за

Оваа дама е моделка и инспирација за фигурата што го краси секој Ролс-Ројс

Ролс-Ројс одбележува 120 години и се присеќа на најславните личности. Еленор Веласко Торнтон е дамата што го краси секој Ролс-Ројс, таа е „Духот на екстазата“.

Две имиња се главни во историјата на најлуксузната автомобилска марка: Чарлс Ролс и Хенри Ројс. Покрај основачите, меѓу најважните личности за британската марка секако се вбројува Еленор Веласко Торнтон. Таа до денес е присутна во секој Ролс-Ројс.

Гудвуд се сеќава на неа како „моќна, интелигентна, самоуверена и крајно влијателна дама, во светот на автомобилите што во тоа време речиси целосно им припаѓаше на мажите.“ Овој опис важи за дамата што е моделка за Духот на Екстазата, фигурата што тронува на маската на скапоцените автомобили.

Еленор Веласко Торнтон била секретарка на Клод Џонсон, човекот што е заслужен за опстојувањето на бизнисот, по починувањето на основачите на Ролс-Ројс. Таа има многу важна улога во историјата на британската марка, затоа што е муза на илустраторот и скулптор Чарлс Сајкс и моделка за иконската фигура на Духот на Екстазата, најмоќниот заштитен знак на марката.

Таа е родена на 15-ти април 1880 година во Стоквел, во југозападниот дел на Лондон. Во најраните години на 20-от век, таа работи како помошничка на Клод Џонсон, генерален сектетар на Автомобилскиот клуб на Велика Британија и Ирска (денешен РАЦ), кој набрзо потоа станува деловен партнер на велечесниот Чарлс Стјуарт Ролс.

Еленор изнајмувала соба во т.н. Фазанерија на Кингс Роуд, во Челси. Објектот тогаш е во сопственост на уметникот Амеде Жобер, кој е воедно и архитектот. Фазанеријата прво е дом на уметничка колонија, што во 1930-те станува ресторан, меѓу чијшто редовни посетители се актерот Хемфри Богарт, поетот Дилан Томас и сликарот Френсис Бејкон. Објектот постои и денес и работи како ноќен клуб.

Во ова уметничко опкружување, Еленор водела двоен живот. Дење таа била професионална извршна асистентка, а ноќе им позирала на уметниците во Фазанеријата. Меѓу тие уметници секако е Чарлс Сајкс.

Нејзиниот живот се менува од корен во 1902 година. На сто милји од Лондон, на ограноците на Њу Форест во Хемпшир, Џон Волтер Едвард Даглас-Скот-Монтугју го мачи вечниот проблем. Тој требало да ја наследи титулата на Втор Барон Монтугју од Бјули. Но, идниот барон вечно бил без пари. Неговата несреќа била уште поголема поради големата страст околу автомобилите. Во најраните денови на автомобилизмот, тие им биле достапни само на најбогатите.

За среќа, Монтугју поседувал новинарска жичка, што водела кон тоа баронот да го основа првиот британски магазин за автомобили, Кар Илустрејтед. Тој ги работел сите задачи, но за фотографиите, морал да побара професионален илустратор. Во тие чудни совпаѓања од коишто произлегуваат големи историски моменти, тој го ангажирал токму Чарлс Сајкс.

Меѓу пријателите на Монтугју бил и Клод Џонсон. Преку него, тој ја запознал Елемор, што веднаш го освоила со интелигенцијата. Благородникот без двоумење ѝ понудил место на менаџерка во неговиот магазин. Еленор прифатила. Така почува долга, но тајна врска меѓу аристократот и неговата 14 години помлада колешка.

Сајкс и Еленор одеднаш се нашле како колеги во Кар Илустрејтед, иако тие веќе имале меѓусебно познанство во сосем други околности. Тоа не променило многу, затоа што Еленор продолжила да му позира на Сајкс.

Во тоа време, тој ја изработил маскотата за Ролс-Ројс Силвер Гоуст на Монтугју. Малечката алуминиумска фигура наречена „Виспер“, шепот, претставувала млада дама во развеана облека, со показалецот на усните. Еленор била моделката.

Историјата не знае дали маскотата била подарок од Сајкс за неговиот пријател и работодавец, или е изработена по барање на Еленор, за нејзиниот љубовник. Монтугју ја поставувал фигурата на секој Ролс-Ројс што го поседувал до починувањето во 1929 година. Се верува дека тоа било во знак на љубов кон Еленор, врската што тој долго ја таел.

Еленор загинува трагично, меѓу стотиците патници кога бродот СС Персија потонал во Медитеранот во 1915 година. Монтугју е меѓу малкуте преживеани, што три дена пловеле врз превртен чамец за спасување. Тој здобил повреда на рамото, но многу поголема била болката од губењето на неговата љубена. Баронот не ја преболел Еленор, иако никогаш не зборувал јавно за врската. Таа сепак била присутна со него, на секој негов автомобил до крајот на животот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Акио Тојода, претседателот на Тојота, има и рецепт за здрави крофни

Фиат Панда со бензинец ќе продолжи до 2030, кажа шефот Тавареш