Со серијата 5 на БМВ е слично како со костум по мера. Тој може да се сошие на еден начин и на друг начин. Едниот е, на распродажба да се погоди пристоен штоф, тоа да се комбинира со копчиња и постава од некој стар костум, и да се остави кај кројач што е веднаш по пат додека се пешачи од паркинг до канцеларија. Едно мерење и една проба се доволни. Да не се мачи човек. Секако дека постои и друг начин.
Во вториот случај, сé е различно. Почнувајќи од редоследот. Прво се бара кројач што е врвен мајстор на својот занает. Човек што својот занает го унапредил до уметност. Кај тој кројач се избира од материјалите што тој ги нарачува од добавувач од Италија. Тој ќе побара да му донесете и три омилени вратоврски, за да може да се раководи околу стилот. Не само што ќе се избира и какви да бидат копчињата, туку и материјалот и бојата на поставата. Кај овој кројач ќе треба да се дојде на проба најмалку трипати. Тоа е голема разлика.
Така и со БМВ од серијата 5. Постојат и други автомобили што се долги преку пет метри, имаат светкава маска, мотори со двесте коњски сили од старт, исто толку големи дисплеи, електрика на седишта, па и поевтини се. Но, тие не се БМВ, и во класата во којашто припаѓа серијата 5, пак за неа ќе се решат повеќе луѓе, отколку за другите модели што се исти и поевтини, но не се БМВ.
Баварците произведуваат премиум марка. Што толку прави нивните автомобили да бидат премиум, а другите не? Материјалите им се поквалитетни, возилата им траат подолго, ламарината е подебела? БМВ со многу нешта има постигнато и заслужено да биде премиум. Но, главното што прави некои автомобили да ја истакнуваат таа етикета, што денес се користи масовно, од премиум пиво до премиум стан, тоа е чувството.
Од отворањето на вратите, што патем се алуминиумски и лесни, до паркирањето во гаража и ширењето на препознатливиот мирис на 5-та, сето тоа го создава чувството. За тоа да се постигне, потребни се многу инженеринг, многу техника и технологија, искуство, финти од мотоспортот. Тоа е одговорот, зошто БМВ, Мерцедес и Ауди, плус Ланд Ровер и Лексус се премиум, а другите не се. Брилијантната инженерска работа го прави премиумот. А, таа работа, прави кога човек ќе седне во ваков автомобил, да знае и да почувствува дека седнал во премиум автомобил.
Во Минхен денес се толку релаксирани околу својата нова 5-ка, што дури се откажуваат од детално објаснување, што сé e унапредено, сменето, револуционизирано во Г60. Тоа е сосем различно од времето на Е39, кога веројатно и на вести се објавуваше дека петката добила целосно алуминиумска суспензија. Знае светот што му претставува оваа минхенска серија.
За да се почувствува БМВ во петката, не мора да се јури по тркачка патека, уште градското секојдневие ја прави разликата
Место тоа, од Петуелринг 130 само соопштуваат дека нивната Г60 е подинамична од кога било досега, изобилува со дигитални иновации и за првпат се нуди и во целосно електрична изведба и5. Од многу вратоломии со латинизми да се опише колку е добра серијата 5 од генерацијата Г60, на светот му е премногу. На оваа марка ѝ се верува. Луѓе сигурно нема да видат сликичка на инстаграм и да побрзаат во салон да си купат една петка, оти сликичката ги погодила. Иако денес постои убедување дека така функционираат нештата.
Осмото колено на серијата 5 изгледа различно, односно прво се распознава уште оддалеку како нова 5-ка. Бубрезите се широки, со дебела рамка, мали лакови во светлата прават во нив да се насетат некогашните двојни светла на БМВ, отстрана има само два надолжни рабови, задните светла се многу издолжени и строго хоризонтални, за да се компензира што опашот е тесен, поради аеродинамичност. Чоколадната страна во дизајнот е спуштениот и многу кус опаш. Секако дека во тоа се препознава формата на првата 5-ка, на Е12 од 1972 година.
