за

Тест · Џип Авенџер 1.2 · Владар на доволноста

Култната марка Џип има нов основен модел во понудата. Помислата дека Авенџер не се вклопува покрај масивните, силни и тешки теренци на марката, избрзана е.

Од етикетата урбан СУВ може да се помисли дека Џип Авенџер е малечка. Во стварноста, таа е за само дваесетина сантиметри покуса од легендарниот Чероки од 1980-те години, а има и исто меѓуоскино растојание. Зошто доволното повторно станува доблест, во ера на електрични, автоматизирани и конектирани автомобили?

Џип Авенџер многу ги олеснува нештата. Почнувајќи од погонот. Ретко е толку лесно за човек да се одлучи. Култната марка на Стелантис го нуди својот најнов СУВ во изведба со турбо бензинец со мануелен менувач, потоа во изведба со истиот тој бензинец, но дополнително со автоматски менувач со двојна спојка, плус уште мал електромотор вграден во менувачот, за да создаде вистински хибриден погон, а има дури и целосно електрична изведба.

Со потрошувачката од одвај 6,5 литри на секои сто километри на тестот, Авенџер уште во најстандардната изведба, со мануелен менувач, на многумина им го затвора прашањето околу изборот на погонот. Не одлучува само потрошувачката, туку има уште еден детал, што и не е толку „детал“. Топката на рачката на менувачот е огромна. Тоа што изгледа како да е метал, брзо се разоткрива дека е пластика, но тоа најмалку е проблем. Најважното е тоа што менувачот работи лесно, прецизно, со куси одови, класика. Класика и уживање. Големата топка само укажува на добриот менувач.

Зошто класиката и едноставноста во некои нешта толку освојуваат во Авенџер?

Сé е всушност класика околу оваа марка, почнувајќи уште од првиот Џип, од Вилис МБ, и од неговата цивилна изведба ЦЈ-2А, од 1940-те години. Поедноставно отколку во основоположниците на марката, не може. Затоа сé е толку доволно во денешнава Авенџер. Доволен е моторот од почетокот на ценовникот, доволна е големината на каросеријата, опремата е веќе луксуз.

Со Авенџер се сменија нештата околу марката Џип. Сé досега, моделите на марката на Стелантис од САД, се поврзуваа прво со големина, раскошна моќ, престиж, луксуз. Владеење со теренот, секако. Џип е Џероки и џип е Вранглер, едниот по можност со мотор Хеми, другиот задолжително во некоја екстремна изведба, Анлимитид или Рубикон.

Дури и Ренегејд, со којшто досега почнуваше понудата на марката, во голем дел од својата кариера беше достапен со погон на сите тркала. Потоа, погонот на сите тркала дојде во комбинација со приклучен хибриден погон. Кусо кажано, во Џип секогаш се нудело нешто повеќе од доволно.

Ценовниот почеток е веднаш над 20.000 евра, а завршетокот може да досегне две класи погоре

Денес доволното повторно станува подобар избор и доблест, кога инфлацијата незаситно ги јаде парите и луѓе се свесни за можни пандемии и слични режии. Авенџер е враќање кон големината на доволното. Секако дека Џип го проширува распонот на својата понуда колку може и колку треба повеќе, па Авенџер може да се нарача и во целосно електричната изведба и во третото ниво на опрема Самит, што чини 44.000 евра. На тоа може да се додадат уште кожени седишта, пакет со електрика за багажникот, или пакет сополуавтоматско паркирање, што цената ќе ја однесе до 50.000 евра. Меѓутоа, Авенџер на тестов се покажа сосем пристојна со моторот со 100 КС и мануелен менувач.

Постојат и други квалитети, со коишто Џип ја издвојува својата Авенџер. Тоа важи најмногу за комфорот на амортизацијата. Сигурно дека е оставено повеќе „простор“ во подвозјето, односно дозволено е амортизацијата да работи со подолги одови, заради излети надвор од теренот. Џип секако не смее да се посрамоти кога ќе загази по земја. На видеото што е носечки дел од тестовите во Аутомедиа, прикажани се бројни сцени на коишто Авенџер „џипува“ по терен – главно ливада и земјена патека, но и тоа е доволно.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Таа поголема слобода што е оставена во одовите на амортизерите, годи и во амортизацијата при патување. Ова е комфорен крстосувач, па дури и не е претерано да се именува како семеен крстосувач – доволен. За чувството на возње да не прерасне во чувство на пловење, подвозјето сепак работи доволно стегнато, за возните својства да не трпат. Сето тоа прави релаксирано и пријатно искуство додека се вози Авенџер надвор од град.

Поимот урбан СУВ што се спомнува на некои места за возилата од овој сегмент е неблагодарен

Нормално дека градската средина му е главен ресор, но токму квалитетите во релаксирачките возни својства и уште порелаксирачкото подвозје, ја претвораат Авенџер во повеќе од урбан СУВ. Тоа е неблагодарно именување, затоа што се стекнува погрешен впечаток дека возилово е наменето само за булеварски асфалт и закосени рабници за паркирање на тротоар. Овој Џип е за сите намени, неограничувачки.

Просторноста напред е солидна, наслонот на задната клупа е пријатно висок, се седи правилно, подолга седечка површина може да се посака само во компакт класата. Задните поткрила се по малку предимензионирани, затоа што треба да се обезбеди простор за задната оска да работи на терен, а треба да собере и тркала од 18 инчи, како во тестираниот модел, па затоа малку покрупните патници назад ќе треба да фатат залет при излегување, меѓутоа кога сé е по стандард, сé e погодено.

