за

Мерцедес пак прв во светот: Рентгенска снимка на краш-тест

Потранспарентно од тоа не може. Мерцедес-Бенц прв во светот направи рентгенска снимка од тестовите на судир.

Во заеднички порфат со ценетиот институт Фраунхофер, Мерцедес-Бенц направи да бидат видливи сите процеси што при судир се одвиваат во возилото, односно кај тест-куклите.

Илјада остри слики во една секунда. Тоа требаше да се постигне за светот првпат да види рентгенска снимка што прикажува како целото возило и куклите се однесуваат во секој одделен миг од краш-тестот.

Сцената не е убава. Прво се залетува една направа со бариера напред и удира странично во портокалова Ц-класа, со брзина од 60 км/ч. Додека лаиците можат само да ја видат деформацијата и наивно да оценат дали возилото добро или лошо го минало тестот, експертите имаат многу повеќе работа.

Тие ги читаат податоците од сензорите и не гледаат дали каросеријата се деформирала, туку за нив се најважни податоците што покажуваат дали телата на патниците, односно во случајов куклите, при судирот претрпеле повреда. Светот одамна ги цени краш-тестовите како нормална процедура, што штити човештвото да не гине и да не здобива трајни повреди во возилата.

Овојпат сепак има место за една сензација. На вообичаената машинерија, на најновиот краш-тест на Мерцедес-Бенц ѝ се придружи една шина поставена под покривот на халата. По таа шина се движеше изворот на рентгенски зраци.

Мерцедес-Бенц во соработка со катедрата за краткотрајна динамика на Институтот Фраунхофер, Институтот Ернст Мах (ЕМИ) од Фрајбург, го изврши првиот рентгенски краш со вистински автомобил. Во возилото беа две кукли СИД ИИс. Тоа се кукли со женска градба, што посебно се наменети за страничен судир.

Со краткотрајната рентгенска технологија може да се прикажат брзи внатрешни деформации. Потфатот беше извршен во лабораторијата на ЕМИ во Фрајбург. Првпат се прикажани деформации што досега не можеше да се видат. Точно се виде како се деформира секој дел од возилото. Исто важи и за куклите.

Маркус Шефер, главниот инженер во Штутгарт, објаснува дека од тоа може да се донесат „важни заклучоци за натамошното усовршување на безбедноста на возилата.“

На потфатот му претходеа неколку години истражување заедно со ЕМИ. Клучниот чекор беше примената на линеарен забрзувач со 1-килохерцна технологија, како извор на зраци. Моќноста на уредот е запрепастувачка. Енергијата на фотоните во линеарниот забрзувач се движи до девет мегаелектрон волти. Така зраците пробиваат низ деловите од возилото. Времетраењето на рентгенскиот пулс изнесува само неколку микросекунди. Затоа се добиваат остри слики. При рентгенско снимање на клиника, се прави една слика на секунда. Тука се направија илјада слики во секунда.

Во клучниот момент на судирот, што трае десетинка секунда, рентгенскиот систем прави 100 слики. Кога тие ќе се состават во видео, се добива спектакуларна глетка.

Персоналот е заштитен во лабораторијата на ЕМИ со бетонски ѕид што кружи околу и дебел е 40 сантиметри, како и со заштитна врата што тежи 45 тони.

Многу нешта се случија во Мерцедес-Бенц, откако на 10—ти септември 1959 година беше направен првиот краш-тест. Тогаш уште се работеше на отворено.

Во центарот за безбедност во Зинделдинген/Штутгарт, Мерцедес-Бенц извршува до 900 краш-тестови годишно, а на тоа следат уште 1.700 т.н. тестови со санка.

Мерцедес беше прв и со краш-тестот на две електрични возила во минатата есен.

Во рамките на Фраунхофер-друштвото рабоат 76 институти во цела Германија, со повеќе од 30.000 вработени. Годишно за истражување се трошат повеќе од 2,9 милијарди евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пежо и Опел ја почнаа годината со силен раст, Форд паѓа

Иконската елеганција се појави на македонските патишта: Промоција на новата Porsche Panamera