за

Мерцедес ѝ стави ѕвезда на хауба на електричната С-Класа

Штутгарт одговара на критиките за електричниот Е-Ку-Ес и направи промени и во изгледот и во досегот на луксузниот крстосувач.

Електричниот Е-Ку-Ес доби маска и ѕвезда на хаубата, како што доликува за еден Мерцедес. Изгледот се приближи до С-Класа.

Мерцедес Е-Ку-Ес е првиот електричен автомобил на Швабите што е конструиран врз посебна платформа за електричен погон и требаше да завладее во возењето на струја во луксузната класа.

Кога Мерцедес Е-Ку-Ес имаше премиера во април 2021 година, таа беше носителка на сите надежи на моќната компанија за ерата на електирчниот погон. Тоа е првиот модел на Мерцедес што е конструиран врз платформа наменета исклучиво за електричен погон. Страничната силуета во форма на лак додаде футуристичка нишка во изгледот.

Со досег до 780 километри, електричната С-Класа требаше да ја стави во сенка и Тесла Модел С. Шефот на Мерцедес, Ола Келениус, при премиерата најави гордо дека „Е-Ку-Ес е развиена за да ги надмине очекувањата дури и на нашите најпребирливи клиенти“.

Се покажа дека клиентите на Мерцедес сепак се уште попребирливи отколку што се мисли. Иако Е-Ку-Ес одушевуваше на сите тестирања ширум светот и надмоќна е во технолошки поглед, електричната лимузина не ги исполни очекувањата во продажбата.

Во почетокот се зборуваше за продажба од 50.000 примероци на годишно ниво. Е-Ку-Ес сепак остана далеку зад очекувањата, иако пуштањето во производство на новата фабрика „Фактори 56“ во Зинделфинген мина буквално како подмачкано, за разлика од проблемите што ги има Тесла, кога почнува со производство на нов модел.

Во 2022 година, Мерцедес продаде само 19.200 возила, а за лани не е посебно издвоена продажбата на Е-Ку-Ес, што води кон претпоставка дека биле продадени помалку возила. Само во Германија, според последната статистика се регистрирани близу 3.000 примероци од електричниот крстосувач.

Со зголемен комфор на задната клупа, Мерцедес сака да им угоди посебно на клиентите во Кина

Ѕвездата на Мерцедес традиционално стои на хаубата

Е-Ку-Ес потклекна најмногу во Кина, којашто е далеку најважен пазар за луксузните модели на Мерцедес. Еден проблем е тоа што пазарот на електрични возила досега се движеше само во пониските ценовни сегменти. Нафатираната клиентела продолжи да се вози во класична С-Класа со мотори со внатрешно согорување и хибриди. Во Мајбах, исто така.

Друг проблем за Кина е тоа што изгледот поттикува спротивставени мислења, посебно црниот панел на местото кадешто треба да биде маска на Мерцедес. Ограничената просторна понуда во задниот дел од кабината исто така не им се допадна на богатите Кинези.

Мерцедес на тоа одговори со големи попусти во висина и до 30.000 евра. Но, и тоа не помогна за Е-Ку-Ес да постигне поголем успех. Реагираа и клиентите во САД, првенствено поради изгледот што не е својствен за Мерцедес, и исто така поради ограничената просторност назад.

Штутгарт реагираше за рекордно време и изврши моделско освежување што е далеку поголемо од апдејтите што беа вообичаени досега. Највпечатливи се промените во изгледот. На местото на црниот панел напред, сега се наѕира стилизирана маска, што повеќе личи на С-Класа. Со тоа оди и ѕвезда на Мерцедес, поставена традиционално на хаубата. Е-Ку-Ес со изгледот се приближи до С-Класа.

Повеќе комфор назад

Промени има и во внатершноста. Совозачкото седиште сега може да се преклопи нанапред и потпирачот на задната клупа може да се постави под 38 степени. Така се постигнува уште повеќе простор. Во дополнителната опрема сега може да се нарача и греење за вратот и рамената назад, како и за пневматско местење на длабочината на седиштето.

Доколку се нарача Е-Ку-Ес со напреден пакет за комфор назад, буквално со фотелји назад, на десната страна се наоѓа закосен потпирач за стопала. Детали како хромирани отвори за воздух помагаат да се постигне препознатливиот амбиент на Мерцедес, што досега им недостигаше на клиентите.

Е-Ку-Ес и од назад ќе биде повеќе препознатлив како модел на Мерцедес

Досег до 822 километри

Инженерите зафатија и во досегот. Со промени во конструкцијата на батеријата, капацитетот се зголеми од 108,4 на 118 кВч. Тоа значи дека Е-Ку-Ес сега во најдобар случај ќе вози 82 километри подолго со едно полнење. За изведбата Е-Ку-Ес се наведува досег до 882 километри, речиси рекорд.

Преоѓање на 800-волтна техника и побрзо полчнење се планира за подоцна. Поради зголемениот капацитет, времетраењето на полнењето ќе се продолжои незначително. На брз полнач, батеријата ќе се наполни до 80 проценти за половина час.

Стандард е автоматскиот систем за престројување и престигнување, што имаше деби во Е-класа. Уште една важна стандардна ставка е триделниот хајперскрин, што се протега по целата ширина на кокпитот и за којшто досега требаше посебно да се доплати.

Мерцедес почнува со нарачки на 25-ти април. Збогатената опрема не го поскапе возилото, па Е-Ку-Ес во Германија ќе стартува од околу 110.000 евра.

Видеото од првиот електричен Мерцедес во салонот на Мак Аутостар

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Алфа Ромео се враќа во градската класа со Милано

Се подготвува ли смена на шефот на Стелантис?