за

Електричниот Фиат 500 може да добие и бензинска изведба

Тековниот Фиат 500 со благ хибриден погон повеќе нема да може да се продава во Европа по јули, поради чудните нови закони за сајбер безбедност. Во меѓувреме забавува пазарот за електричниот 500е.

Пресвртница околу третото поколение на Фиат 500, што требаше да вози само електрично. Можно е Торино да го понуди култниот модел и како бензинец.

Воведување изведба со бензински мотор во гамата на актуелниот Фиат 500е, односно Фиат Нуова 500, што досега се нуди исклучиво во чисто електрична изведба, може да смени многу нешта за италијанската марка. Тоа го јавуваат лица што се упатени во плановите на Торино.

Во почетокот на месецов, Фиат испратил барање до добавувачите, за тие да се подготват за зголемување на продукцијата на 500е во фабриката Мирафиори. Од ланската продукција од 77.260 возила, за годинава се планира фабриката на Стелантис да ја подигне продукцијата на 175.000 возила. Вестите околу можноста Фиат 500е да се понуди и во бензинска изведба прв ги објави дневникот Ил Кориере дела Сера.

Во таа продукција, бензинската изведба ќе учествува со 100.000 примероци, откриваат добавувачите, коишто бараат да се задржи анонимноста на изворот за доверливата информација, затоа што Фиат уште нема решено како ќе постапи околу тоа прашање.

Мошне е невообичаено, автомобил што е конструиран да се произведува исклучиво во електрична изведба, да се префрли на бензински мотор. Таквиот чекор е сосем неочекуван и поради фактот што Фиат веќе има верзија на 500 со бензински мотори, што се продава одлично, иако Торино почна со продажба на моделот уште во 2007 година. Бензинскиот 500 користи сосем различна платформа и каросерија во споредба со електричниот 500е, и се произведува во Тихи, Полска.

Додавањето бензинска изведба од 500е во фабриката во Мирафиори ќе ги смири и стравувањата на работничкиот синдикат, којшто е загрижен поради забавената продажба на електричниот 500е, како проблем што ја погодува целата индустрија. Овој чекор би бил поздравен и од италијанската влада, којашто бара продукцијата на автомобили во земјата да се зголеми на најмалку еден милион возила годишно. Концернот Стелантис е единствен голем производител на автомобили во Италија.

Фиат лани продаде преку 104.000 примероци од бензинскиот 500 и уште преку 63.000 примероци од електричниот 500е во Европа, покажуваат податоците од Датафорс.

Производството на верзијата на 500е со благ хибриден погон, со еднолитарски мотор Фајерфлај со 70 КС, што се користи во класичниот 500 и во вториот мини-автомобил на Фиат, во Панда, би можело да започне најрано кон завршетокот на 2025 или во почетокот на 2026 година, кажуваат упатени извори.

Фиат 500 се произведува од 2007 година, меѓутоа нема да може да се хомологира за новите закони за безбедност и за сигурност од сајбер напади. Тој и натаму ќе се продава во Африка и на Средниот Исток, со план неговата монтажа да се префрли во Алжир.

Решаваат повеќе фактори

Повеќе фактори говорат во корист на чекорот на Фиат да додаде бензинска изведба од 500е.

Првиот фактор е интерен. Со цел да стане целосно електрична марка во Европа до 2030 година, Фиат реши да не го преработува тековниот 500, за моделот да ги исполни новите барања на ЕУ за безбедност и за сигурност од сајбер напади. Новите закони стапуваат на сила во јули годинава. Место тоа, Торино реши да ги изврши преправките кај Панда, којашто ќе продолжи да се произведува барем до 2027 година.

Панда ќе го покрива пазарот за мини автомобили со бензински мотор, додека 500е ќе цели на пазарот на мини автомобили со електирчен погон.

Вториот фактор е надворешен. Продажбата на електрични автомобили во Европа забавува поради низа влијанија, почнувајќи од високите камати, од тоа што на народот му стојат на располагање помалку средства поради инфлацијата, а во исто време се откажаа и субвенциите за ЕВ на големи пазари, како што е Германија.

Италијанските синдикати се загрижени дека забавената побарувачка за 500е во Европа може да доведе до тоа, Мирафиори да ја скуси продукцијата на 40 до 50 илјади возила годишно, место 100.000 возила, колку што е планот за годинава. Тоа нема да го смени многу ниту фактот што 500е во меѓувреме се извезува и во САД.

Фиат 500е беше лансиран во 2020 година, како Нуова 500. Моделот стартуваше одлично и продукцијата во 2022 година достигна 77.500 возила. Фиат имаше надежи дека таа лани ќе се искачи на 90.000 возила, меѓутоа откако почна да забавува побарувачката на пазарот за ЕВ, продукцијата заврши со 77.260 возила.

Фиат во средината на февруари реагираше на забавената продажба на 500е од почетокот на годинава и скуси една од двете смени во Мирафиори.

Додавањето верзија со бензински мотор од 500е може да надомести за бавната продажба на електричната изведба, посебно ако се има предвид дека сегашниот 500 повеќе нема да се продава во Европа по јули.

Бензинскиот 500 се сели во Алжир

Фиат требаше кон завршетокот на април да престане со производство на тековниот 500 со бензински мотор во Полска. Планот е моделот да продолжи да се произведува во новата фабрика на Фиат во Тафрауи-Орано, во Алжир, којашто располага со капацитет за 90.000 возила годишно. Бидејќи новиот модел нема да ги исполнува новите барања за хомологација за продажба во Европа, тој понатаму ќе се нуди на Средниот Исток и во Африка.

За да се создадат залихи и пазарот во ЕУ да се опслужува уште извесно време, Фиат решил да го продолжи производството на 500 во Полска до завршетокот на јуни, и со тоа да го одложи и преселувањето на производството во Алжир. Тоа го открива неименуван извор.

Доколку управата го одобри проектот, на инженерите ќе им бидат потребни 18 до 24 месеци за 500е да го приспособат за бензински мотор. Електричниот 500е користи платформа од Алфа Ромео Мито, што порано се произведуваше во Мирафиори и воедно ја користи истата лента што првично беше поставена за Мито.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричните забавуваат, хибридните ја забрзуваат продажбата

Шефот на Рено повикува за „Eрбас на автомобилската индустрија“