Тоа што по друштвените мрежи се пишуваат коментари дека маската била пренападна и дека постарите генерации биле вистински „бемве“, не допира до дамите и господата што можат сега да си ја дозволат оваа лимузина, по цена од најмалку 71.700 евра. По дваесетина години, кога ќе се вади од плац за користени автомобили, оваа петка пак ќе биде „најубавиот автомобил во свет“. Тоа е суштината на целата драма околу изгледот на новите модели на Баварците.
БМВ направи дигитализацијата да стане природна во Г60
Во внатрешноста сé се раководи според Лајв Кокпит, според живиот кокпит. Заоблениот дисплеј се состои од дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен екран од 14,9 инчи. Тоа е стандард. Меѓутоа, бидејќи ова е премиум, не е само до големината, туку е до содржината. БМВ користи сопствен оперативен систем што е во генерација 8,5 и тој ја создава магијата.
Колку и да делува „страшно“, ракувањето со контролерот во средишната конзола и движењето по менито во средишниот дисплеј се покажува многу природно. На основниот дисплеј се покажуваат опции по левиот раб, по десниот раб, долу, горе, а за да се дојде до нив, единствено треба контролерот да се повлече два милиметри лево, десно и долу или горе, и потоа со вртење на контролерот да се дојде до бараната функција. Не е далеку од совршенство.
А, каде е копчето за рециркулација на воздухот, кога уште оддалеку ќе се забележи дека некој вреден човек го запалил „вишокот“ нива и има чад преку патот? Полесно е со говорна команда. Асистентката за возење ќе се замоли да го прекине дотокот на воздух однадвор, и толку. Истото важи и за поставување на брзината на темпоматот. Дамата со пријатен глас ќе се замоли за темпоматот да го помести на 80, 90, 120, и толку.
Колку што новата петка е умерена однадвор, толку е сменета внатре
Целиот напредок се огледува внатре. Тука серијата 5 е најнова, но во исто време и најстара. Горе врз арматурната табла се забележува големо поле со отвори за воздух со груб растер. Тоа секако потсеќа на Е12, исто како и рамната површина во почетокот на средишната конзола, каде што е безжичниот полнач за телефон.
Отвори за воздух? Не постојат. Тоа се забележува дури отпосле. Место со масивни отвори за воздух што ќе го диктираат стилот на кокпитот, тука се работи за т.н. проветрување од фуга, од жлеб. Од тие неколку милиметри зјај по должината на кокпитот струи воздух. Секако дека климатизацијата пак е врвна.
Таа отстапка, од една страна е направена, за Г60 да се врати на едноставноста на стилот на Е12, но од друга страна е оставено простор за амбиенталното осветлување. При преземањето на возилото на тест, госпоѓа Билјана во М Кар нагласуваше повеќепати дека тоа е опремено дополнително со амбиентално осветување. Што има толку посебно?
Минхен го има осмислено кокпитот на тој начин за човек да не може да го прескокне „интеракцискиот бар“ од дополнителната опрема
Има, дури и повеќе отколку што се претпоставува. БМВ кажува дека тоа е „интеракциски бар со кристален стаклен изглед“. Во основа, бојата, односно целиот избран спектар од бои, во системот од светлечки панели по таблата и вратите, се менува зависно од избраната програма за возење. Црвено и две нинанси на сино во програма Спорт, нежни природни тонови во Релакс, многу впечатливо. Отмено, место кич.
View this post on Instagram
Својствено за каприцот на премиум марките, овој интерактивен бар доаѓа како дел од иновацискиот пакет, заедно со проекциски дисплеј, помош при паркирање и камера за кабина, па целиот пакет соодветно чини преку 2.000 евра. Вредно.
