за

Кој го исчисти воздухот во Скопје за време на самитот на НАТО?

Тоа се премногу совпаѓања. Точно за време на одржувањето на самитот во Скопје, во градот се дишеше чист воздух. Немаше сообраќај.

мерење на загаденост воздух

Еко-воајерчињата со телефони во рацете останаа безгласни во времето кога Скопје, по некое чудо, дишеше чист воздух. Точно во деновите додека сообраќајот во Скопје мируваше. Тоа што послужи како историска шанса за конечно да се потврди од каде потекнува загадувањето, не само во Скопје, туку во цела Македонија и со последици по целиот народ, неуко пропуштија да го регистрираат тие агент-провокатори што цела деценија нé учат дека загадувањето доаѓало од горењето дрва и пластика, од индустријата, од бродовите во солунското пристаниште.

Министерството на Спасовски на 28-ми ноември уредно соопшти, дека на 29-ти ноември (среда) и 30-ти ноември (четврток), ќе бидат затворени за сообраќај клучни сообраќајници во Скопје, заради одржувањето на советот на ОБСЕ во салата Борис Трајковски. Дополнително беше објавено дека државната администрација во средата ќе работи до 12 часот, а четвртокот да биде прогласен за неработен ден.

Што се случуваше во тие два дена во поглед на загаденоста на воздухот? Во Центар и во Карпош, како општини што беа опфатени непосредно со ограничувањето на сообраќајот, часовната концентрација на честички ПМ10, ниту еднаш не ја надмина опасната граница од 50 микрограми по метар кубен воздух. Чист воздух се дише и во секогаш првото Лисиче, кога се бараат рекорди во загаденоста, исто како и во Гази Баба, во цело Скопје.

Наспроти тоа, на 30-ти ноември, Тетово вообичаено достига вредности околу 100 микрограми ПМ10 на метар кубен, Кичево „напредува“ до 150-ка, Гостивар само до 125, а Струмица ги престигнува сите со преку 400 микрограми.

Зарем тоа не се премногу совпаѓања? Додека во Скопје мирува сообраќајот, воздухот во градот е беспрекорно чист. Масата возила што доаѓа од периферијата кон градот, сега е сведена на нормален сообраќаен тек. Во целата скопска котлина, загаденоста не достига ниту до граничната вредност од 50 микрограми ПМ10 на метар кубен. Сето тоа се случува во периодот додека се одржува министерскиот состанок во „Борис Трајковски“. Еден ден пред и еден ден по завршувањето на дводневниот Самит, сé е по старо. Само во Скопје.

Треба уште да им веруваме на ликовите што ни се претставуваат божем за одговорни да се грижат околу квалитетот на воздухот? На оние еко-воајерчиња и тетки со партиска заслуга, селфирани со нов капут од пари од народот, што им е најголемо достигање во нивната куса „кариера“? Во Уставот стои дека на граѓаните мора да им се обезбеди воздухот да биде чист.

Агент-провокаторите по партал-порталите и тв-каналите со најдобрите турски серии од 1903-та наваму, што во своите јавувања само ги менуваат датумот и вредностите на загадувањето, не умееја да препознаат дека во времето на Самитот нешто вонредно се случува со воздухот? Ако се случило воздухот во Скопје да биде чист, тоа било поради ветрето на аеродромот Петровец?

Поразителна е наивноста со којашто се зема здраво за готово, дека во оваа северџанија што ги создаде онкологијата, палчовците, ќураните и зелкарите, тетовската фабрика за електрични автомобили, автопатот во Македонија што не е за Македонија, сé е верно од тоа што на народот му се сервира како вистинска причина за загадувањето.

За автомобили купени во бугарија за двестотини евра, на сметка на заштита на животната средина, според дотогаш важечките закони требаше да се плати данок повисок отколку цената на „автомобилот“

Тоа што денес на цел народ му е скусен животниот век поради срамотната загаденост и тоа што да се доживее следниот ден за многумина е среќна добивка, „заслуга“ е на војската од 50.000 терачи на крш коли од бугарските плацеви, што пред речиси деценија и пол се закануваа дека ќе ја блокираат цела држава, ако треба да ги уплатат редовните давачки за нивните крш автомобили во народниот буџет, со коишто дотогаш се спречуваше низ Македонија да ни се тераат такви трујачи на четири тркала.

Многумина ќе се присетат на таа грозна слика, кога стари автомобили од марки „за да пукнат комшиите“ со бугарски таблици јуреа насекаде, од Куманово до Охрид и од Тетово до Струмица. Се купуваа државјанства, се отвораа фирми, само да може да се вози божем јака кола од бугарските отпади.

Старите коли со висока емисија на штетни материи, за чијашто замена во вистинската ЕУ им се исплатуваа по неколку илјади евра на сопствениците во Германија, Франција – автомобили реално вредни по неколку стотини евра – место да завршат во печка, како што беше планирано, тие по некои чудни канали, преку ноќ доспеаја до бугарија, Романија, Полска, Украина, па и до Африка. Прво десетици, потоа стотици илјади автомобили, за на крајот да испаднат милиони стари автомобили, со крајно одредиште за топење во висока печка.

Тогаш беа урнати сите критериуми. Од неукоста, неодговорноста, недржавноста, неморалот, ни трпат и автомобилите. Сé е наопаку. Ненормалното е нормално, глупавото е паметно, лошото е добро, неспособното е способно – затоа што подобро досега до ненормалните. Маѓепсана спирала.

Агент-провокаторите ќе кажат дека загадувањето било од горењето дрва, пластика, од индустријата, од грилот во кафеаните. Што уште да верува човек, умеат ли тие да го сфатат ова: Дизелите со директно впрскување под висок притисок имаат исклучително висока емисија на честички ПМ, коишто со километрите се натрупуваат во фамозните ДПФ-филтри за честички; Филтрите што треба да спречат луѓето да бидат изложени на животно опасна загаденост со ПМ-честички, во поголемиот број стари возила од бугарските отпади се нефункционални, сосечени; На препродавачите им е скапо да тргуваат со возила со исправен ДПФ и општо со функционален систем за пречистување на штетните материи; Потрошувачката на дизел гориво во земјата е зголемена трикратно во споредба со времето пред уривањето на бариерите што го штитеа народот од загадувањето од автомобилите; Постои сомневање дека мерните станици се манипулирани и прикажуваат вредности далеку пониски од реалните…

Еден ден, максимум два денови се доволни за народот да се увери дека загадувањето доаѓа во најголем дел од нерегулираниот возен парк и од организацијата на самиот сообраќај, од тоа што стратегијата за развој на автомобилскиот возен парк е како стратегија за боза и семки. Милионите евра, па зошто да не и милијарди, што ги бараат еко-воајерите за божем да нé спасат, подобро нека си останат кај народот.

Некои кажуваа дека увозот на бугарскиот крш бил спас, за да се овозможи осиромашениот народ воопшто да може да купи автомобил. Зарем некој уште верува во тоа?

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Едно од секои пет продадени возила во ЕУ е на батерија

Унимог донесе 20-метарска новогодишна елка во Берлин