По улиците во Норвешка наскоро ќе возат повеќе електрични автомобили отколку бензинци. Некои семејства сепак имаат многу поголем возен парк од другите.
Електромобилноста никаде во светот не напредуваше толку како во Норвешка. Во првите месеци од годинава, девет од секои десет нови регистрирани автомобили во скандинавската држава се чисто електрични автомобили. Според предвидувањата, уште пред завршетокот на оваа година, по улиците во земјата ќе се движат повеќе електрични автомобили, отколку бензинци.
Нова студија открива дека електричните автомобили не се застапени рамномерно меѓу норвешкото население. Повеќе од половината од домаќинствата со електричен автомобил, имаат по три, па и повеќе возила што користат чисто погон на струја. Тоа укажува дека поседувањето електричен автомобил повеќе е концентрирано кај побогатите семејства, пишуваат авторите во стручниот весник „Земја и животна средина.“
Тоа сведочи дека електричните автомобили почнаа да се продаваат помасовно пред само неколку години и во почетокот беа достапни како поскапи нови автомобили за побогатите купувачи. Со текот на времето тие почнаа како користени елеткрични автомобили да доспеваат и до населението со пониски примања. Во тој круг купувачи се застапени постари возила, што и во Норвешка се главно возила со мотор со внатршено согорување.
Секое десетто домаќинство го сменило електричниот автомобил, главно поради пониските примања и зголемувањето на семејството
Во истражувањето спроведено од тројца истражувачи од Норвешка и Холандија, се споредуваше колку е сменет уделот на домаќинства во земјата, што имаат најмалку едно елеткрично возило, и на домаќинствата што возат исклучиво на бензин или дизел. Се разгледуваше периодот од 2005 до 2022 година.
Студијата откри дека 34 проценти од домаќинствата поседувале три или четири електрични возила, додека 14 проценти имаат пет па дури и повеќе автомобили на струја. Покрај тоа, секое десетто домаќинство, што поседувало електричен автомобил во периодот, го заменило електричното возило. Како причина се наведуваат намалените примања, раѓањето дете во семејството, како и работното место што е надвор од живеалиштето.
Од останатите студии е познато дека ЕВ во почетокот обично се користат како второ возило во домашниот возен парк. Потребно е време за корисниците да стекнат доверба во техниката и во мрежата од полначи. Во Норвешка е вообичаено домаќинствата да поседуваат три или четири автомобили, без разлика дали со или без електричен погон. Од податоците до коишто дојдоа истражувачите, се покажува и дека сопствениците на ЕВ во просек се побогати и заработуваат повеќе.
Научниците дојдоа и до заклучок дека сопствениците на ЕВ во просек се пообразувани од оние што возат бензинци. Уделот на домаќинства со ЕВ, во коишто најмалку едно лице е со високо образование, во 2022 година бил повисок за 25 проценти.
Норвешка масивно го потпомага купувањето електрични автомобили, затоа што државата заработува многу од нафтената и гасна индустрија. Скандинавската држава го укина ослободувањето од ДДВ за поскапите ЕВ, но пак останаа одредени субвенции, што само во минатата година достигнаа 3,7 милијарди евра.

















