за

Увозот на кинески електрични автомобили во ЕУ забави нагло

Во јануари и февруари во ЕУ пристигнале за 20% помалку електрични возила од Кина отколку лани.

Европската Унија најави дека ретроактивно ќе им наплаќа казнени царини на Кинезите, за сите увезени електрични автомобили, доколку истрагата утврди дека Пекинг недозволиво им исплаќа субвенции на домашните производители, за тие да можат да продаваат поевтино. Дали забавувањето во почетокот на годината е последица од заканата од Брисел?

Бројките зборуваат различно од најавите на кинеските производители на автомобили дека ќе ја напаѓаат Унијата со своите возила. Извозот на електрични автомобили од Кина во ЕУ во почетокот од годината е намален за близу 20 проценти во споредба со истиот период лани. Тоа го покажуваат официјалните статистики што ги објави Пекинг.

Според кинеската Царина, во јануари и февруари во 27-те држави на ЕУ пристигнале 75.600 електрични автомобили. Во споредба со почетокот на минатата година, тоа е пад од една петина. Бројките за Европа се разликуваат од бројките за светскиот пазар. Во истиот период, бројот на кинески електрични автомобили што биле испратени на пазарите ширум светот се зголемил за осум проценти, на вкупно 248.211 возила.

Во тек е истрагата на ЕУ во Кина

Податоците на прв поглед противречат на кажувањата за агресивниот настап на кинеските производители на електрични, поради коишто Комисијата на ЕУ во октомври 2023 отпочна истрага. Производители како БИД, Џили, Саиц и др. според бриселските институции профитираат од државните субвенции и со тоа доаѓаат во недозволива ценовна предност наспроти европската автомобилска индустрија.

Брисел во почетокот на месецов објави дека е блиску до решение да воведе дополнителни царини за кинеските електрични автомобили во ЕУ. Во посебно соопштение, Комисијата на ЕУ укажа дека увозот на кинески електрични автомобили во Европа лани се зголемил за 14 проценти во споредба со 2022 година. Решението на ЕУ се очекува во третиот квартал, значи од јули натаму.

Кинеските производители се уплашија од ЕУ?

Дали објавата од Пекинг за намалениот извоз на електрични автомобили е случајна, покрај заканите дека ЕУ ќе воведе казни? Кинеската стопанска комора во ЕУ излезе со својот став дека намалувањето на извозот било „обична статистичка аномалија“. Постоеле шпекулации, дека истрагата на ЕУ предизвикала „заплашувачко дејство“, соопштуваат од Комората.

Наглиот раст во извозот на кинески електрични автомобили уште од 2021 година се потврдуваше и во податоците на кинеската царина. Во повеќето месеци се забележуваше значителен раст во споредба со претходната година, назадување имаше само во неколку месеци.

Во браншата постојат спротивставени ставови околу можните казнени царини за кинеските електрични автомобили. Како одбранбен чекор, постои веројатност дека Кина ќе воведе високи увозни царини за европските производители. Тоа најмногу би им предизвикало проблеми на германските производители. „Порше би бил погоден најсилно, затоа што тие увезуваат 100 проценти од својата продажба во Кина. По нив се БМВ и Мерцедес, коишто ги увезуваат своите најскапи модели (С-Класа/Е-Ку-Ес, серија 7/и7)“, наведуваат од институтот Бернштајн во реакција на соопштението од ЕУ.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Г-Класа: Фини зафати пред да дојде електричниот „Гелендеваген“

Тест · БМВ 520д · Скроена по мера