за

Знаеме дека воздухот е загаден, но што да се стори против тоа?

Воздухот е загаден и тоа никого не засега. Рутината се сведува на повторување на едни исти наслови и повремено објава на препорака да не се излегува. И толку?

Така растеше потрошувачката на дизел во патниот сообраќај 2005-2022 година, според официјални податоци од државната статистика

Скопје е загадено затоа што упорно ништо не се презема против тоа. Јавноста уште верува дека во Македонија само Скопје е загадено, и дека причината за тоа е греењето на пластика и старо моторно масло. Дали да се надеваме дека треба некој од ЕУ или САД да дојде и да ни го каже решението? Уште не постои ниту свест дека цела нација се загрозува од неукоста и неодговорноста на т.н. еко-воајери и т.н. државни функционери.

Веќе никого не засега тоа што воздухот е загаден. Уште малку па отровен. По помината една четвртина од 21-от век и деценија и пол статус кво во поглед на загаденоста на воздухот, уште се препишуваат наслови дека високата концентрација на честички ПМ била штетна по здравјето. Нема да биде чудно и ако некој ден по празникот се јави министер или слично од градинка, како се слика за на вести додека ги учи дечињата да се грижат за животната средина. И точно по дваесетина години, тие ќе го најдат решението. Типично дилетантски.

Тие што треба да преземаат мерки и да покажат одговорност пред народот, си молчат затоа што никој не ги повикува. Зарем во година на избори на коишто се решава за државата и народот, повторно ќе биде изоставена загаденоста на воздухот како важна тема? Или треба да мине цела сезона празници, па некаде во првата пауза, меѓу валентајновско и осмомартовско, да се спомне квалитетот на животот и загаденоста што влијае, за животот и во тој поглед да биде неквалитетен, ако не и расипан.

Зарем може инструментите на една држава да затапат до толку, да може уште да се зборува и објавува дека загаденоста доаѓала од тоа што за затоплување на домаќинствата се горела пластика и старо моторно масло? Каква е таа наивност, да се поверува дека во домашните печки и огништа се согорува маса пластика и масло, што одговара на 579.000 тони дизел што годишно согорува во дизел моторите во Македонија? Малку логика и малку повеќе интелект од разноразните ликови што се закачени на државна цицка ќе се освестеше дека дом тешко се загрева од едно празно шише јогурт и ќеса мајонез дневно.

Не ќе беше на одмет и да се јави стручно лице и да објасни зошто загаденоста зиме е поголема отколку лете, а причината за тоа не е затоплувањето на домаќинствата

Не е народот тој што треба да наоѓа решение, туку овие ликови што сега се ставаат во изборен „стинт“ и вработуваат и ја раздаваат државата како да е нивна. Не треба Трпе и Трајче да се прашуваат што тие да направат, за воздухот – не само во Скопје, во цела Македонија – да го врати квалитетот. Поразително е тоа што ниту еден „овец“ или „стер“, по деценија и пол живот со отровен воздух, уште се нема појавено пред јавноста, со издржана и реална стратегија за квалитетот на воздухот да се врати во нормала – како што беше случај во Скопје, кога целиот сообраќај мируваше поради одржувањето на министерскиот состанок на ОБСЕ. Објавата може да се погледне на следната врска.

Графиконот за (не)загаденоста на воздухот во Центар, за време на одржувањето на состанокот на НАТО

Фактичката состојба

  • Во 2005 година, во Македонија биле потрошени 182.075 тони дизел за транспорт и 116.527 тони бензин.
  • Во 2022 година, потрошени се 579.332 тони дизел за транспорт и 93.179 тони бензин.
  • Потрошувачката на дизел е зголемена повеќе од трипати во периодот 2005-2022 година, според официјални податоци од државната статистика.
  • Во 2012 година во Македонија биле регистрирани 301.761 патнички автомобили. Од нив, 199.329 се бензинци, 92.700 дизели.
  • Возниот парк во 2022 година се зголемил на 483.482 автомобили. Од нив, 192.478 се бензинци, 280.737 се дизели.
  • Бројот на патнички автомобили со дизел мотор е зголемен трикратно во периодот 2012-2022 година.

Натпропорционалното зголемување на потрошувачката на дизел се должи на тоа што увезените стари автомобили се модели од високите класи, со силни и големи мотори, со висока тежина, што води кон повисока потрошувачка во споредба со матичниот возен парк, којшто пред масивниот увоз на користени автомобили се состои од градски и компакт модели, место од стари луксузни лимузини и опасно неисправни СУВ.

Дизел моторите со директно впрскување на горивото претставуваат директен извор на ПМ-честички и имаат неколкуратно повисока емисија на честички ПМ во споредба со бензинските мотори, но и со постарите дизели со индиректно впрскување на горивото, со преткомора.

Поради високата емисија на ПМ-честички, дизелите со директно впрскување на горивото користат филтер за честички чад. Таму се натрупуваат честичките, и истите согоруваат кога подолго време ќе се вози по отворен пат, со создавање екстремно високи температури во филтерот. Доколку возилото се користи претежно во град, филтерот се задушува, работата на моторот е проблематична. Поради староста на возилата, компликациите и нестручноста по голем дел од неовластените сервиси (со чесни исклучоци), најголемиот дел од увезените стари дизели работат со отстранет филтер за честички. Тоа значи дека ПМ-честичките доспеваат директно во воздухот што го дишеме во градовите.

Државата го игнорира масовното возење стари автомобили со бугарски регистерски таблици ширум државата, чијшто сопственици одбиваат да ги платат високите давачки што државата ги предвидува при македонска регистрација за нивните возила со висока емисија на штетни материи, токму со цел да се оневозможи стари автомобили со големи и силни мотори и тешки каросерии да шират штетни материи околу нас.

Во каква состојба западна возниот парк во Македонија, најверно отсликува просечната старост. Во времето на нови „пунто и поло“, во 2003 година, возниот парк беше стар во просек 15,9 години. Во времето кога пазарот се развива нормално, со нови „пунто и поло“, просекот во 2008 година се намалува на 15,4 години. Наспроти тоа, во 2022 година, просечната старост е доведена на 19,5 години.

Додека во 2004 година, два од три автомобили биле постари од десет години, во 2022 година, девет од десет автомобили се над десетодишна старост, а тоа реално значи дваесет, триесет години и повеќе.

Додека во 2008 година, 25.000 автомобили биле стари до две години, како резултат на динамиката од продажба во претходниот период, во 2022 година, само 8.000 автомобили биле стари до две години.

И конечно, нормата Еуро 4 е далеку од тоа дека ја отсликува вистинската емисија на честички ПМ. Според мерења на релевантни институции, таа во реалноста достига и дваесетпати повисока емисија на ПМ отколку што дозволува нормата.

Оттаму и забуната на еко-воајерите, кои пред десетина години раструбија дека возилата божем учествувале со 20 проценти во загаденоста на воздухот – затоа што ја добиле „финската“ формула, со којашто се претпоставува кои се изворите на загадувањето. Кога ќе се внесе погрешна вредност, секако дека излегува и погрешен резултат. Таа грешка од времето кога се советуваше народот да јаде портокали за да компензира за отровниот воздух, останата е да ја шири заблудата до денес. Типично наше.

Според тоа, кои треба да бидат мерките што ќе нé чуваат од загаден воздух? Од еко-воајерите со телефони во рака, исто така. Тоа ќе биде тема на следна објава на Аутомедиа.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески ЈАЦ го произведе првиот електричен автомобил со евтина натриум јон батерија

Tesla Model Y

Тесла ја одбрани титулата, но беше тесно