за

Стелантис со најголема добивка меѓу европските производители на автомобили

Со давање предност на вредноста над бројноста, Стелантис ги престигна сите производители на автомобили во постигнатата добивка.

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, го водеше концернот до рекордна добивка во 2023 година.

Стелантис во 2023 година постигна највисока чиста и оперативна добивка меѓу сите европски производители на автомобили. Следната цел на шефот Карлос Тавареш е да се врати пазарниот удел.

Стелантис во минатата година ги престигна сите производители на автомобили со седиште во Европа, со оперативна добивка од 24 милијарди евра и чиста добивка во висина од 18 милијарди евра. Карлос Тавареш, првиот човек на концернот, кажува дека успешната стратегија на „вредност пред бројност“ не може да продолжи до бесконечност.

Двете категории на профит се рекордни за Стелантис, концерн што е создаден во 2021 година, со соединувањето на Фиат Крајслер Аутомобилс и ПСА Група. Претходно, во 2022 година, Стелантис пак имаше највисока оперативна добивка, единствено БМВ имаше повисока чиста добивка.

Според постоечката ситуација, Стелантис е најпрофитабилен производител на автомобили и на светско рамниште. Се чека уште јапонските производители да ги објават резултатите за нивната фискална 2023 година, којашто заврши на 31-ви март.

Според резултатите од 2022 година, Тојота уште би можела да го престигне Стелантис, кога јапонската корпорација постигна 17,7 милијарди евра чиста добивка, во споредба со 16,8 милијарди на Стелантис. БМВ во 2022 година беше прв по чистата добивка, со 18,6 милијарди евра.

Рангирањето е извршено според објавените извештаи од компаниите, вклучувајќи ги главните европски производители (БМВ, Ферари, Мерцедес, Рено, Стелантис, Фолксваген), потоа трите најголеми производители во САД (Форд, ЏМ и Тесла), како и јужнокорејските компании Киа и Хјундаи.

Шесте најголеми производители од Европа постигнаа рекордна вредност од вкупно 66,7 милијарди евра, што е малку над резултатот од 2022 година, со 66,2 милијарди евра.

Значаен дел од нивната добивка е постигнат надвор од Европа. Стелантис е единствен концерн што ги објавува резултатите по региони. Северноамериканскиот пазар учествува со повеќе од половина во оперативната добивка од 24,3 милијарди евра. Една четвртина е постигната во поширокиот регион на Европа, каде што влегуваат уште Турција, Русија и други земји.

Германските производители не го двојат профитот по региони, меѓутоа е сосем јасно дека нивниот бизнис во Кина има голем удел во заработката. Според извештајот за 2020 година од аналитичарите од Бернштајн, германската авто-индустрија во 2019 година постигнала повеќе од 50 проценти од својата чиста добивка во Кина.

Скок по Ковид

Во последните 10 години, шесте европски концерни постигнале вкупна чиста добивка од 428 милијарди евра. Од таа сума, дури 44 проценти се постигнати само во последните три години, иако браншата се соочуваше со недостиг од компоненти од добавувачите, со скапи трошоци за електрификација и поскапени материјали. Повеќето производители сепак се осигурија од намалената продукција, со тоа што суфицитарните делови (главно микрочипови) ги вградуваа во модели со поголема маржа.

Просечната оперативна маржа на шесте европски концерни (оперативна добивка како процент од прометот) изнесуваше 5,5 проценти во 2019 година. Таа во 2020 година падна на 4,8 проценти, во годината во којашто пандемијата од ковид предизвика најголема штета. Во 2021 година, маржата се искачи на 10 проценти и остана во двоцифреното подрачје во следните две години, вклучувајќи 10,3 проценти во 2023 година.

Стелантис води по оперативната добивка…

Оперативна добивка на најголемите производители на автомобили, во милијарди евра.

