за

Алфа Ромео се враќа во градската класа со Милано

Новиот модел на Алфа Ромео првпат се појави пред јавноста во Милано, во градот во којшто марката е основана во 1910 година.

Милано е првиот целосно електричен автомобил на италијанската марка на Стелантис. Освен во електрична изведба, Милано се нуди и во изведба со благ хибриден погон.

Првиот целосно електричен модел на Алфа Ромео, градскиот СУВ-модел Милано, во најсилната изведба ќе располага со 240 КС.

Милано е конструиран врз платформата е-ЦМП2 на Стелантис и ќе се нуди и во изведба со 48-волтен благ хибриден погон. Постои и опција за погон на сите тркала. По пример на Тонале, во средата почнаа нарачките за воведната изведба Специале, што е достапна и со електричниот и со хибридниот погон.

Електричните изведби на Милано ќе се нудат во два степени на моќност. Основниот модел ќе располага со 156 КС, додека силната изведба Велоче ќе нуди 240 КС. Во Велоче се вградува диференцијал со блокада, трагата на оските е поширока, напред и назад се вградуваат покрути стабилизатори, има и тркала од 20 инчи. Каросеријата е спуштена 25 милиметри, сменета е работата на амортизацијата, вградени се и посилни сопирачки.

Милано ЕВ постигнува досег до 410 километри, со батерија од 54 кВч. Времетраењето на полнењето од 10 до 80 проценти е покусо од 30 минути, при користење брз полнач со 100 кВ.

Моделот со благ хибриден погон го користи познатиот 1,2-литарски турбо трицилиндарец на Стелантис. Моторот работи во милеров циклус, заради пониска потршувачка, располага со 136 КС и комбиниран е со електромотор од 21 кВ, заедно со 48-волтна батерија. Самиот електромотор е вграден во ѕвоното на 6-степениот менувач со двојна спојка, што значи дека Милано ќе може кусо да извози и чисто на струја.

Фабричкото видео од надворешноста на Алфа Ромео Милано

Благиот хибриден модел во почетокот ќе се нуди само во изведба со преден погон, а подоцна се планира и изведба со погон на сите тркала Ку4, со доплолнителен електромотор за задната оска.

Милано го носи името на градот во којшто марката беше основана во 1910 година. Производството ќе се одвива во фабриката на Стелантис во Тихи, Полска, заедно со Џип Авенџер и Фиат 600.

Потенцијали за пазарот во САД

Првите примероци од Милано ќе бидат испорачани во септември, во верзијата со целосно електричен погон, за два месеци подоцна да следи и изведбата со благ хибриден погон.

Цените уште не се објавени. Батериската електрична изведба на Џип Авенџер почнува на македонскиот пазар од 40.900 евра, додека верзијата со бензински мотор стартува од 22.500 евра, односно промотивно од 20.900 евра.

Уште не е решено дали Милано ќе се продава и во САД. Извршниот директор Жан Филипе Импарато сепак е убеден дека во некои сојузни држави во САД ќе има побарувачка за електричниот СУВ што е ориентиран кон градското секојдневие.

Фабричкото видео со надворешноста и внатрешноста на Алфа Ромео Милано

Понудата од модели на Алфа Ромео во моментов се состои од компактниот СУВ-модел Тонале, лимузината од средна класа Џулија и СУВ-моделот од средна класа Стелвио. За 2027 година е во план и голема лимузина. Најпродаван модел на марката во првите два месеци од 2024 година е Тонале, со 5.539 примероци.

Фелипе Муњоз, аналитичар за светскиот пазар, кажа дека е можно Милано да стане најпродаван модел на Алфа Ромео, бидејќи сегментот на малите СУВ е најголем сегмент во Европа и продолжува да расте.

Најспортски автомобил во сегментот

Како што беше кажано на премиерата, Милано претставува „симболично добредојде назад“ за сопствениците на последната генерација модели од градската и компакт класа од марката Алфа Ромео, на Мито и Џулиета.

Тоа е „најспортскиот и највозбудлив автомобил да возење во сегментот, што во исто време е способен да допре и до сопствениците на претходниот малечок модел Мито и на компактната комбилимузина Џулиета, и до новите и помлади клиенти,“ стои во соопштението на Алфа Ромео.

Видеото од Алфа Ромео Милано во возење

Милано е долга 4.170 милиметри, што е за 86 милиметри повеќе од Џип Авенџер, широка е 1.780 милиметри и висока е 1.500 милиметри. Надворешниот изглед што е дизајниран од Алехандро Месонеро-Романос се повикува на традиционални стилски обележја на Алфа Ромео, како што се широките арки на крилата и коцкестиот завршеток на опашот, по пример на Џулија ТЗ од 1960-те години.

Според објавените планови за 2023 година, Милано е последниот нов модел на Алфа Ромео што ќе биде достапен во изведба со мотор со внатрешно согорување. По 2025 година, секој нов модел што ќе го лансира марката, развиен е и ќе се произведува исклучиво во целосно електрична изведба. По 2027 година, Алфа Ромео ќе продава само електрични автомобили.

Милано користи стилски обележја од историјата на Алфа Ромео, меѓу кои и коцкестиот опаш што потсеќа на Џулија ТЗ од 1960-те

Малубројни се ривалите од премиум сегментот

Милано ќе биде еден од малкуте СУВ-модели од градската класа од премиум марка, покрај Волво Е-Икс 30, ДС 3 и штотуку лансираниот Лексус Ел Бе Икс.

Аналитичарите ценат дека на Милано ќе ѝ биде од корист тоа што во моментов е мала понудата од премиум модели во сегментот. Ауди, БМВ и Мерцедес не се присутни со свои модели.

Предности на Милано се и перформансите, традиционална вредност на марката, но и цената.

Главните соперници на електричната изведба на Милано се Е Икс 30 и Смарт 1, кажа Импарато, иако Смарт е позициониран како компакт модел.

Волво до февруари продаде 5.919 примероци од Е Икс 30, наспроти 1.856 примероци кај Смарт 1 и 376 примероци од ДС 3.

Видеото од тестот на Џип Авенџер

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

ЕУ од производителите собрала 510 милиони евра на име казна за емисија на ЦО2

Мерцедес ѝ стави ѕвезда на хауба на електричната С-Класа