за

Опел оди класа повисоко со новата Грандленд

Опел има за цел да зафати во повисоките класи и новата генерација на својот СУВ од компакт класата Грандленд ја нуди како техно-парче со моќен дизајн.

Поголема, поблагородна и понапредна: Новата Опел Грандленд сака да освои симопатии и со несекојдневната техника на осветлување.

Опел со новата Грандленд зафаќа во повисоките класи и за таа цел става уште поголем нагласок на дизајнот и на техниката отколку досега. Новиот модел е подолг и поширок од претходникот, и со должината од 4,65 метри излегува од вообичаените рамки на компактните СУВ-модели. Тркалата што може да имаат пречник до 20 инчи исто така помагаат за новата Грандленд да изгледа многу помасивно од претходничката.

Шефот на единствената германска марка на Стелантис, Флориан Хутл во вторникот го претстави новиот врвен модел на Опел во фабриката во Ајзенах. Тековниот модел ќе се произведува таму до летово.

Во моментов на истата лента се врши монтажа на првите претсериски примероци од новата Грандленд. Моделот се потпира врз целосно нова платформа на Стелантис, што се води како СТЛА (се чита Стела) Медиум.

„Новата Грандленд е дизајнирана, развиена и ќе се произведува во Германија. Тоа се нешта што денес не се разбираат само по себе“, нагласи Хутл во Ајзенах. „Со Грандленд успеавме да произведуваме во Германија по цена што е конкурентна.“ Поради тоа е сосем издржано новата Грандленд да се вози како „целосно ‘мејд ин Џермани’“.

Вложени се 130 милиони евра

За да се овозможи новата Грандленд да се произведува во Ајзенах, Опел вложи околу 130 милиони евра во фабриката. Тоа вклучува и т.н. „Батери Шоп“, односно сопствена линија за монтажа на батериски модули во целосен батериски пакет, што се тешки по неколку стотини килограми.

Фабриката во Ајзенах што е изградена по повторното обединување на „двете Германии“ со тоа е подготвена за натамошната електрификација на понудата на модел на Опел во следните години.

Темелни зафати се извршени и во каросериското одделение и во завршната монтажа. Најмногу промени има во системите за транспорт, затоа што новите е-автомобили се поголеми и значително потешки од моделите Корса и Адам, што порано се произведуваа во Ајзенах.

Во матичното седиште во Риселсхајм веќе постои Батери Шоп, каде што се изготвуваат батериите за Астра Електрик и нејзината комби изведба Астра Спортс Турер.

Сите видови на погон се во игра

Со премиерата во Ајзенах, Опел необично рано го претстави новитетот. Испораката на новиот модел ќе започне дури наесен.

Шефот Хутл не соопшти колкава продажба очекува од идниот најскап модел на Опел. „Многу сме оптимистични дека новата Грандленд се вклопува во овие времиња“, кажа шефот на Опел. Во 2023 година, во Германија се продадоа само 15.000 примероци од тековниот Грандленд. Помала продажба постигна единствено Инсигниа, што веќе не се произведува.

Исто како Астра, новата Грандленд се нуди со сите варијанти на погон: Целосно електричен, приклучен хибрид, благ хибрид со 48-волтен стартер-генератор.

Целосно електричната Грандленд со најголемата батерија од 98 кВч ќе може да помине до 700 километри. Опел не соопшти колкава е моќноста на електромоторите.

Изведбата со приклучен хибриден погон ќе може да извози до 85 километри со енергијата во батеријата. Податоци за моќноста нема ниту за оваа верзија.

Најмалата погонска варијанта на Грандленд ќе користи благ хибрид. Моторот е 1,2-литарски турбо со три цилиндри и 136 КС, комбиниран со електромотор од 28 КС.

Светла место хром

Новата Грандленд исто така ќе поентира со впечатливиот изглед и со неколку иновации во светлата. Хромот целосно отсуствува, по пример на Пежо 3008. Светлата се новиот хром кај Грандленд.

Компактниот СУВ е прв модел со новото лице на марката, што се состои од т.н. Три-Д Визор Оптика со осветлена молња на Опел. Новина е светлечката лента што се протега по целата ширина на опашот. Во осветлената варијанта на неа ќе пишува Опел.

Светлосната техника не се сведува само на дизајнот. Грандленд добива и нова генерација на приспособливите светла Интели-Лукс Пиксел ХД, со светлосен сноп што се состои од 50.000 точки и на тој начин се постигнува неосетно префрлување од еден во друг начин во работа на светлата.

Цените и опременоста ќе бидат предмет на некоја следна објава од Риселсхајм.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Забрзување кон иднината: Македонска премиера на новиот Порше Тајкан

Нова батерија ќе му го продолжи досегот на електричниот Фиат 500