за

Унијата ќе воведе субвенции за користени автомобили за Македонија

Нема веќе нови Пунто и Поло, во земјава наскоро ќе се возат само малку користени Мерцедес и Ауди, луксузни, со моќни мотори – благодарение на субвенциите од Унијата.

Како уште една потврда дека земјава во изминативе години постигна историски напредок во приближувањето кон Европа, Унијата ќе одобри програма за на македонските граѓани да им овозможи користените автомобили да ги купува уште поголеми, уште постари и со уште посилни мотори од нејзините раскошни плацеви.

Конечно добри вести за Македонија од Унијата. Земјава во изминативе години, посебно по укинувањето на ограничувањата за увоз на користени автомобили, постигна значително подмладување на возниот парк, со возила што денес во просек се стари меѓу 20 и 30 години. Денес македонските граѓани, благодарение на вистинската политика на владата што целосно е посветена во корист на народот и народностите, уживаат вистинска европска слика кога ќе излезат на улица и ќе погледнат колку се убави и големи автомобилите.

Денес е посебно уживање да се вози по улиците, патиштата и автопатиштата, а како што секојдневно гледаме на телевизиските вести, што народот не пропушта да ги следи, се најавуваат и нови патишта и автопатишта.

Благодарение на одличниот вкус и познавања од автомобилската сфера, македонските граѓани од раскошните автоплацеви за богатите Европејци денес донесуваат само автомобили од премиум марки, со големи мотори, и со најмногу 200.000 километри. Секако дека посебно внимание се посветува на животната средина, затоа што автомобил со помалку од Еуро 4, стандард за ограничување на емисијата на штетни гасови, што потекнува од раните години на 21-от век, не смее да се увезе во земјава.

За да помогне македонските граѓани да купат уште поголеми, постари и посилни автомобили од плацевите за користени возила ширум Европа, Унијата во иднина за секој автомобил што е постар од 15 години, што има мотор од најмалку 3,0 литри и моќност од минимум 200 КС, што ќе се увезе во земјава, ќе одобрува субвенција во висина од 5.000 евра. Тоа значи дека лимузина од најмалку пет метри и безбедна воедно поради тоа што тежи над два тони, место за 6.000 евра, колку што знаеме дека вистински чинат престижните автомобили на плацевите за користени автомобили таму, за многу скоро време ќе може да се увезе за само 1.000 евра.

На тој начин, Унијата придонесува и за животната средина, затоа што на граѓаните ќе им останат повеќе пари за да можат вистински да ги поправат своите миленички на четири и повеќе тркала и да им го сменат пресечениот катализатор и расипаниот депфилтер.

Оваа субвенција доаѓа во време кога земјава се подготвува за избори, што претставува уште еден знак дека унијата ја одобрува досегашната политика во земјава и затоа помага со субвенции, буџет што е планиран на најмалку 500 милиони евра.

Со овој чекор, земјава се ослободува и од бесмисленото користење на јавен превоз, автобуси, точаци и опасни тротинети на батерија, затоа што во иднина сите ќе имаме големи коли што ќе ги купуваме евтино од автоплацевите и ќе можеме секаде да се возиме со нив.

Исто така нема да има потреба да се трошат пари на од градење железничка мрежа, а бескорисните паркови што ги има насекаде низ градовите во земјава, конечно по толку години ќе може да се претворат во паркиралишта, сервиси за коли, перални и отпади за делови од коишто ќе се наоѓаат делови за луксузните автомобили од европските плацеви за користени автомобили.

Како што сé почесто се шират гласини деновиве, во престолнината нема повеќе да постои улица со само една лента по насока, односно сите улици ќе се прошират на најголема можна мера, затоа што со субвенциите од 5.000 евра за користени автомобили повеќе нема да има потреба од тротоари, исто како и од зеленило за пешаците за дишат додека одат по тротоарите.

Прекрасна автомобилска иднина ѝ претстои на земјава.

Среќен да ни е 1-ви април.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Луцид доби една милијарда долари од Саудијците

Киа во март продаде близу 300.000 возила, Спортаж главен