Овие нови модели ги планира Ауди до 2026 година

Минува третата година откако Ауди го лансираше последниот нов модел во својата понуда. Тоа е цела вечност на автомобилската сцена. Соперниците во премиум сегментот ја искористија ситуацијата.

Додека управата на Ауди и на целиот концерн Фолксваген ја коваа вистинската стратегија, пред да отпочнат со новиот круг освежување на моделската понуда, соперниците Мерцедес и БМВ ја засилија продажбата на СУВ модели со електричен погон и пуштија во продажба лимузини што се важни за имиџот и за профитот.

Годината 2024 ќе биде решавачка. Две од постоечките моделски серии, А5 (претходно А4) и Ку5, ќе добијат наследнички. Има уште две моделски серии, Ку6 е-трон и А6 е-трон, што исто така се нови од корен. Покрај тоа, следи и моделско освежување на компактниот модел А3 и на СУВ-знаменосецот Ку7.

А3 од четвртата генерација ќе добие поспортски изглед и дигитализацијата подлабоко ќе зафати во возилото. Нова изведба е А3 Олстрит, како кросовер изведба. Ку7 во оваа генерација ќе продолжи да се произведува до завршетокот на 2026 година. Следната генерација ќе биде воедно и последна што уште ќе се нуди со МВС, односно со хибриден погон.

Според новиот начин на означување на моделите, денешниот Ку8 ќе биде преименуван во Ку7 Спортбек. Нова генерација на Ку8 е-трон може да се очекува дури по 2026 година. Истото важи за луксузниот СУВ и седумсед Ку9. Ауди околу 2028 година би можело да го заврши својот проект „Ландџет“ и да го воведе во понуда како Ку10 е-трон.

Новата генерација на Ку3 ќе биде прикажана наесен, за продажбата да отпочне рано во 2025 година. Уште во текот на 2024 година, Ауди ќе го постави новиот Ку5 на стартната линија. Налето ќе се одржи светска премиера на А5, интерно со код Б10. Лимузината и комбито Авант може да се очекуваат во продажба наесен. Во 2025 година доаѓа ред на наследникот на А6, којшто воедно ќе биде преименуван во А7 (интерно Ц9). Каросериските изведби ќе бидат именувани Спортбек и Авант.

Ку6 е-трон и А6 е-трон

Главни носители на обновата се електричните моделски серии Ку6 е-трон и А6 е-трон. По двегодишно одложување, прв е Ку6 е-трон (деби во март, во продажба од септември). СУВ-моделот е тесно поврзан со електричниот Порше Макан. Двата модели се конструирани врз новата платформа ППЕ (Премиум Платформа Електрична) што е развиена заеднички со Порше. Ауди во моментов ги користи платформите МЛБ ево (Ку8 е-трон), МЕБ (Ку4 е-трон) и Ј1 (е-трон ГТ).

ППЕ ќе ја користат и А6 е-трон Спортбек и А6 е-трон Авант. Нивните премиери се закажани за летово. Новите е-трон модели користат 800-волтна техника, висока моќност на полнење (до 270 кВ), батерии со големина до 100 кВч и постигнуваат досег до 600 километри. Во 2025 година, Ауди Спорт ГмбХ ќе додаде Ку6 е-трон и А6 е-трон во спортска и посилна изведба РС.

Со големо нетрпение се очекува и А4 е-трон, што е планиран за 2026 година. Тој исто така ја користи 800-волтната ППЕ, но нема долго да ја има таа предност во средната класа. Мерцедес ќе контрира со ЦЛА, БМВ ќе одговори со Ное Класе.

Претходна објаваАвстрија: Кој вози пребрзо, ќе остане без автомобил
Следна објаваТојота Ц-ХР првпат како приклучен хибрид, до 100 километри на струја

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here