за

Кинески ЈАЦ го произведе првиот електричен автомобил со евтина натриум јон батерија

Во Кина почна сериското производство на првите електрични автомобили што користат евтина натриум јон батерија.

Почна производството на електрични автомобили со натриум јон батерија. Две компании во Кина пуштија во големосериско производство модели што ја користат евтината замена за досега масовно користените литиум јон батерии. Европа исто така се подготвува за новата техника.

Во Кина веќе се произведуваат електрични автомобили со натриум јон батерија. Според порталот Кар Њуз Кина, од производствените ленти на Хуахиеј Аутомобил Груп Корпорејшн (ЈАЦ) уште кон завршетокот на декември се симнал првиот примерок од градскиот модел ЕВ3 од новата марка Јивеи со овој вид батерија. Веста се повикува на информации од кинескиот производител на батерии Хина.

Кусо пред влегувањето во новата година започнало сериското производство на уште еден автомобил со натриум јон батерија од конкурентската Фарасис, во компанијата Јианглинг Моторс ЕВ (ЈМЕВ). Двата производители уште ги немаат најавено официјално новите модели.

Електричните автомобили главно користат литиум јон батерија. Неопходниот литиум се произведува тешко и скапо. Иако овој вид батерии се произведува масовно, експертите предвидуваат дека нивната цена нема да се смалува подеднакво насекаде низ светот. Поради тоа, производителите бараат замена.

Натриум јон батериите се користат главно за акумулаторски станици и за вградување во електрични скутери и велосипеди. Овие батерии сега може првпат да се користат и во електрични автомобили.

Досег од 250 километри

Кинеските производители први повлекоа чекор во сериското производство на електрични автомобили во коишто не се користи „белото злато“, како што уште се нарекува литиумот.

ЈАЦ има заедничка компанија со Фолксваген, во којашто германскиот производител неодамна го презеде управувачкиот удел. Во ЈАЦ Фолксваген првично беше замислено да се произведуваат и возила од марката Сехол, коишто сега се преименувани во новата марка Јивеи. Концернот Фолксваген коментираше за германските медиуми дека нема удел во моделот со новиот вид батерија.

Моделот Јивеи 3 е изработен врз основа на прототипот Сехол Е10Икс. Во неговата батерија воопшто не се користи литиум. Досегот изнесува 252 километри. Полнењето до 80 проценти трае 20 минути на брз полнач. Батеријата е со големина од 25 киловатчасови и располага со енергетска густина од 120 ватчасови по килограм. Производителот уште ја нема објавено цената на возилото.

Што се однесува до ЈМЕВ, таму учествува уште еден европски производител, Рено. Моделот ЈМЕВ ЕВ3 во изведбата со новата батерија располага со капацитет од 21,4 киловатчасови и вози 251 километар. Енергетската густина на натриум јон батеријата на Фарасис достига 140 до 160 ватчасови по килограм. Основната изведба на моделот чини 58.800 јуани, што одговара на 7.600 евра. Во поскапите и поспособни изведби се вградува литиум јон батерија.

Дали мобилноста на иднината е во натриум јон батериите?

Натриумот е шести најзастапен елемент во земјината кора и може да придонесе за струја масовно да се акумулира во батерии и енергијата да се користи за движење на возилата. Станува збор за натриум хлорид, односно прехранбена сол.

Натриум-јон батериите се произведуваат поевтино, но се потешки. Поради тоа, овој вид батерија не може да се користи во големи луксузни автомобили.

Во Кина се работи под полна пареа за техниката да се вградува во малечките автомобили. Првата гигафабрика за натриум јон батерии е отворена уште во ноември 2022 година. Сехол, денешен Јивеи, компанија со учество на Фолксваген, уште лани во февруари претстави прототип на автомобил со поевтина батерија.

Европските производители на батерии исто така се заинтересирани за техниката. Шведскиот производител Нортволт неодамна јави дека постигнале голем напредок кај евтините батерии.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Киа во историјата нема продадено повеќе автомобили отколку во 2023

Знаеме дека воздухот е загаден, но што да се стори против тоа?