
Шеснаесет месеци во низа расте продажбата на нови автомобили во ЕУ. Батериските електрични автомобили веќе постигнуваат забележлив пазарен удел.
Европската продажба на патнички автомобили порасна за 6 проценти во ноември. Производителите на автомобили продолжуваат со испорачување на возилата, што долго време чекаа да влезат во производство.
Европскиот пазар ќе ја заврши 2023 година со двоцифрен раст во продажбата на нови автомобили.
Бројот на продадени автомобили расте веќе 16 месеци во низа. Во ноември се регистрирани 1,08 милион нови автомобили. Целосно електричните патнички возила учествуваат со 17 проценти во вкупната продажба.
Производителите работат на испорака на возилата, што чекаа да влезат во производство, по кризата со микрочипови, со прекинати мрежи на добавувачи, па и со недоволен број возачи на камиони, за возилата од фабрика да ги довезат до регионалните плацеви. Воедно попушта и инфлацијата, растоварувајќи го притисокот врз домашниот буџет.
Најголемите производители на автомобили го искористија големиот број на пристигнати нарачки за возила. Продажбата на концернот Фолксваген порасна за 9,2 проценти, Рено постигна раст од 6,5 проценти, додека пад од 2,8 проценти има во ноемврискиот резултат на марките на концернот Стелантис.
Блумберг Интелиџенс предвидува дека Европа ќе ја заврши годината со раст во продажбата на автомобили од 14 проценти. Опасноста од рецесија и натаму притиска врз европскиот регион. Побарувачката за електрични возила забави, откако почна да се укинува државната помош за купување возила, исто како и поради бавната изградба на мрежата од полначи и понудата од модели што не ги погодуваат во целост очекувањата на купувачите.
Европската продажба порасна и покрај тоа што германскиот пазар беше во пад од 5,7 проценти, како најголем единечен пазар за автомобили во регионот. Причина за ослабнатата продажба е тоа што Берлин ги укина субвенциите што им ги исплаќаше на фирмите, при купување електрични автомобили.
Кон средината на месецов, владата на Олаф Шолц мораше да ја прекине и долгогодишната програма за потпомагање на купувањето електрични возила, поради големата буџетска дупка. Место со пари од државата, субвенциите до завршетокот на годинава ќе ги покриваат концерните Фолксваген, Мерцедес-Бенц, Тојота и Стелантис.
Автомобилите со дизел мотор во ноември учествувале со само 12,2 проценти во продажбата, наспроти 14,5 проценти во истиот месец лани
По повеќе години раст во продажбата, почнаа да се појавуваат знаци што укажуваат дека продажбата на електричните автомобили ќе забави. Ауди го одложи стартот на планираните нови моделски серии на електрични автомобили, со цел да не се врши притисок врз фабриките и дилерите, додека продажбата на електричните автомобили напредува бавно. Обединетото Кралство исто така го одложи за пет години рокот по којшто во земјата повеќе нема да се регистрираат нови автомобили со бензински или дизел мотор, за 2035 година.
Доколку Европската Унија не ја подобри својата индустриска политика и производителите не почнат наскоро да нудат подостапни електрични автомобили, Унијата веројатно ќе пропушти да ги исполни целите со електричните автомобили, што беа поставени за завршетокот на деценијата. Така цени тимот на аналитичари на Сити, предводен од Харалд Хендриксе.
За следната година, уделот на батериски електрични автомобили во Унијата се очекува да се зголеми за само 3 проценти. Во 2024 година, на овие возила ќе отпаѓаат 18 проценти од пазарот, оценуваат аналитичарите на БиАј, Џилијан Дејвис и Мајкл Дин.
Купувачите се обесхрабруваат од „високите цени, ограничениот досег и недостигот од станици за полнење,“ ценат аналитичарите.















