за

Електричните забавуваат, хибридните ја забрзуваат продажбата

Мерцедес, Фолксваген и Волво работат на збогатување на својата понуда од модели со хибриден погон.

Мерцедес ја нуди новата Е-Класа со разновидна понуда од приклучни хибриди. Тоа вклучува и дизелски приклучен хибрид, што по норма минува над 100 километри на струја. Од премиерата во Мак Аутостар

Забавувањето на побарувачката за целосно електрични модели во Европа и во САД им дава неочекуван нов поттик на хибридните автомобили.

Во февруари, продажбата на батериски електрични возила (БЕВ) во Германија се намалила за 15 проценти, на 27.479 возила. Во исто време, побарувачката за хибриди се зголемила за 18 проценти, на 69.367 возила. Тоа вклучива и раст од 22 проценти кај приклучните хибриди, коишто постигнаа продажба од 14.575 возила.

Во САД, вториот најголем пазар во светот по Кина, залихите од електрични возила кај производителите лани се зголемиле за 92 проценти. Тие залихи кон завршетокот на 2023 година биле доволни за да се покрие просечната побарувачка за 113 денови. За споредба, вкупните залихи од возила биле доволни за 69 денови.

Во јануари во САД биле регистрирани за 15 проценти повеќе БЕВ во споредба со лани. Тоа е значително забавување во споредба со растот од 52 проценти за минатата година, посочуваат од С & П Глобал Мобилити.

Забавувањето на продажбата ги погодува и добавувачите.

Витеско ја зголемил продажбата на делови за електрични автомобили помалку од очекувањата. Продажбата во последниот квартал лани се зголемила на 1,3 милијарда евра, во споредба со 1,1 милијарда евра во истиот период во 2022 година. Германскиот производител на компоненти обвинува дека „незначителното зголемување на продажбата“ е виновно за „забавувањето на побарувачката на компоненти за електрични возила“ во последните три месеци од минатата година.

Volvo во април со двојно зголемена продажба
Иако Волво има цел да прерасне во целосно електрична марка до 2030 година, Швеѓаните и натаму планираат да им дадат „повеќе љубов и грижа“ на некои од своите приклучни хибриди. Волво Икс Це 60 ПНЕВ е најпродаван модел со таков вид погон во Европа.

Иднината е електрична

На долг рок, традиционалните производители и натаму се обложуваат дека иднината ќе биде електрична и планираат соодветно на тоа. Извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, во минатата седмица кажа дека најголемиот производител во Европа е подготвен да ги приспособи своите планови за производство, доколку продолжи да забавува продажбата на ЕВ.

Фолксваген исто така ги скуси цените за своите ИД модели за да ја забрза нивната продажба во Европа.

Планираната моделска офанзива на концернот Фолксваген за 2024 година вклучува пуштање во продажба на електричната лимузина од средна класа ФВ ИД7 и на миниванот ИД Баз, како и на електричниот СУВ-модел Порше Макан и на неодамна претставениот Ауди Ку6 Е-трон.

Во 2024 година, Волво Карс, коишто планираат да продаваат само електрични автомобили по 2030 година, ќе пуштат во продажба три електрични модели: Малечкиот СУВ Е Икс 30, големиот СУВ Е Икс 90 и луксузен ван ЕМ90 што е наменет главно за Кина.

На Европа уште ѝ недостигаат полначи за електрични автомобили, истото важи и за САД, и очигледно дека е потребно подолго време за да се заврши транзицијата. Како резултат од тоа, производителите на автомобили и добавувачите им се посветуваат на хибридите, како преоден чекор.

„Гледаме како голем број купувачи се решаваат за приклучен хибрид како прв чекор кон целосна електрификација, а следниот автомобил што ќе го купат ќе биде целосно електричен автомобил,“ кажа заменик извршниот директор на Волво и комерцијален директор Бјорн Анвал.

