
Европската Комисија тврди дека располага со докази за финансиска поддршка што кинеската влада им ја дава на производителите на електрични автомобили во земјата, за кинеските автомобили да може да се продаваат во Европа по пониска цена од вистинската. Во соопштението од Брисел понатаму се наведува дека тоа се постигнувало преку „директен трансфер на пари“ и други механизми.
Комисијата е во екот на истрагата што има за цел да утврди дали за електричните автомобили што се произведуваат во Кина се добиваат субвенции, што суштински ги нарушува правилата на фер трговија. Како можни решенија се спомнува воведување казнени царини со цел да се заштитат производителите во ЕУ. Истрагата треба да биде завршена до ноември, иако е можно ЕУ уште во јули да воведе привремени царини.
Дилерите на кинески автомобили, односно производителите од Кина, може да платат казнени царини и за возилата што веќе се продадени во ЕУ
Брисел најави дека во четврток ќе отпочне да ги регистира увезените електрични автомобили од Кина, што значи дека истите може да бидат зафатени со казнените царини ретроактивно, доколку истрагата на ЕУ подоцна утврди дека кинеските производители добивале субвенции од државата што ги прекршуваат правилата за фер трговија.
Кинеската стопанска комора во ЕУ изрази разочарување од чекорот и оцени дека причина за зголемениот увоз е тоа што пораснала побарувачката за електрични возила во Европа.
Комисијата во вторникот објави документ во којшто се наведува дека постојат доволно докази, што укажуваат дека за кинеските електрични автомобили биле добивани субвенции и дека увозот се зголемил за 14 проценти во споредба со лани, откако истрагата отпочна формално во октомври.
Комисијата не излегува со процени околу висината на ретроактивните царини што ќе треба да ги платат кинеските производители.
Кинеските производители на автомобили, вклучувајќи ги БИД и МГ (САИЦ, го купи правото да продава под името на прочуената британска марка), целат кон Европа со широк обем од електрични возила со конкурентна цена, со што вршат притисок врз големоволуменските концерни, како Стелантис и Фолксваген.
БИД лани ја престигнаа Тесла како најголем производител на ЕВ во светот. Во декември, Кинезите најавија дека ќе градат фабрика во Унгарија, за да ја засилат продажбата во Европа.
Комисијата кажа дека доказите укажале на постоење на субвенции за увезените автомобили во ЕУ, иако истите не се наведуваат подетално. Тие субвенции вклучуваат:
- Директен трансфер на пари и потенцијален директен трансфер на обврзници
- Државните даноци биле „со одминат рок за наплата или не биле наплатени“
- Владата снабдувала со суровини и услуги „за помалку од соодветен надомест“
Понатаму, Комисијата наведува дека извозот од Кина предизвикал „критична состојба“ поради „масовниот увоз во релативно кусо време.“ Од октомври 2023 до јануари 2024 година се увезени 177.839 автомобили, што претставува раст од 11 проценти во споредба со истиот период една година претходно.
Доколку продолжи увозот од Кина со сегашното темпо, прозиводителите во ЕУ може да се соочат со слабеење на продажбата и намалена продукција. Тоа би можело „негативно да влијае врз вработувањето и вкупното производство во Унијата“, заклучува Комисијата.















