Пред 20 години Porsche конструираше евтин автомобил за кинескиот пазар. Но, лимузината никогаш не влезе во производство. Место тоа, кинеската влада имаше многу понакви планови.
Во почетокот на 1990-те години Porsche беше во длабока криза. Продажбата одеше слабо. Спортската марка од Цуфенхаузен се спаси само благодарение на родстерот со средишно вграден мотор Boxster, моделот којшто на многумина им го исполни сонот за модел на Porsche што можат да си го дозволат. Пред да се случи тоа Porsche се обидуваше да го најде спасот на сосема друга страна. Германската марка планираше да произведува евтин автомобил за кинескиот пазар.

На конгресот за семејни автомобили во Пекинг во 1994 година, Porsche ја прикажа студијата на автомобил што беше развиен посебно за Кина. Автомобилот со ознака С88 имаше лимузинска каросерерија со модерен дизајн и тркалезна форма, слично на Chrysler Neon кој дебитираше во истата година. Просторот под хаубата беше резервиран за бензински мотори со моќност меѓу 47 и 64 КС. За луксузните верзии се планираше супештедлив турбодизел со потрошувачка од само 4,5 литри.
Симбол на политиката за едно дете
Место лого на Porsche, кинеската лимузина имаше едноставно лого со три кругови. Овие кругови требаше да ја симболизираат политиката на кинеската влада, секое семејство да има само по едно дете. Буквата С во ознаката С88 означуваше Кина, додека двете осумки беа за среќа – осумката е среќна бројка за Кинезите.

Според замислата, евтината лимузина С88 требаше да го освои пазарот на кој во тоа време доминираше Volkswagen. Покрај развојот на возилото, инженерите на Porsche требаше да го подготват и производството на автомобилот во земјата. Германската марка веќе имаше искуство во развојот на евтини големосериски автомобили, на пример за Seat Ibiza, па дури и за српската Yugo Florida. Проектот С88 сепак беше нешто поголемо. Производството во Кина требаше да му донесе многу пари на Porsche. Покрај најевтината верзија со две врати, беше развиена и лимузина, во стандардна и луксузна изведба, а се работеше и на пикап.
Техничките податоци на Porsche C88
Должина: 3450 до 4050 mm (според каросеријата)
Тежина: 780 до 980 kg
Багажник: 400 литри
Мотори: 1,1-литарски бензинец со впрскување на гориво и 1,6-литарски турбодизел
Моќност: 47 до 67 КС
Крајна брзина: 140 до 165 km/h
Забрзување 0-100 km/h: 16 до 22 s.
Потрошувачка: 5,5 до 6,2 литри/100 km (дизел: 4,5 литри)
Неостварениот сон за големиот бизнис со Кинезите
Цената на основниот модел изнесуваше 8.000 германски марки, додека лускузниот модел требаше да се продава по цена од околу 14.000 марки. Беше замислено луксузниот модел да се извезува на меѓународниот пазар. Доколку се реализираше планот, Porsche ќе станеше големосериски производител. Се зборуваше за бројки меѓу 300 и 500 илјади годишно. Дури и тогашниот премиер на германската покраина Баден-Виртемберг, Ербин Тојфел, се заложи за проектот да успее и на Porsche да му се обезбеди проширување на бизнисот. Но, државниот проект за семеен автомобил одненадеж замре.
Останаа само сомневањата дека Кинезите воопшто не беа заинтересирани за сериското производство на автомобилот, туку имаа сосема други планови. Правилата за игра на денес најголемиот пазар на автомобили во светот, како тогаш, така и денес, ги утврдува кинеската влада. Западните производители се немоќни. Владата постави услов 40 проценти од сите ресурси да потекнуваат од Кина. Поради тоа, во развојот и дизајнирањето на студискиот автомобил учествуваа голем број техничари, дизајнери и трговци од големата азиска земја.
Денес Кина сама си ги произведува автомобилите
Очигледно е дека овие експерти добро се инспирирале од германската техника. Голем број детали од Porsche С88 подоцна се појавија кај кинеските автомобили. Тоа сега воопшто не ја загрижува спортската марка од Цуфенхаузен. Porsche едвај успева да го задоволи интересот на кинескиот пазар за моделите Cayenne, Panamera, а наскоро и Мacan.
Сето ова остана само како необјаснето поглавје во историјата на Porsche. Остана и прашањето што ќе се случеше ако евтините германски автомобили влезеа во сериско производство во Кина и се извезуваа на светскиот пазар? Автомобил со дизелски мотор со просечна потрошувачка од 4,5 литри и денес би ги привлекувал купувачите. Во 1994 година, автомобилите сепак беа многу полесни и поедноставни. Денешната реалност сепак се одвива во сосема друга насока. Кинеските марки BYD и Qoros сакаат со нивните автомобили да го освојат европскиот пазар.
















