за

Опел ја враќа Фронтера како мал СУВ со електричен и хибриден погон

Фронтера е замена за Кросленд во понудата на Опел. Таа ќе биде позиционирана под спортската Мока во најголемиот сегмент на европскиот пазар.

Фронтера повеќе има коцкеста форма во споредба со спортската Мока, вториот малечок СУВ на Опел.

Малиот СУВ-модел Фронтера, наследник на Опел Кросленд, ќе биде достапен со целосно електричен и со 48-волтен благ хибриден погон

Германската марка на Стелантис во вторникот ги објави првите слики од Фронтера, што прикажуваат автомобил со потрадиционална форма на СУВ отколку другиот модел на Опел во овој сегмент, купеовската и поотмена Мока. Опел не објави повеќе подробности околу новиот модел.

Фронтера е сосем извесно дека ќе ја користи платформата Смарт Кар, што првенствено е развиена за модели за пазарите во Индија и во Јужна Америка. Истата платформа ја користат и Ситроен Ц3, идниот Цитроен Ц3 Еркрос и наследничката на Фиат Панда.

Во тековната понуда од СУВ-модели на Опел се наоѓаат Кросленд, којшто е развиен заедно со Џенерал Моторс и почна со продажба во 2016 година; спортската Мока, што ја дели техниката со Пежо 2008 и ДС 3; компактниот модел Грандленд, што годинава ќе биде заменет со нова генерација, со истата техника од новиот Пежо 3008.

Фронтера, Мока и новиот Грандленд се нудат во изведби во целосно електричен погон и со тоа го трасираат патот, за Опел да стане целосно електрична марка во 2028 година.

Новиот модел ќе го најде своето место под Мока, којашто во Германија почнува од 26.550 евра, во изведба со бензински мотор, и под целосно електричната Мока-е, што стартува од 40.800 евра. Меѓу потенцијалните соперници со пониски цени во сегментот се Дачиа Дастер, Фолксваген Т-Крос, Шкода Камик и Киа Стоник.

Заедничко својство на моделите врз платформата Смарт Кар е пониската цена. Тоа е одговор на Стелантис за конкуренцијата од Кина, што настапува со пониски цени. Коцернот веќе го има во понуда електричниот Ситроен е-Ц3, прв модел врз платформата Смарт Кар во Европа, што чини под 24.000 евра. По електричната, наскоро ќе стартува и продажбата на бензинската изведба. Таа на македонскиот пазар може да се очекува веќе околу август.

Опел нагласува дека Фронтера нуди просторна и функционална кабина, со бројни приклучоци УСБ и со наменски држачи за лаптоп и таблет.

Платформата Смарт Кар е осмислена за трошоците да се сведат на најмала можна мера. Фронтера, на пример, не доаѓа со средишен дисплеј во основното ниво. Истото важи и за новиот Ситроен Ц3. Прашање е дали тоа нема да им пречи на купувачите што бараат автомобил по најдостапна цена цена и дали тие целосно ќе се потпрат на услугите од својот телефон. Во повисоките нивоа се вградува дисллеј од 10 инчи.

Фронтера е првиот сериски модел што го има новиот „блиц“ на Опел, благо изменета форма на молњата што е заштитен знак на германската марка.

Тековниот Кросленд е една од последните оставштини од наследството на Џенерал Моторс во Опел. Тој е конструиран врз платформа што беше развиена заеднички од ГМ и ПСА Групата, што во 2021 година се соедини со Фиат Крајслер Аутомобилс за да се создаде денешниот концерн Стелантис.

Во Европа до февруари се продадоа 4.579 примероци од Кросленд, што е раст за 40 проценти во споредба со 2023 година. На тоа се надоврзуваат 6.816 Моки, што е пад за 13 проценит. Кросленд беше 19-ти најпродаван модел во сегментот на малечки СУВ/кросовери, најголемиот пазарен сегмент во Европа. Мока беше деветта. Нјапродаван модел во сегментот е Тојота Јарис Крос со 15.462 продажби.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Стелантис со најголема добивка меѓу европските производители на автомобили

Дефендер ја качува продажбата на Ланд Ровер, уште една одлична година за марката со теренците