2023 2022
Стелантис 24.34 24.02
Фолксваген 22.6 22.5
Мерцедес-Бенц 19.66 20.46
БМВ 18.48 14
Џенерал Моторс 11.47 13.75
Хјундаи 10.71 7.23
Форд 9.63 9.89
Тесла 8.22 12.97
Киа 8.22 5.33
Рено 4.12 2.57
Ферари 1.62 1.23

Проверена стратегија

Стратегијата на Тавареш, да се постигнува најголем можен профит по автомобил, додека во исто време се скусуваат трошоците, потекнува уште од времето пред пандемијата, кога тој стана шеф на ПСА во 2014 година. Серџо Маркионе, извршен директор на Фиат Крајлсер од 2014 до неговото починување во 2018 година, следеше слична стратегија.

Вкупната продажба на главните европски марки што сега се дел од Стелантис (Алфа Ромео, Ситроен, ДС, Фиат, Џип, Ланчиа, Опел и Пежо) во споредба со 2013 година е смалена за 24 проценти. Во исто време, целиот европски пазар порасна за 7 проценти.

Во 2013 година, вкупната продажба на осумте марки изнесуваше 2,77 милиони возила, додека главните марки на концернот Фолксваген продадоа 2,82 милиони возила. Во 2023 година, марките на Стелантис постигнаа вкупна продажба од 2,12 возила, што е пад за 24 проценти, а во исто време марките на концернот Фолксваген постигнаа продажба од 3,22 милиони возила, што е зголемување за 14 проценти.

Стелантис примени сличен пристап на пазарот во Северна Америка, каде што главнината од добивката ја постигнуваат марки на поранешниот Фиат Крајслер, односно Крајслер, Доџ и Рам.

Стратегијата можеби ќе треба да се смени, затоа што зголемените камати ги водат купувачите кон поевтините автомобили. Тавареш во февруари кажа дека „не е среќен“ со тоа што го губи уделот во Европа. Неговиот концерн има за цел да си го врати уделот, но предизвикот е тоа да се постигне додека „се почитува профитабилноста“ кажа Португалецот. Можно е тоа да се постигне преку подобра ефикасност во нарачките и нова маркетиншна тактика, наведе тој.

… исто како и во чистата добивка

Чиста добивка на најголемите производители на автомобили, во милијарди евра.

  2023 2022
Стелантис 18.63 16.78
Фолксваген 17.9 15.84
Мерцедес-Бенц 14.5 14.81
Тесла 13.87 11.92
БМВ 12.17 18.58
Џенерал Моторс 9.34 9.43
Хјундаи 8.69 5.88
Киа 6.22 3.98
Форд 4.02 −1.90
Рено 2.32 −0.72
Ферари 1.26 0.94

Значаен дел од смалувањето на трошоците на Стелантис е постигнат преку отпуштања работници, коишто беа неопходни поради поклопувањето на работните позиции откако двете поранешни групации се споија во денешниот Стелантис. Според годишниот извештај, Стелантис кон завршетокот на 2023 година имал 250.942 вработени ширум светот, што е за 48.733 работници, односно за 16 проценти помалку, од 299.675 вработени, колку што Фиат Крајслер и ПСА имаа пред спојувањето. Работната сила во 2023 година е скусена за 13.000 лица, покажуваат извештаите.

Стелантис месецов најави дека ќе направи нови отпуштања во Италија и во САД

Продажбата на Стелантис во САД во првото тромесечје се намали за 9,7 проценти, со најголем пад во продажбите на марките Рам (-26%-) и Доџ (-16%). Пикапот на Рам, најпродаваниот модел на Стелантис во САД, имаше продажба намалена за 15 проценти.

ram 1500 trx
Продажбата на Рам 1500 во САД се намали за 15 проценти во првото тромесечје, поради општото намалување на побарувачката за големи покапи.

Забавува побарувачката за пикапи во САД

Производителите од Детроит заработуваа од побарувачката за пикапи што чинат по 100.000 долари, со скапи опции и нарачки, како рачно изработена кожа или дисплеи од 15 инчи. Тие во исто време го напуштија сегментот на евтините лимузини и вложуваа во преоѓањето кон електричен погон.

Највисоките камати во последните две декади ја загрозуваат оваа стратегија, затоа што купувачите бараат помали возила што можат да си ги дозволат со својот буџет. Сегментот на пикапите годинава ќе го губи уделот од компактните СУВ и лимузини, предвидуваат во Блумберг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шкода почна со производство на обновената Октавиа

Опел ја враќа Фронтера како мал СУВ со електричен и хибриден погон