за

Натриум батерија се полни за секунда: Револуција во автоиндустријата?

Сосем нов вид батерија се полни за само неколку секунди. Вообичаениот проблем: Цената.

Корејски научници развија сосем нов вид хибридна батерија во лабораториски размери.

Хибридна натриум јон батерија носи нови надежи. Новата батериска техника од Кореја ветува времетраење на полнењето на батеријата од само неколку секунди. Голема пречка е што таа е исклучително скапа и уште не е проверено колку таа е безбедна.

Батерија што се полни целосно за само неколку секунди би претставувала револуција во возењето електрични автомобили. Корејски научници во лабораторија развија нов вид хибридна батерија, што ветува ништо помалку од револуција.

Новата ќелиска хемија е развиена во Корејскиот институт за наука и технологија КАИСТ. Тој се вбројува меѓу најугледните истражувачки капацитети на земјата што се цени во светот на високата технологија.

Како што соопштуваат оттаму, на научниците на КАИСТ им успеа да ги отстранат главните недостатоци на натриум-јон батериите. Оспегот на можните подрачја на примена е речиси безграничен, ветуваат научниците. „Се очекува таа да биде наменета за услови кога се бара брзо полнење, почнувајќи од електрични возила, преку паметни електронски уреди, до аеро- и астро технологии.“

Се користи супер-кап технологија

Основа на батеријата е натриум јон ќелиска хемија, каква што наскоро ќе почнат да произведуваат неколку кинески производители на батерии, и којашто ќе се вградува во возилата на повеќе кинески производители на автомобили. БИД е меѓу производителите што најавија дека ќе ја применуваат оваа батерија што е поевтина и со тоа им отвора нов пазар на електричните автомобили. КАТЛ потврди дека ќе произведува ваков вид ќелии во индустриски размери.

Натриумот е застапен 500 пати повеќе од литиумот и со тоа е далеку поевтин. Сопката е во тоа што батерија врз таква основа, со иста големина и иста тежина, има значително помал капацитет и бара значително подолго полнење.

Научниците на КАИСТ, предводени од главниот истражувач на материјали Јеунг Ку Канг, во тешко разбирливо стручно објаснување, наведуваат дека развиле натриумска батерија, што се полни целосно за неколку секунди и во исто време може да оддава многу поголема количина енергија.

Главната иновација се состои во примената на нов материјал за анодата, што располага со слични својства како големите кондензатори, што веќе подолго се присутни во светот како Супер-Капс (супер капасититорс, односно супер кондензатори). Пречката беше во тоа што овие Супер-Капс можат да акумулираат само мала количина енергија.

Фото: Kaist ac kr
Фото: Kaist ac kr

Одлични својства, но и цената не е од овој свет: Тоа е старата дилема во развојот на новите видови батерии

Експертот за батерии Максимилијан Фихтнер: Прескапо, преопасно

Прашање е дали корејската супер-батерија некогаш ќе излезе од лабораторија. Проблеми се мошне високата цена и уште неразјаснетите прашања околу безбедноста.

Еден од водечките германски истражувачи на батерии, Максимилијан Фихтнер, од Институтот Хелмхолц во Улм (ХИУ), им искажува почит на своите колеги во Кореја: „Тоа е убаво достигнување во истражувањето, коешто донесува вредни сознанија – но, тоа не одговара за техничка примена.“

Фихтнер ги погледна објавените резултати од истражувањето на КАИСТ и дојде до заклучок: „Материјалите би требало да чинат неколку стотици евра по грам и користениот електролит на база на перхлорат исклучува можност за техничка примена, бидејќи тоа може да повлече проблеми околу безбедноста.“

Со тоа, неговиот заклучок е многу разочарувачки за производителите на автомобили: „Како лабораториска студија, секако дека тоа може да се направи. Но, кога ќе треба да се работи со килограми, па и со тони, ризикот е голем.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фолксваген ќе понуди посебна марка за млади Кинези

Тојота со рекордно производство, побарувачката одлична