Имајќи го тоа во предвид, Анвал кажа дека Волво ќе им даде „натамошна љубов и грижа“ на одредени модели со хибриден погон. Тоа ќе биде постигнато преку додавање елементи во надворешноста и внатрешноста, како и во инфо-забавните системи, за да се привлечат повеќе купувачи.

Извршниот директор на концернот Фолксваген за Америка, Пабло Ди Си, во минатата седмица кажа за време на годишната конференцијата на концернот дека се размислчува за приклучните хибриди да се понудат во САД.

Тој посочи дека ФВ Тигуан со приклучен хибрид бил неодамна лансиран во Европа. СУВ-моделот може со полна батерија да мине до 100 километри.

Фолксваген и Волво не се единствени производители на автомобили што им даваат свеж лик на своите хибриди. Уште неколку марки очекуваат дека хибридите ќе останат важни во понудата подолго отколку што се претпоставуваше.

„Додека продажбата на некои електрични автомобили не е толку висока како што се предвидуваше, ние се соочуваме со раст кај автомобилите со мотори со внатрешно согорување и хибриди. Исто така забележуваме дека производствениот век на тие автомобили се продолжува значително,“ кажува заменикот извршен претседател за автомобилски решенија во ЗФ Фридрихсхафен, Петер Холдман.

Мерцедес го продава својот ГЛЦ и во изведба со приклучен хибрид. Во јануари тој беше трет најпродаван модел со таков вид погон во Европа.

Поместување на границите на хибридите

Зголемената побарувачка за хибридите ги поттикнува производителите да ги поместат границите на тоа што можат да го понудат хибридните модели. За идните модели, ЗФ ветува дека ќе понуди „важни елементи“што ќе овозможат приклучните хибриди да постигнат електричен досег од преку 100 километри. Во Кина, неколку клиенти на ЗФ веќе имаат пуштено во продажба хибриди со досег што е „значително поголем“ од 100 километри, кажува Холдман.

Мерцедес-Бенц исто така упорно нуди приклучен хибрид со дизел мотор, што го нуди „најдоброто од двата света“, кажа извршниот директор Ола Келениус во разговор со германскиот магазин ауто мотор унд шпорт. „На куси растојанија, тие може да се возат чисто електрично,“ кажа тој, „додека на подолгите патувања е посебно ефикасно и удобно со дизел мотор.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Во 2019та год, предвидов (не во Вашиов медиум) дека во период меѓу 2025/26та ќе се донесе ревизија на првично-замислениот план за отфрлање на моторите СВС во 2035та год и ќе продолжат да се употребуваат и после тој (краен) период, комбинирани и како хибриден систем и спрема типот на гориво што ќе се користи за нив. Тоа, како што гледам, се остварува и тоа од истите причини што ги предвидев – бројот на полначите, потребата од надградба на електричната мрежа за да може да истрае поголем и помоќен број на полначи, производството на струја кое, неизбежно, ќе мора да се зголеми (на кој начин – јаглен, нуклеарна енергија или обновливи извори – хидро/ветер/сонце) и најважното од се – батеријата, која вградена во возило има доста ограничувања (не вклучувајќи го факторот за нејзината “еколошка” изработка од ретки материјали и гео-политичкиот монопол кој го има Кина). Иднината дефинитивно е електрична, но не и батериска. Доволно е само да се погледнат изјавите од главните луѓе на Тојота и да се види кој тип на погон ќе доминира во идните возила – горивни ќелии и хибридни системи (неизбежни се во горивните ќелии), затоа што Тојота еднаш се има докажано со обложување на одреден тип на технологија (хибридни системи), кога сите други се обложуваа на дизел. Единствено што останува нејасно зошто автомобилските гиганти не ги комбинираат хибридните системи со тип на горива кои се познати по тоа што не се големи загадувачи кога ќе се преработат во моторот СВС, а тоа се ТНГ/КЗГ/етанол итн. Таква комбинација би дала драстично намалување на издувните емисии од возилата, наместо сеуште да се користи дизел.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

БМВ лани ја зголемил продажбата на електричните за 75 проценти

Електричниот Фиат 500 може да добие и бензинска изведба