Можеби во графиката на инструментите би требало да има повеќе техно и повеќе премиум, меѓутоа исто така е можно дека психолозите во Минхен препорачале дека вака е подобро, за да не се одвлекува премногу внимание од патот.
Баварците често ја спомнуваат одржливоста и животната средина, затоа што покрај матичните модели, ги работат и чисто електричните модели
Петката е прв модел на БМВ што целосно се откажува од кожа и дрво, односно во основната изведба се испорачува како вегански автомобил. Со доплата, секако дека кожа за седиштата и натаму е достапна.
За возните својства, тоа е одлика уште од Е39 наваму, серијата 5 остава впечаток на многу полесен и помал автомобил. Меѓутоа, Г60 има софистицирано подвозје и не може сé да се сведе на заклучокот дека лимузината се однесува само како градски автомобил со силен мотор. За впечатоците од возењето станува повеќе збор во видеото што е носечки дел од секој тест на Аутомедиа.
Околу моторот, тука одамна се опеани сите квалитети на БМВ. Во новата генерација, дизелот во 520д е придружен со стартер-генератор од 11 КС и 25 њутнметри, што и фактички го стартува моторот тивко, брзо и меко, па и потпомага при поаѓање. Кога се вози со постојана брзина, овој стартер-генератор исто така е активен одредено време и помага да се одржува брзината. Тоа трае кусо, меѓутоа е доволно за да биде делотворно врз потрошувачката, особено во град. Вредност за потрошувачката со шестка пред запирката, повеќе е правило, отколку исклучок.
Покрај сета ретро-нијанса во техно-револуционерната петка, интересно би било да се избере комбинација со бензинец – во времето на Е12, немаше дизел во петката
Бензинецот 520и според македонскиот ценовник е поскап 390 евра, меѓутоа би било интересна можноста да се доживее баварски „бенцинер“ денес. Тоа би имало и голема смисла, затоа што многу нешта во Г60 се изведени по пример на Е12. Тогаш дури и не постоеше дизел во гамата на серијата 5. Основен модел беше 518 со 1,8-литарец со карбуратор, со 90 КС.
Тоа што посебно одушеви при тестот е комфорот. Од друга страна, не треба да биде изненадување, затоа што 5-та е патничка лимузина, бизнис лимузина. Колку што се очекуваат спортски возни својства и висока возна динамика, во тој свет сепак е важен и комфорот.
Од опциите, остануваат главно ставките што имаат најмалку четирицифрена вредност, сé „поситно“ од тоа е стандард. Спортски пакет М, како во тестираниот примерок, чини над 4.000 евра, за кожа мерино се доплаќа 2.200 евра според германскиот ценовник, осветлени бубрези се дел од М Про пакетот. Посебност на списокот е асистентот за автопат, кога со поглед се потврдува 5-та да се престрои на автопат и да престигне возило. Тоа чини 850 евра, како доплата за Професинален Асистент за Возење, што чини 2.000 евра, а за тој да се вгради, треба претходно да се избере и Иновацискиот пакет, што исто така чини 2.000 евра. И тоа е составен дел од премиоум светот.
Лимузина со продолжено дејство
Серијата 5 има носечка улога во главната претстава на автомобилската сцена. Тука се огледува колку напредувала браншата. БМВ е марка што го донесува напредокот. Кај Г60, тој се огледува во дигитализацијата и во комфорот. Ракувањето во тој дигитален свет стана природно, барем Минхен направи тој свет од којшто многумина стравуваат дека ќе им смени сé во животот, да се доживува природно. И комфорот, секако. БМВ серија 5 повеќе не е само брзина и возачко уживање, односно „фројде ам фарен“, туку напредуваше многу и во комфорот. Автомобил без задршка. Сé што е вградено и чини во овој автомобил, вреди.
Колку вреди, најдобро сведочи фактот што оваа 5-ка, сега нова и свежа, пак ќе биде супериорна како автомобил и по дваеет или триесет години. Точно лимузина со продолжено дејство.