за

Салоните на Опел со нов изглед, салонот на Еуроимпекс предничи

Опел преку своите нови салони зрачи со „модерно германски“. Целта е клиентите да се чувствуваат пријатно и да се уверат дека прават добар избор.

Имиџот на автомобилските марки на улица е ист со имиџот на салоните од коишто тие излегуваат. Тоа е целата основа на култот на автомобилите што никогаш нема избледено. Опел воведува нов изглед, салонот во Скопје е мошне нов и во најголем дел го прикажува изгледот кој штотуку ќе почне да се применува ширум европската мрежа.

Новиот изглед на салоните на Опел и на целото претставување на германската марка пред јавноста, што кусо се води како корпоративен идентитет, се темели врз три начела: Јасно, модерно, електризирачки.

Автомобилите се жива материја и постојано се случуваат крупни промени, не само во дизајнот, туку и во технологијата. Тоа бара соодветно да се приспособува и изгледот, визуелниот говор со којшто марките им се обраќаат на клиентите.

Електрификацијата им се погоди во Опел. Молњата што е заштитен знак и ја носи секој Опел, се вклопува одлично во електрификацијата. Во меѓувреме, под електрификација во Опел не се поразбира само целосно електричен погон – во Мока и Корса, а сега и во секоја нова моделска серија, заедно со приклучен хибриден погон – туку и благ хибриден погон.

Оваа нова варијанта на погон, кога стартер-генератор ги заменува класичните стартер и алтернатор, за повеќе штедливост и комфор, ќе станува сé позастапена во понудата на марката. Секако дека и приклучните хибриди ќе имаат уште позабележливо присуство. Токму со таа цел се поставува и нагласок на електрификацијата, во новиот изглед на салоните на Опел.

Продукт менаџерот Драган Јовев го претставува новото моделско годиште на Опел Корса во салонот на Еуроимпекс.

Промените се направени за во салоните да се постигне попријатна средина и постоењето електромотор во погонот во возилата да се доживее и физички и дигитално.

Салонот на Еуроимпекс за марката Опел е меѓу поновите во мрежата на германската марка и во најголем дел се совпаѓа со изгледот кој штотуку ќе почнат да го добиваат салоните по целиот континент. Тоа главно се однесува на млечните бели тонови на ѕидовите, подот и таваните, во контраст со сигнално жолтата боја, што е заштитен знак на Опел. Средината ја сочинуваат и осветлувањето, па дури и регалите се единствени за сите салони на Опел. Овој изглед што веќе се доживува во македонскиот салон, сега ќе следи во остатокот од европската мрежа. Тоа што е различно во најновиот круг освежувања на изгледот на салоните, се главно подвижни додатоци, како столици и маси, што секако дека исто така претставува стандард на Опел.

Директорката за маркетинг Ребека Рајнерман, објаснува за намерите со новиот КИ: „Воведувањето на новите салони значи голем чекор напред – за марката Опел и за секој од нашите партнери. Нашите Опел-партнери се решавачка врска од марката кон клиентите. Преку нив се доживуваат вредностите на марката – преку презентацијата на нашите иновативни модели, а сега и преку салонскиот настап што е насочен кон клиентите, е современ и претставителен. Нашите клиенти сами решаваат кога е дојдено времето да побараат дилер. Притоа, бројот на посети на лице место е сé помал и нашите клиенти во просек доаѓаат во салон само по еднаш. Со новиот Ритејл Корпорејт Ајдентити, тие веднаш ќе се почувствуваат дека добро се згрижени. Тој е осмислен за да биде насочен кон клиентите и да овозможи едноставна и јасна комуникација.“

Во надворешноста преовладуваат темносива и жолта боја. Така јасно се воочува дека во средината се наоѓа салон на Опел. Жолтиот столб со новото лого на Опел и натписот Опел покануваат внатре во салонот. Стаклениот столб е силно осветлен навечер и продолжува да го привлекува вниманието и во мрак.

„Дискавери Хаб“ и „Електро ѕид“ се новите станици со јасна порака

Тоа што веројатно ќе биде додадено во блиска иднина во салонот на Опел во Скопје, на крстосницата на Илинденска со 8-ми Септември, е т.н. дискавери хаб. Тој се состои од впечатливо дизајнирани фотелји и софа, што создаваат клубска средина. Просторот е осмислен за клиентите да се чувствуваат удобно и да се запознаат со дигиталните канали на Опел, а секако и со богатото минато на германската марка. Таму ќе бидат изложени и приборот, облеката, украсни предмети и додатоци за секојдневието со знакот на Опел.

Вториот посебен елемент е електро-ѕидот, којшто се состои од трите различни видови полначи што Опел ги има во понуда за своите клиенти. Намерата е на лице место да им се објасни на идните возачи на електрични и хибридни возила како изгледа секојдневието на возењето на струја.

Како поинаку кај нас да се почувствува тој дух на Европа, освен директно во салон на автомобилска марка. Ете токму на Опел.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Континентал казнет со 100 милиони евра за вмешаност во дизел скандалот

Рено преговара за соработка со кинески Ли Ауто и Шаоми