за

Луцид доби една милијарда долари од Саудијците

Додека производители како Fisker се мачат да најдат капитал, американскиот производител на електрични автомобили Lucid доби милијарда долари од Саудиска Арабија.

На пат да си обезбеди иднина како производител на автомобили? Со парите од Саудијците што се главнински сопственици, Луцид може да продолжи со развој и дистрибуција на своите модели.

Благодарение на финансиската инјекција од една милијарда долари од саудиската држава, производителот на електрични автомобили од САД, Луцид, може да го забрза своето напредување и да цели кон нови пазари. Со тоа, Луцид може релаксирано да ја преброди кризата во браншата којашто ги погодува главно стартап-компаниите за електрични автомобили.

Производители како Фискер, се соочуваат со недостиг од капитал и слаба побарувачка за нивните автомобили. Во Кина почна бран банкротирања, а не остана поштеден и несудениот производител со фабрика во Тетово, Некст Е.Го Мобиле од Германија.

За Луцид да не го западне слична судбина, саудиарабискиот државен фонд Ајар Тирд Иневесмент Компани вложи дополнително една милијарда долари во некогашниот стартап од САД. Фондот со таа сума купи 280 милиони привилегирани акции од Луцид. На берзата, инвеститорите реагираа со голема доверба. Вредноста на акциите на Луцид порасна за осум проценти.

Една милијарда долари е воедно и сумата што стартапот ја потроши во првото тромесечје. Тоа на салонот во Женева го соопшти шефот на Луцид, Питер Ролинсон.

Луцид е погоден од забавувањето на пазарот на електрични автомобили, исто како и останатите стартапи со електрични возила, но поради саудиското главнинско учество располага со силен основен капитал.

Саудиската влада веќе располага со 60 проценти од акциите. Со масивните инвестиции во Луцид, државата сака да постигне долгорочна диверзификација на стопанството на земјата. Најголемиот дел од стопанството секако дека се темели на експлоатација на нафта, а мал дел доаѓа од туризмот.

Скапата марка лани произведе само 8.428 возила со цена над 100.000 евра. За годинава, намерата е да се произведат најмалку 9.000 возила, а за в година се планираат 20.000 возила.

Александер Луц од јануари раководи со марката Луцид во Европа. Тој е поранешен менаџер на Полстар. Луц очекува продажбата на марката да напредува значително откако ќе се понуди Луцид Ер Пјур со погон само на задната оска. Овој модел ќе се продава за 85.000 евра, што е ценовниот опсег во којшто се наоѓаат електричните модели од вишата класа на германските премиум марки, односно Мерцедес Е-Кју-Е, Ауди Ку8 е-трон и БМВ иИкс.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

На денешен ден пред 50 години: Прв Голф

Унијата ќе воведе субвенции за користени автомобили за Македонија