за

Skoda со купе-теренец со погон на струја во Кина

Skoda го опипува пулсот за втора каросериска изведба од големиот теренец Kodiaq, со концептниот автомобил Vision E на салонот во Шангај. „Е“ не е случајно. Ова е првиот концептен автомобил со погон на струја во 120-годишната историја на марката. Дизајнот повторно зафаќа нов правец.

Салонот во Шангај е домаќин на светската премиера на следниот во серијата концептни автомобили на Skoda. Чесите тука го прикажуваат Vision E, како можна купе-верзија што во иднина би му се придружила на горостасниот Kodiaq, но и како прв концептен автомобил на Skoda што целосно вози на струја.

Skoda Vision E (6)

До 2025 година марката со „Индијанецот“ во логото ќе понуди пет модели со погон на струја, настрана од плагин-хибридите што ќе се нудат низ целата моделска гама. Според производителот, дотогаш секој четврти продаден автомобил од марката на глобалниот пазар ќе располага со плагин-хибриден или електричен погон.

Skoda Vision E (4)

Основата на Skoda Vision E е платформата MEB, со два електромотори и системска моќност од 306 КС. Податоците за забрзувањето засега не се објавуваат, крајната брзина вообичаено е ограничена на 180 km/h. Со масивен пакет литиум-јонски батерии и повраток на енергијата при сопирање, со едно полнење на батериите може да се минат до 500 километри. Vision E располага и со технологија за автономно возење од трето ниво.

Skoda Vision E (5)

Според пропорциите е недвојбено дека „Е“ е замислен како купе-изведба на Kodiaq: Должината е 4688, ширината 1924, висината 1591 и меѓуоскиното растојание 2851 милиметри. Главниот печат на предниот дел го дава маркантната хауба, со широка лента од светлечки диоди по целата ширина на возилото, којашто завршува ефектно со тесни светла со триаголна форма. Сите светлечки елементи напред и отстрана се во бело. Класична маска отсуствува, што е карактеристика на електричниот погон. Местото на маската повторно го презема хаубата, којашто продолжува надолу до отворите за воздух и преоѓа во втората светлечка лента.

Skoda Vision E (3)

Одзади најмногу се препознаваат формите на кристал, коишто се „потпис“ на сега веќе поранешниот дизајнер на марката, Јозеф Кабан. Страничната торнадо-линија завршува во заден спојлер, додека задните светла со триаголна форма се прошируваат кон краевите и зафаќаат длабоко во страните на каросеријата.

Skoda Vision E (2)

Кабината е изведена футуристички, со четири школкасти седишта коишто се поставени нешто повисоко, заради подобра прегледност. Нивниот трик е во тоа што се завртуваат за 20 степени нанадвор при отворањето на вратите, за полесен пристап. Средишни столбови отсуствуваат, што дополнително го олеснува влегувањето во возилото.

Skoda Vision E (1)

Импресивно делува кокпитот, со широки и засебни дисплеи пред возачот и совозачот, како и со голем средишен дисплеј на допир, преку когошто може да се повикуваат најразлични интернет услуги или да се активираат одредени функции.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Напредокот си зеде починка за годинашниот салон во Њујорк

Три електромобили од концернот Volkswagen за Шангај