за

Првиот малечок германски автомобил беше Ауди

Пред 50 години Германија го произведе својот прв малечок автомобил, Ауди 50. Тој подоцна стана Фолксваген Поло.

Меѓу 1974 и 1978 година беа произведени 180.828 примероци од Ауди 50. Потоа презеде еден модел што достигна милионска продуикција.

Новиот модел се појави во вистинското време. Во 1974 година, непосредно по големата нафтена криза една година порано, со Ауди 50 стартуваше првиот малечок автомобил на германски производител.

Тој беше штедлив и конструиран различно: Погон напред, мотор вграден попречно, комбилимузинска каросерија со две врати и голем поклопец назад, со соборување на клупата, мали димензии, а пак со одлични перформанси и динамични возни својства.

Ауди 50 беше мустра за Фолксваген Поло, речиси идентичен модел, што Волфсбург го пушти во продажба седум месци подоцна. Тоа беше пример за користење на синергиите на марките од концернот. Рецептот на успех делуваше и пред 50 години.

Намерата на менаџерите со Ауди 50 беше да понудат модел што е свеж и многустран. Марката тогаш ги имаше моделите 80 и 100. Инженерите на Ауди НСУ Ауто Унион АГ уште во 1970 година почнаа да работат на моделот, предводени од главниот техничар Лудвиг Краус.

Целта беше да се развие наследничка на докажаните градски модели на НСУ, на коишто им се приближуваше завршетокот на производството.

Во налогот за развој на моделот стоеше: „Современ автомобил мора да биде по мера“. Клуч на успехот беше попречното вградување на моторот. Така инженерите постигнаа автомобилот да биде долг 3,49 метри, а притоа пак да нуди пристојна кабина. Малечкиот Ауди тежеше само 685 килограми и се нудеше во две изведби: Како Ауди 50 со 50 КС и како Ауди 60 ГЛ со 60 КС, двете со 1,1-литарски мотор.

Ауди 50 ЛС постигнуваше 142 км/ч, ГЛ додаваше уште 10 км/ч во крајната брзина. Разликата беше во тоа што послабата верзија полнеше обичен, а посилната супер бензин. Во 1977 година, на местото на посилниот мотор дојде нов 1,3-литарец, што исто така трошеше обичен бензин.

Дизајнот е дело на Хартмут Варкус, кој претходно го дизајнираше и Ауди 80. Тој ја спакува техниката на Лудвиг Краус во безвременска и филигранска форма.

Тест-возењата за новинарите се одржаа во летото 1974 година на Сардинија. Германските салони го добија новиот модел на 26-ти октомври: Ауди 50 ЛС со цена од 8.195 марки, Ауди 50 ГЛ за 8.510 марки.

Моделот беше развиен во Некарсулм, потоа развојот продолжи во Инголштат, а се произведуваше во фабриката на Фолксваген во Волфсбург.

До 31-ви март 1975 година, од лентите се симнаа 43.002 примероци од Ауди 50. Потоа почна паралелно да се произведува идентичното Фолксваген Поло. До летото 1978 беа произведени вкупно 180.828 примероци од малечкиот Ауди.

Марката со четирите прстени потоа им се посвети на моделите од средната класа па нагоре.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пежо Спорт доби еколошко признание со три ѕвезди од ФИА

Во Норвешка одат на трет и четврт електричен автомобил