за

Тојота Ц-ХР првпат како приклучен хибрид, до 100 километри на струја

Тојота со новата генерација на Ц-ХР не направи само сигурна копија од шампионската претходничка, туку пак го смени дизајнот. Техниката исто така.

Место една, Тојота сега нуди повеќе хибридни изведби од своите модели. Ц-ХР вози како хибрид со 140 и 200 КС, посилниот мотор се нуди и со погон на сите тркала, а сега доаѓа и четвртата хибридна изведба.

Во Тојота беа сигурни дека успехот на Ц-ХР ќе можат да го повторат и во втората генерација на моделот, без притоа да се оди на сигурна карта и само да се подзатегне дизајнот на првиот Купе Хај Рајдер. Новата Ц-ХР пак прави голема отстапка од шемата и прикажува дизајн што двои, во позитивна смисла.

Од тестот на моделот со дволитарскиот хибрид, со погон на сите тркала и со ниво ГР Спорт, се покажа дека новата генерација на моделот што претходеше на бранот на Рено Меган Конквест, оригинално Аркана, на Пежо 408 и други модели со фастбек-концепт, донесува свежина и се наградува таму каде што претходничката убедуваше најмногу. Во завршната изработка, во системите за асистенција, во практичноста, комфорот, и секако, во напредниот хибриден погон.

Како што најави јапонската марка, напролет ќе почне со продажба новата погонска изведба во понудата. Тоа е приклучен хибрид, што значи дека има сé како класичниот хибрид на Тојота, но батеријата е поголема и има приклучок за полнење на истата.

Според норма, приклучната хибридна Ц-ХР постигнува електричен досег до 67 километри во комбиниран циклус. Во град, каде што има често сопирање и одземање гас, соодветно и батеријата се полни повеќе од залетот, па така и досегот при возење чисто во град, достигнува 100 километри. Тоа во основа може да значи дека возач што во просек минува по 20 километри дневно, може цела работна недела да вози до канцеларија со погон на струја, без потреба да се вклучи бензинецот.

Во случај на поаѓање на пат со полна батерија и полн резервоар, Тојота Ц-ХР Плаг-ин Хибрид прво ќе извози на струја, а потоа комбинирано на струја и бензин, за да вози до 900 километри, пред да треба да наполни бензин, а кој сака, и батерија.

Погонската спрега ја сочинуваат електромотор од 120 кВ/163 КС на предната оска, литиум-јон батерија од 13,6 кВч и бензинец со зафатнина од 2,0 литри и 152 КС. Системската сила изнесува 223 КС, што се потврдува и со спринтот до темпо сто за 7,4 секунди.

Според норма, Ц-ХР Плаг-Ин Хибрид троши 0,9 литар на сто километри. Тој податок се добива кога ќе се појде со полна батерија, ќе се вози 67 километри на струја и преостанатите 33 километри ќе се поминат со хибриден погон. За тој пат, купе-Тојотата ќе испушти само 19 грами ЦО2 на секој километар.

Тојота нагласува дека приклучниот хибриден погон е конструиран врз основа на податоците што се добиени од секојдневието на возачи од цела Европа. Тоа се огледува на пример во чувствителноста на педалата за гас, што е калибрирана за директна реакција, рамномерно повлекување и воедно за контрола на забавувањето преку отпуштање на педалата за гас, поради ефектот на рекуперација.

Новиот Ц-ХР Плаг-ин Хибрид е прв модел на Тојота со приспособлив амортизација ФСЦ (Фриквенси Сензитив Контрол, работата зависи од фреквенцијата) од ЗФ. Хидромеханичкиот систем ги подобрува и управливоста и комфорот. При ниска фреквенција, амортизерите придушуваат посилно. Така се спречува каросеријата да се клати при поаѓање и запирање, а воедно се смалува и навалувањето во брзи свијоци. Наспроти тоа, при потреси со висока фреквенција, на пример при возење по автопат, амортизерите придушуваат послабо и со тоа се зголемува удобноста.

Исто како моделот со погон на сите тркала АВД-и, така и приклучниот хибрид има 17-инчни сопирачки дискови напред, за разлика од стандардните модели со 16 инчи.

Тојота вели дека бројот на вртежи на моторот при возење по автопат е намален до 500 вртежи, што во комбинација со темелната изолација, прави чувството во кабината да биде како во замок.

Клима уредот располага со топлинска пумпа, што ја користи топлината од околниот воздух, односно и од моторот. Така се смалува потрошувачката.

Батеријата не е под задната клупа, туку е распределена долж подот. Тоа е добро и за тежиштето и за просторноста, вклучувајќи го багажникот.

За потрошувачката да биде најниска, помага дури и навигацијата. Таа испорачува податоци за патот што претстои, дали има нагорнина, надолнина, свијоци, до погонската спрега, за хибридот да може однапред да избере најдобра стратегија за работа, односно дали да ја поднаполни батеријата, колку долго да вози на струја и слично. Секако дека Тојота го учи и стилот на возачот.

Тојота Ц-ХР Плаг-ин Хибрид во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Toyota C-HR 2.0 Plug-In Hybrid Club

Уште една посебна технологија е помошта по надолнина, којашто ја смалува потребата да се притиска врз сопирачките кога се вози подолго по надолнина, на пример по планински превој.

Возачите можат да избираат меѓу електричен, автоматски, чисто хибриден режим и режим кога моторот ја полни батеријата.

Возилото располага со сопствен полнач од 7 кВ, што прави батеријата да се наполни на ѕиден полнач за два и пол часови, до 100 проценти.

Тојота почна со нарачки за моделот со приклучен хибриден погон уште во јануари. Првите купувачи ќе бидат услужени веќе во март.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Овие нови модели ги планира Ауди до 2026 година

ЕУ има докази дека Кина им плаќа на производителите за евтино да продаваат во Европа