Во јануари повторно се зголеми бројот на новорегистрирани возила во ЕУ. Темпото на раст попушти во Кина, додека Русија забележа минус. Изненадуваат резулатите за јапонскиот пазар.
По заживувањето на европскиот пазар пред крајот на годината, продажбата на автомобили продолжи да бележи раст и во првиот месец од 2014 година. Во Европската Унија во минатиот месец се регистрираа 935.640 автомобили, што е 5,5 проценти повеќе отколку во ланскиот јануари. Моќните концерни Volkswagen, PSA Peugeot Citroen, Renault и Ford забележаа стапки на раст седум и 13 проценти, додека General Motors и Fiat забележаа пад во продажбата.
За целата ланска година продажбата во ЕУ остана околу два проценти во 2012 година, со 11,85 милиони автомобили, иако во декември се случи нагло зголемување на пазарот. Само во 1995 година се продале помалку автомобили отколку лани, 11,7 милиони примероци, кога ЕУ броеше значително помалку земји членки. Експертите предвидуваат мало зголемување на продажбата за оваа година.
Во Германија и Велика Британија во јануари се продадоа седум проценти повеќе автомобили. Меѓу другите најголеми пазари во ЕУ, пораст имаат забележано уште Франција (+1%), Италија (+3%) и Шпанија (+8%). Уште поголеми стапки на раст имаат помалите пазари: Ирска (+33%), Португалија (+32%), Финска (+24%), Шведска (+19%), Исланд (+17 %), Грција (+15%) и Данска (+10%). Членството на Хрватска во ЕУ веќе се покажува и во продажните резултати. Во јануари, во земјата се продале дури 29 проценти повеќе возила отколку лани. Словачка и Летонија го заокружуваат позитивниот резултат со по 25%.
Продажбата во САД оди во минус
Кинескиот пазар и натаму е во раст, но со послабо темпо. Најголемиот пазар на автомобили во светот во јануари продаде за 11 проценти повеќе нови возила, односно 1,7 милион примероци. Тоа е воедно и историски рекорд за големата азиска земја. САД во јануари останаа три проценти под истиот месец лани, со околу еден милион возила. Една од пресудните причини за тоа беше екстремниот студ, кој драстично ги намали посетите на авто салоните. Пикапите и теренците и натаму се прв избор на американските купувачи, со 531.000 примероци (+3%), додека продажбата на лесни автомобили падна за 9 проценти, на 477.600 возила.
Голем раст забележа јапонскиот пазар, каде што во првиот месец се продадоа речиси 31 проценти повеќе возила, односно 433.600 примероци. Причината за наглиот раст е најавеното зголемување на ДДВ за три проценти во април. Индија е девет проценти под ланскиот резултат, со 219.800 возила, додека во Русија во јануари се продадени 152.700 нови автомобили, што е шест проценти помалку отколку во ланскиот јануари.
















