Познато е дека автомобилите на Тесла добија најслаба оцена во најновиот извештај на ТУВ, со најголем број дефекти како користено возило. Ауто мотор унд шпорт јавува дека сопственици откриваат дефекти уште кога првпат ќе седнат во својот нов автомобил. Адвокатите имаат полни раце работа.
Кога се купува користен автомобил, потребно е големо искуство, познавање и добра проверка на возилото. Но, постојат и производители на коишто дури и новите возила им се дефектни. Меѓу нив – Тесла. „Кородирани попречни водилки, грунд што е гледа низ лакот, погрешно залепени стакла што поради тоа пропуштаат, нееднакви зјаеви, грешки во системите за асистенција: Бидејќи Тесла не покажува подготвеност да помогне при такви дефекти, дури и кај фабрички новите возила, има се повеќе адвокати, што се занимаваат со Тесла“, пишува германскиот магазин ауто мотор унд шпорт.
Еден од адвокатите што го спомнува магазинот во објавата и кој секоја година има по 1.000 кориснички и корисници на Тесла како клиенти, кажува за германскиот магазин: „Во моментов се најчести случаите кај моделите 3 и Ипсилон, кај коишто паркинг сензорите со ултразвук се заменети со мерачи на растојание на база на камера. Системот работи мошне несигурно“, кажува адвокатот за магазинот. Ауто мотор унд шпорт и сами проверија и утврдија дека тоа навистина е проблем.
Фирми помагаат со сопствени решенија
Клиентите на Тесла очигледно трпат многу. Фирмата на Илон Маск и натаму е најуспешен производител на автомобили во светот, а Модел Ипсилон во 2023 година беше и најпродаван автомобил воопшто на европскиот пазар.
Во меѓувреме, специјализирани механичари најдоа свое решение. „Хамбуршкиот специјалист за автоедлови Мајле конструираше попречки водилки (рамења) за Модел 3 и Ипсилон, во чијшто топчести зглобови повеќе не може да навлезе вода. Кај оригиналот се јавува корозија, што предизвикува забрзано абење и чкрипење“, пишува АМС.
Проблемите со Тесла првпат станаа очигледни во јавноста кога ценетиот ТУВ го објави извештајот за дефекти кај возила од неколку категории на старост. Тесла Модел 3 се најде на завршетокот на списокот, како најрасиплив од сите модели во извештајот.
За да биде уште поразочарувачки, тоа е резулатот од проверката на 111 различни модели, стари две до три години. Од сите возила Тесла Модел 3 што дошле на технички преглед пред регистрација во ТУВ, контролорите вратиле дури 14,7 проценти од возилата.
















