На денешен ден пред 50 години: Прв Голф

Во осумте генерации досега се произведоа повеќе од 37 милиони Голфови.

Голф е стандард во автомобилскиот свет. Цела класа автомобили се нарекува по него. Политичари, папи, светски ѕвезди, сите возеле Голф. Првите, уште пред 50 години.

На 29-ти март 1974 година на монтажните ленти во Волфсбург почна производството на Голф. По две катастрофални години, тој го спаси концернот од пропаѓање. По бројни децении во изобилство, Фолксваген во 1973 година оствари скромна добивка од 82 милиони марки. Во 1974 година, билансот покажа 807 милиони марки загуба. По весниците веќе почна да се пишува за можен банкрот. Тоа што само една година по билансот што беше напишан со црвени бројки, Фолксваген појде во сосем друга насока, се должи првенствено на новиот модел.

За Голф, што ја наследи легендарната ФВ Буба и требаше од неа да ја презсеме улогата на главен носител на промет во концернот, во неговото петдецениско постоење е кажано сé. Тој чинеше 7.995 дојч марки, моторот располагаше со 50 КС, постигнуваше 145 км/ч, имаше одлични возни својства, трошеше само девет литри на сто километри, беше простоен за петмина, нудеше многу за парите, беше напреден, безбеден, со одлична сервисна услуга. Со сите овие одлики на едно место, Голф со години имаше големо предимство пред конкуренцијата. Главниот модел на марката и концернот Фолскваген има и јасна иднина. Тој во следната генерација ќе се произведува во целосно електрична изведба.

Исто како кај бројните други култови, не постои објаснување, како ова во основата многу едноставно превозно средство стекна култен статус ширум светот. Ако веќе треба да се издвојат неколку особини што го одликуваат Голф, тогаш први се напредната техника, издржливоста, скромноста и просторноста. Голф е икона на компакт класата, исто како што Нивеа е синоним за сите креми за раце и како што под Палома се подразбираат сите хартиени марамчиња.

За овој триумф многу помогна и масивното рекламирање на сите канали, за што низ годините беа потрошени стотици милиони дојчмарки. Посебно грижливо се избираа сликите за рекламите. Тие не се состоеја од која и да било фотографија, придружена со некој сувопарен текст, туку рекламите привлекуваа внимание поради тоа што во нив секогаш имаше една малечка приказна. Тоа секогаш беа лесно впивливи пораки, што беа разбрани за миг, украсени со штосни, самоуверени, па и провокативни слогани.

Во рекламите не се упатуваше кон силината на моторот или крајната брзина. Многу поважни беа пораките од типот на „Еден за сите“. При пазарното воведување на новиот Голф во 1974 година, сликата во рекламата го прикажуваше Голф сликан однапред и од малку повисоко, со четирите врати отворени и со по еден човек покрај секоја врата, со поглед кон камерата. Така Волфсбург се обрати кон најширокиот круг купувачи, заедно со порака „Автомобил за широки кругови“.

Во истата година почна да се објавува и друга варијанта на рекламата, којашто порачуваше „Новиот народен спорт: Голф.“ Во 1975 година, во времето по големата нафтена криза, кога светот повторно учеше да штеди, Волфсбург порачуваше: „Возете Голф. Бензинот е скап“. За скржавата дизел верзија, стратезите за маркетинг имаа погоден поим: „Шестлитарски автомобил.“

Во средината на 1976 година, кога се појави лутата верзија ГТИ со 110 КС и 184 км/ч, како плашило по германскиот аутобан, рекламите порачуваа на две страници: „Ауто, Мотор унд Шпурт“ – асоцирајќи на култниот германски магазин, со тоа што „шпорт“ беше сменето во „шпурт“, што значи спринт. Многумина уживаа зад спортскиот волан на ГТИ да ги претркуваат посилните и снобовски лимузини од ковот на Форд Гранада или Опел Рекорд.

Возило што не ѝ припаѓа на ниту една класа

Со вешто осмислени реклами во печатените медиуми, тогаш единствен извор на информации и забава покрај телевизијата и радиото, Фолксваген го привлекуваше вниманието на публиката, што секогаш запираше да ја погледне рекламата и да прочита што пишува во неа. Така моделот се всадуваше во потсвеста.

Голф наследи од Бубата едно, најважното. Исто како неа, Голф остана безкласен автомобил. Без разлика дали се работи за Р32 со близу 250 КС или со Голф од трета рака со 250.000 километри, неговата надворешност никогаш не служеше како сведошство за тоа колку е дебел паричикот на сопственикот или сопственичката.

Едноставно до успех

Во стручните кругови, токму оваа скромност се смета како клуч за светскиот успех на моделот. Тоа направи до завршетокот на 2023 година, за Голф да се решат преку 37 милиони купувачи. Еден од постарите дизајнери на ФВ, го опиша рецептот за изгледот: „Нов Голф со изгледот никогаш не треба да претставува револуција. Тоа би направило претходниот модел да изгледа старо. На сопствениците нема да им се допадне тоа. Мора да се постапува многу внимателно.“

Овие зборови на дизајнерот не исклучуваат во гамата на Голф да постојат силни моделски изведби. Раководејќи се според дизајнерското кредо што важи до денес, најжестоките варијанти на Голф се разликуваат од стандардните модели главно по широките гуми и по натписот ГТИ, ВР6 или Р32. Овие модели не се издвојуваат премногу со изгледот, меѓутоа со перформансите успеваат да убедат и тоа како, со брзини и до 250 километри на час.

Спасителот на концернот уште во 1975 година го презеде приматот како најпроизведувана моделска серија. Во домашната Германија, тогаш беа регистрирани 166.869 нопви примероци од Голф, што беше за дури 47.000 примероци повеќе од вториот најпроизведуван модел, Пасат. Кон завршетокот на 1983 година, пред да биде претставена втората генерација, Голфовите достигнаа продукција од близу пет милиони примероци.

Фолксваген тогаш спроведе истражување меѓу клиентите, што е тоа што ги привлекло да го направат изборот на Голф. Најголемиот дел, 40,1% одговориле дека прво ѝ се верни на марката, за 35,7 проценти биле причина малиот губиток на вредноста, ниската потрошувачка и малите трошоци, додека 30,2 проценти ја ценеле најмногу издржливоста.

Денес Фолксваген се соочува со исто толку крупни промени како во 1974 година, кога Бубата што стана прескапа за производство речиси го уништи концернот. Овојпат сигурно не се работи за излегување од зона на загуба, затоа што Волфсбург работи профитабилно како во сиве изминати децении, туку се работи за проширување на понудата од електрични модели, додека во исто време се мисли и на синтетските погонски горива.

Претходна објаваТест · Џип Авенџер 1.2 · Владар на доволноста
Следна објаваЛуцид доби една милијарда долари од Саудијците

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here