Плановите за 2024 година се продажбата да продолжи да расте, на купувачите да им се понуди уште поголема противвредност, да се зајакне лидерството меѓу електричните возила, со воведување нови модели.
Корпорацијата Киа денес објави дека во минатата година продала 3.085.771 возила. Тоа претставува раст од 6,3 проценти во споредба со 2022 година и секако дека е нов рекорд на Сеул.
Исклучувајќи ги возилата што се изработени за посебни намени (5.728 воени, тактички возила итн.), продажбата на извозните пазари во 2023 постигна раст од 6,7 проценти во споредба со преклани, со 2.516.383 автомобили. Во Кореја се испорачаа 563.660 возила, што исто така претставува раст (4,6 проценти).
Единствено во последниот месец од 2023, глобалната продажба на Киа се смали за 9,2 проценти, на 213.543 возила.
Досегашниот рекорд на Киа беше постигнат во 2014 година, кога беа продадени 3.038.552 возила. Тогаш за извозните пазари заминаа 2.573.352 возила, додека 465.200 возила беа продадени во Кореја.
Марката постигна и годишни рекорди на повеќето од своите најголеми единечни пазари низ светот, вклучувајќи ги Европа, САД и Индија.
Првото место меѓу моделите секако ѝ припаѓа на Спортаж, со вкупно 523.502 продадени примероци. Втор е уште еден СУВ-модел, компактниот Селтос, што главно се продава во САД (344.013 примероци), а трет е луксузниот Соренто со продадени 242.892 примероци. Сите три топ-модели на Киа се СУВ.

За рекордот има заслуга и почетокот на продажбата на електричниот СУВ-седумсед ЕВ9, како и освеженото моделско годиште на Соренто, на лимузината К5 и на семејниот миниван Карнивал. Раст во продажбата забележаа и останатите моделски серии, меѓу другото и поради тоа што попушти кризата во испораката на полупроводници.
Планот е во 2024 година да се продадат 3,2 милиони возила. За Кореја се предвидуваат 530.000 возила, за извоз 2.663.000 возила. Киа очекува и нарачки за околу 7.000 возила за специјални намени, главно воени возила.
Сите технички податоци и опременоста на Киа Стоник во нашиот онлајн-каталог со сите нови модели што се во понуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК
Управата ќе работи на понатамошно зголемување на привлечноста на електричните модели на Киа, преку воведување нови модели со погон на струја. Новини ќе има и во поглед на конективноста, а ќе се проширува и бизнисот со преработка во наменски возила, главно за такси компании, рентакар и слично.
Важен новитет во понудата е ЕВ3, електричен СУВ-модел во замена за Соул, автомобил во градската класа, којшто ќе го спушти прагот на понудата од електрични модели на Киа. Во моментов се врши приспособување на фабриката за електрични возила Киа АутоЛанд Кванмен, каде што ќе се произведува ЕВ3 за домашниот и за извозните пазари.
















