вработени постојано го проверува домаќинското работење на Унијата. Судот може да спроведе ревизија во сите држави членки на ЕУ и да изрече опомена, меѓутоа не може прекршоците да ги санкционира со правни мерки – тоа останува на државите членки.
„Новите автомобили се поефикасни, но не и поштедливи“
Ревизискиот суд ѝ префрлува на европската автомобилска индустрија, дека и покрај сите технички подобрувања, на крајот нема постигнато намалување на емисијата на ЦО2 на новите возила. „Со жалење мораме на утврдиме, дека повеќето обични автомобили и покрај амбициозните цели и построги барања и натаму испуштаат исто толку ЦО2 како пред дванаесет години“, порачува членот на судот Милионис.
Вистина е дека моторите се поштедливи, но напредокот пак се губи со тоа што автомобилите во просек се потешки за 12 проценти и имаат за 25% посилни мотори, што се потребни за таа тежина да се движи.
Биогоривата не се достапни во доволен обем
Судот не гледа апсолутно каква било замена за батериските електрични автомобили во примената на биогорива. „Бидејќи тие не може да бидат достапни масовно, биогоривата не се трајна и веродостојна замена за автомобилите“, објаснува Милионис.
Од една страна, биомасата што се создава во ЕУ е недоволна за таа да биде вистинска замена за обичните фосилни горива. Доколку биомасата што е неопходна, претежно се увезува од трети земји, тоа се коси со целта за стратешка независност во енергетиката. Покрај тоа, биогоривата ѝ се конкуренти на прехранбената и фармацевтската индустрија, во користењето на суровините.
Зависноста од суровини е стратешки ризик
Судот за ревизија, на политиката на ЕУ ѝ препорачува батериските електрични автомобили, „како единствена применлива замена“, да продолжи да ги подржува и во иднина. Сепак постојат неколку проблеми.
Од една страна, ЕВ уште се премногу скапи за крајните корисници, за тоа да може да има масивно влијание врз намалувањето на ЦО2 од сообраќајот. Понатаму, Европа е премногу зависна од бројни суровини за производство на батерии, што повлекува сериозни геополитички ризици. Голем број од земјите од коишто доаѓаат суровините се политички нестабилни.
Мрежата од полначи не следи во чекор
Ревизискиот суд е загрижен и околу бавната изградба на мрежата од полначи на цела европска територија.
„Недостасуваат полначи во цела ЕУ. Нивниот број во моментот на ревизијата беше далеку под целта од еден милион места за полнење до 2025“, објаснува Милионис.
Исто така постојат големи разлики во бројот на јавно достапни полначи од една до друга земја. Тие се посебно ретки на Истокот на Европа. Во моментов, 70 проценти од местата за полнење се наоѓаат само во Германија, Франција и Холандија.
„И покрај успесите, како што е случајн со воведувањето заеднички стандарден приклучок во ЕУ за полнење на електричните автомобили, и натаму е тешко ЕУ да се мине со електрични автомобили“, заклучува ревизионерот. Понатаму, проблем е тоа што сé уште не постои заеднички систем за плаќање за станиците за полнење.
