Багажникот е рутинска дисциплина, со 380 литри и со форма на квадар. Дури е достапна и електрична помош за задниот капак, иако таа е дел од голем пакет, што вклучува седум ставки и чини 1.400 евра. Но, тоа пак води кон „доволното“. Фактот што Џип нуди луксузни ставки во својата Авенџер, основа на гамата, ставки што се вообичаени во две класи погоре, кажува дека на купувачите денес им е доволно тоа што Авенџер го нуди како автомобил. А, тоа е големината на возилото, големината на моторот.

Пазарот одамна ги купува моделите како Џип Авенџер затоа што димензиите одговараат, понатаму е сé отворено, околу погонот и опциите

Тоа што Џип го нуди во Авенџер, пазарот го бара. Луѓе се решаваат за модел од оваа класа и сорта, и неретко го надградуваат и облагородуваат со опрема. Дури и буџет-марката на Рено, романската Дачиа, луѓе повеќе ја купуваат во поскапата изведба Сандеро Степвеј, отколку во стандарндата изведба.

Моторот е „проблем“. Токму на нерегулиран пазар, каков што е македонскиот, каде што масовно се донесуваат (пре)искористени луксузни лимузини од европски отпади и бугарски автоплацеви, со најмалку половинамилонска километража, за по најмногу година две да доспеат до сервис што чини повеќе отколку што вреди автомобилот и потоа конечно да завршат во отпад, се дозволи во 2020-те години, уште да се фрла со копја и камења по новите генерации мотори со три цилиндри и зафатнина под два литри.

Моторот 1.2 Пјуртек на Стелантис, прв мотор на концернот на Фиат и Пежо во марката Џип, не е „само“ 1,2-литарски, што „стручњаците“ го оцениле дека е мал, туку е 1,2-литарец со турбонатполнење. Тоа има функција да ја надомести работната зафатнина, односно да го создаде вртежниот момент што инаку може да го постигне 1,6-литарски атмосферец. Според тоа, овој 1,2 турбо, со моќноста на повлекување, со перформансите, соодветствува на класичен 1,6-литарски не-турбо.

Моторите од категоријата на 1,2 Пјуртек се развиени затоа што ЕУ поставува строги барања во поглед на животната средина – во спортивно ги казнува производителите со стотици милиони евра

Причината за Стелантис, односно Фиат, односно Џип, да вградува ваков мотор, не е да ги измами купувачите и да заработува повеќе, туку е намалување на потрошувачата на гориво, а со тоа и намалување на емисијата на СО2, што Брисел будно им ја мери и проверува на производителите на автомобили. Во спротивно, производителите би морале да плаќаат милионски казни кон Комисијата на ЕУ, а како резултат од тоа, Авенџер и компанија не би чинеле по 20.000 евра, туку најмалку 10.000 евра повеќе.

Аутомобиле СК во воведниот период за Авенџер настапува со акциска цена од 20.900 евра – со истиот мотор, менувач и погон како моделот на тест. Сите три нивоа на опрема се достапни за оваа верзија, основната за нашиот пазар – Лонгитуд, средното ниво – Алтитуд и луксузната – Самит. Без тркала од лесен метал, Авенџер не излегува од салон, исто како и без средишен дисплеј од 10,25 инчи и дигитални инструменти од 7 инчи, потпирач за раце напред, клима уред, темпомат, камера за знаци, електрична паркирна сопирачка, паркинг сензори назад. Контрола на тракција со повеќе режими и систем за задржување на брзината по надолнина исто така се Џип-стандард.

Нисан Џук во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Jeep Avenger 1.2 Turbo 100 FWD Longitude

Во средното ниво Алтитуд, сé е качено на повисоко скалило: Тркала од 17 инчи, дигитални инструменти од 10,25 инчи, приспособлив темпомат, автоматика за климата, шарени облоги на седиштата, волан обложен со вештачка кожа. Според редовниот ценовник, Алтитуд чини 2.400 евра доплата над Лонгитуд.

Сé оди во прилог на Лонгитуд. Средното ниво им е поинтресно на купувачите што ќе тргнат веќе богатата опременост да ја збогатат уште повеќе, па можеби ќе изберат автоматски долги светла, камери што возилото го прикажуваат во 360 степени, собирање на ретровизори, затемнети задни стакла.

Џип, семоќното суштество од цртаните филмови со морнарот Попај

Сегментот на Џип Авенџер, на СУВ-модели констурирани врз основа на градски автомобили, го презеде владеењето со европскиот пазар, од класичните компакти, како најпродаван сегмент. Предностите на возило од овој вид се во компактните димензии и во можноста што производителот ја остава за погонот и опремата понатаму да се донесат според желбите, барањата и можностите. Добрата вест кај Авенџер е во тоа што основата е привлечна. Целата смисла на марката Џип, што почна со Вилис, повторно се враќа со Авенџер.

Колку што решаваат добрата механичка основа, убавиот изглед и солидната опременост уште во старт, толку повеќе решава марката. Џип. Авенџер е „семоќна“, слично како суштеството со волшебни моќи од цртаните филмови со морнарот Попај, од времето на Вилис, коешто единствено кажува „џип“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Бидна и електрична Тојота Хајлукс

На денешен ден пред 50 години: Прв Голф