за

Благ хибриден погон во Опел Корса, за штедење и за комфор

Замената на стартер и алтернатор со мал електромотор и мала батерија менува многу. Заедно со автоматик, Опел Корса Хибрид внесува луксуз во градското секојдневие.

Две нови погонски изведби се издвојуваат во тековниот ценовник на Опел Корса за македонскиот пазар. Моторот од 1,2 литар е стандард во целата гама на германскиот модел, со 75 КС во основната изведба, со 100 КС со турбо натполнење, по желба со 8-степен автоматик, со 130 КС – и во двете нови изведби со 100 и 136 КС, со ознака МХЕВ.

Секој возач на понов автомобил знае и без гледање каде е копчето за гаснење на системот старт-стоп. Некогаш се случува системот да стане претерано вреден гаснејќи го и повторно стартувајќи го моторот на секои две секунди. Тоа обично се случува кога се чека за скршнување на крстосница. Во тој случај, спас е системот да се стави во мирување, со копчето што е редовно во придружба на старт-стопот.

Тоа е воедно и „тајната“ на успехот на благиот хибриден погон. Луѓе се решаваат за оваа погонска варијанта – различна од стандардниот хибрид на Тојота – и тоа посебно во градската класа на класични комбилимузини и СУВ, каде што и без тоа се добива штедлив модел уште од раѓање. Зошто да се доплати преку 2.000 евра за варијанта што дури и не е вистински хибрид и одвај ќе помине неколку стотини метри чисто на струја?

Заради комоцијата. Различно од вообичаеното решение со стартер, народски анласер, или уште понародски „алансер“, што фактички го стартува моторот, и алтернатор, односно електричен генератор, што го полни акумулаторот и произведува струја за потрошувачите во возилото, кај благиот хибриден погон е главен стартер-генераторот. Тој ги заменува стартерот и алтернаторот.

Кај благиот хибриден погон на Опел Корса е малку поразлично. Малку повеќе. Во куќиштето на 6-степениот менувач со двојна спојка се наоѓа електромотор со моќност од 21 кВ/28 КС и вртежен момент од 55 њутнметри. Поради таквата поставеност, 48-волтниот електромотор може и самостојно да го движи возилото, иако тоа главно се сведува на поаѓање, на помош при забрзување и на одржување на брзината, кога се вози со умерено и исто темпо. Секако дека тој се грижи и за батеријата да се полни при забавување и сопирање.

Дисплејот на Опел Корса со благ хибриден погон

Батеријата е малечка, со капацитет од нето 432 ватчас (бруто 890 ватчас), со литиум јон хемија и поставена е под левото предно седиште. За споредба, електричната Корса има батерија од 50 киловатчасови бруто, односно е за повеќе од педесетпати поголема.

Уште една важна компонента, па дури и најважна, кога станува збор за старт-стопот, тоа е 48-волтниот стартер што е споен со коленастото вратило на моторот преку ремен и ременик – за споредба, класичниот начин е преку запченици, па оттаму и звукот и вибрациите. Според тоа, бидејќи е споен со коленастото вратило преку ремен, стартерот го задвижува моторот – во случајов заедно со електромоторот во менувачот – речиси нечујно и без вибрации.

Колку и да изгледа „наивно“, токму тоа тивко и неосетно стартување менува цел свет, посебно во градски автомобил, што нема толку темелна и скапа звучна изолација како голема лимузина, а уште помалку користи хидраулични лежишта. И тоа ги освојува луѓето да се решат за благ хибриден погон. Опел прави и една не толку мала надградба на благиот хибриден погон, со електромоторот во ѕвоното на менувачот.

Хибридната Корса на македонскиот пазар стартува од 23.540 евра

Секако дека сé може да се реши и со тоа што старт-стоп системот кај обичен погон ќе се остави неактивен, меѓутоа во тој случај отпаѓа и заштедата во гориво. Трпи и трајноста на моторот, затоа што кога моторот работи во место, кога се чека во метеж, нема да мине долго време додека се вклучи вентилаторот.

Како дополнителна „придобивка“ од хибридниот погон, секако дека следи и смалување на потрошувачката. Фабрика вели 15 до 18 проценти помалку, и за чудо, не претерува во тоа.

Покрај тоа, при секое поаѓање, маневрирање, паркирање, електромоторот си е активен и обино самостојно го движи возилото, и тоа внесува уште една мала нишка на електричен автомобил во секојдневието.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Волво Е Икс 30 е најновиот електро-апдејт на македонската авто сцена

На германските возачи им престои уште еден блицер-маратон