
Продажбата на електричното мини на Фиат опадна во изминатиов период, меѓу другото и поради укинувањето на субвенциите во Германија, како еден од неговите најголеми пазари. Нова батерија ќе го продолжи досегот.
Фиат 500е, односно Фиат Нуова 500 вио Италија, почна да се продава на европскиот пазар во 2020 година. Понудата на домашниот пазар почнува од 30.000 евра, меѓутоа стилското мини сега добива конкуренција од поевтини модели на струја. Меѓу нив се вбројува и новиот е-Ц3 од Ситроен, од сестринската марка во концернот.
Стелантис ќе вложи 100 милиони евра за да изработи нов батериски пакет за електричното мини Фиат 500е. Новата батерија ќе го продолжи досегот, и во исто време ќе ја скуси цената, најави извршниот директор Карлос Тавареш.
Првите модели што ќе ја користат новата батерија ќе почнат да се произведуваат за 18 до 24 месеци, кажа Тавареш на настанот што на 10-ти април беше одржан во Торино.
Стелантис не откри подробности за технологијата во новата батерија, а не наведе и колкав ќе биде досегот. Сегашниот 500е се нуди со литиум-јон батерија со две големини, од 24 или 42 кВч, со досег од 190 или 320 километри.
„Нашите инженери пронајдоа мудро решение за значително да се зголеми досегот на 500е, додека во исто време значително ќе се скусат трошоците,“ кажа Тавареш.
Според италијанскиот дневник Кориере дела Сера, батеријата се развива во Кина, но ќе се монтира во Италија. Тоа значи дека фабриката Мирафиори на Стелантис, во Торино, ќе добие повеќе работа. Батериите сега пристигаат целосно составени за вградување од Јужна Кореја.
Новиот батериски пакет условува обемни зафати во средниот дел од шасијата, кажа Тавареш. Во вложувањата е вклучен и износот што е наменет за самата производствена линија во Мирафиори.
Со новата и поевтина батерија се очекува да се забрза продажбата на 500е, којашто забави во изминативе месеци, откако имаше одличен старт во 2020 година.
Продукцијата го достигна врвот од 77.500 возила во 2022 година, кажуваат од синдикатот ФИМ ЦИСЛ. Лани незначително опадна продукцијата, на 77.260 возила. Ослабнатата побарувачка во првото тромесечје од 2024 година, со пад од 51 проценти и 11.360 возила од јануари до март, услови големи скусувања во продукцијата. Една работна смена е откажана и работниците се на привремен одмор.

Без субвенциите, Фиат 500е во Италија чини најмалку 30.000 евра. Минито што го следи стилот на славниот чинквеченто од 50-те, ќе се соочи со конкуренција од голем број ЕВ со достапна цена што наскоро ќе почнат да се испорачуваат во Европа. Тоа го вклучува и Цитроен е-Ц3, што без субвенциите почнува од 23.900 евра.
Тавареш го спомна е-Ц3 како пример дека ЕВ достигнаа да имаат иста цена со модели со мотор со внатрешно согорување. Тоа е еден од клучните предуслови за масовно преоѓање на електрични автомобили.
Стелантис „мора нешто да преземе“ за да ја скуси цената на 500е и да ја зголеми продажбата, кажа шефот. Фиат има поставено цел за 100.000 продадени возила годишно.
Тавареш кажа дека субвенциите за ЕВ што италијанската влада ги вети, но уште не им се понудени на купувачите, ќе помогнат да се зголеми продажбата на 500е на домашниот пазар, за 20.000 возила годишно. Од вкупно продадени 62.643 примероци во Европа лани, во Италија се продадоа 4.749 примероци.
Фиат 500е од годинава ќе се извезува и во САД. Испораките почнаа неодамна, со 41 примерок во март.
Зголемувањето на продажбата на 500е ќе помогне Стелантис да ги исполни заострените барања за ЦО2 на ниво на цел возен парк во 2025 година. Тавареш објасни дека „в година секој производител на автомобили во ЕУ ќе мора да ја зголеми својата продажба на ЕВ, за да се задоволат новите норми.“
Според последниот објавен извештај на групата Транспорт и Животна средина, Стелантис добро напредува за да ги исполни целите во 2025 година, што се 15 проценти под последното заострување на нормите во 2020-21 година. Волво веќе ги исполнува барањата, а Стелантис заостанува само 5 грами зад таргетот. Единствено Киа е пред нив.















