за

Се подготвува ли смена на шефот на Стелантис?

Француски медиуми објавија дека во концернот Стелантис се подготвува смена на шефот.

Зачестуваат гласините дека Карлос Тавареш, човекот што го издигна концернот Стелантис, наскоро ќе го напушти директорското место.

Карлос Тавареш создаде моќен концерн од Стелантис. Зад кулисите веќе почнуваат да се слушаат гласини за неговата замена, ќе се решава меѓу петмина можни наследници.

Позната е мудроста, дека забавата треба да се напушти кога е најгласно. Дали и Карлос Тавареш мисли исто? Во француските медиуми се шпекулира околу можното заминување на извршниот директор на Стелантис, чијшто мандат завршува во март 2026 година. Тавареш, 66-годишник, наводно поднел список со пет имиња, што тој цени дека се способни да го преземат кормилото.

Едно е сигурно. Карлос Тавареш ги доведува работите до крај и тој решава кога работите се завршени. На прашање, кога ќе го предаде директорското место, тој одговараше: „Кога ќе дојде време.“ Тоа може да се случи брзо. Има ли нешто тој да не довршил досега?

Тој прво го санираше ПСА, за уште пред завршетокот на санацијата, ПСА во 2017 година да го преземе Опел. Тогаш се укажа одлична шанса за тоа. Во 2019 година следеше решавачкиот потег, соединувањето со ФЦА. На тој начин, преку Фиат и Крајслер, Тавареш можеше да пушти чекор на големиот пазар во Северна Америка, каде што немаше големи шанси со марките на ПСА. Во јануари 2021 година беше основан и концернот Стелантис, буквално светска сила во автомобилската индустрија.

Друг живот

Концернот со 14 марки во 2023 година оствари рекордна оперативна добивка од 24,3 милијарди евра. Има уште повеќе од тоа. Стелантис под режија на Тавареш стана најпрофитабилен производител на автомобили во светот. Во третата година постоење, концернот оперативна постигна маржа од 12,8 проценти.

Дали сега е добро време за збогување? Тавареш при неодамнешните разговори за медиумите, во неколку пригоди даде коментари од коишто новинарите претпоставија дека престои негова смена… „додека уште имам одговорност, би сакал…“

Шефот на концернот кој секогаш комуницира отворено, не таи дека посакува поинаков живот. Родениот Португалец, татко на три деца, на прашањето околу неговите лични проекти за иднината, што честопати му е поставувано, одговараше „во секој случај сакам повеќе да бидам со моите четири внуци, затоа што сум среќен дедо.“

Тој сака да има повеќе време и за својата малечка фирма, што реставрира олдтајмери. Секако дека Тавареш сака да поминува и повеќе време во својата татковина Португалија. „Тоа е пријателска земја, животот таму е мирен и едноставен.“

„Апсолутно управување со времето“

Планот за реструктирирање „храбро напред“, со којшто Тавареш го почна издигнувањето на концернот, трае до 2030 година. Тој не размислува квартално, туку долгорочно. Шефот повеќепати има нагласено дека сака да каже уште некој збор и во престојната консолидација на глобалната автомобилска индустрија.

Кариерата на Тавареш може да се круниса со голем ангажман во Кина или со поврзувањето со Рено, коешто не е исклучено. Но, за тоа е потребен уште еден мандат.

Физичката кондиција му е совршена. Тој наводно секое утро станува во 5 часот, ја комплетира својата програма за фитнес, и уште пред 8 часот е во својата канцеларија. „Дедото“ редовно вози на бројни приватни трки, вклучувајќи го Леман Класик.

За 2023 година, Тавареш заработи плата од 36,5 милиони евра, што е за 56 проценти повеќе отколку во претходната година

Автомобилскиот свет уште помни кога тој во 2013 година, со коментар за новинската агенција Блумберг, сам го провоцираше своето отпуштање од Рено. „Моето искуство би било добро, за кој и да било производител на автомобили. Зошто да не ГМ? Би бил почестен да водам фирма како ГМ.“ Тогашниот шеф на Рено-Нисан, Карлос Гон, по ова го отпушти Тавареш. Тој не замина во ГМ, но затоа си го најде своето место во ПСА.

Дали Пика е наследникот?

Кои се петте имиња што се спомнуваат како можни наследници? Постојано се спомнува Максим Пика, кој во последните три години е одговорен за набавките за целиот концерн. Тој претходно раководеше со европскиот бизнис на Стелантис, како прв оперативен директор, што значи дека му беше десна рака на Тавареш во сите активности во Европа. Пика има искуство и во Кина, зборува повеќе јазици и исто така е посветен на перформансите.

Друг можен наследник е Мајкл Манли, кој од завршетокот на 2021 година раководи со Аутонејшн, трговска групација во САД. Поранешниот извршен директор на Џип и потоа шеф на управниот одбор на ФЦА, во почетокот беше назначен за шеф на сите операции на Стелантис во Северна Америка.

Име што исто така е можно да се наоѓа на листата на Карлос Тавареш е Рој Џејкобс, шеф на холандскиот концерн Филипс. Фамилијата Ањели, што поседува 14,3 проценти во Стелантис, во 2023 година презеде 15 проценти од Филипс и има добро мислење за Џејкобс.

Следен кандидат за првата работна позиција во концернот е Антонио Филоса. Тој од ноември е извршен директор во Џип, откако три години пред тоа работеше како регионален шеф за Стелантис во Јужна Америка. Тавареш е убеден дека неговиот наследник мора совршен да ги познава пазарите во Северна и Јужна Америка. Тие два пазари за Стелантис се многу поважни од Кина.

Логично се наметнува и петтото име како наследник на Тавареш. Карлос Зарленга во февруари стана оперативен директор на Стелантис во Северна Америка. Тој е поранешен менаџер во ГМ и имаше контрола над овој пазар што му носи најголем промет на Стелантис.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Мерцедес ѝ стави ѕвезда на хауба на електричната С-Класа

Сопственици на Тесла ангажираат адвокати да ги спасат од дефекти