за

На германските возачи им престои уште еден блицер-маратон

Шансата радар да ги фати брзите возачи по германските патишта се зголемува неколкукратно во следната седмица, затоа што полицијата масовно излегува со радари.

Возачките и возачите во Германија ќе добиваат многу скапи фотографии во престојната седмица. Полицијата масовно излегува со радари, се ловат брзите возачи.

Полицијата во Германија и годинава ќе го одржи традиционалниот Блицер-Маратон. Намерата е да се вклучат сите потенцијали и да се постават брзински радари на колку е можно повеќе места, посебно на тие на коишто најчесто се случуваат незгоди.

Пребрзото возење е меѓу најчестите причини за незгода. Полицијата и покрај тоа постојано лови возачи и возачки што ја пречекоруваат дозволената брзина. Во борба против брзото и опасно возење, германската полиција во престојната седмица, од 15-ти до 21-ви април, повторно спроведува т.н. блицермаратон, односно маратон со брзински радари.

Посебно под радарот на полицијата ќе бидат делниците на коишто почесто се случуваат незгоди, како и подрачја што посебно се загрозени, на пример, училишта. Намерата е да се спроведат колку е можно повеќе контроли на брзината на возење. Возачките и возачите мора да бидат подготвени преку цел ден, посебно наутро и навечер, по враќање од работа.

Најстрогите контроли ќе се вршат во петок, на 19-ти април

Главен ден во целиот настан на „брзинската недела“ е петок, кога мерењето на брзината ќе почне уште рано наутро и ќе трае до доцна во ноќта.

Во текот на летото ќе следи и вториот блицер-маратон, Германците уште сега имаат прецизирано дека тој ќе се спроведе од 5-ти до 11-ти август.

Некои сојузни покраини не учествуваат, како Берлин, Долна Саксонија, Зарланд и Саксонија, поради тоа што или имаат недостиг од капацитет или се двоумат околу користа од акцијата.

Во дел од сојузните покраини, точно се објавуваат местата на коишто ќе бидат поставени радари, на пример, во Баварија.

Возачите и возачките (кога се работи за престап, мажите имаат предност 🙂 ) што ќе бидат уловени од радар, ќе бидат оптоварени со вообичаените казни (парична казна, минус бодови, забрана за возење).

Висина на казните во Германија за брзо возење

Пречекорување

Парична
казна

Бодови

Забрана

до 10 км/ч

30 €

11 – 15 км/ч

50 €

16 – 20 км/ч

70 €

21 – 25 км/ч

115 €

1

26 – 30 км/ч

180 €

1

1 месец

31 – 40 км/ч

260 €

2

1 месец

41 – 50 км/ч

400 €

2

1 месец

51 – 60 км/ч

560 €

2

2 месеци

61 – 70 км/ч

700 €

2

3 месеци

над 70 км/ч

800 €

2

3 месеци

 

Настанот има дополнителна тежина со тоа што медиумите масовно објавуваат за маратонот, со што се добива многу поширок досег, односно се опфаќаат и возачите што не се казнети за пребрзо возење.

При маратонот лани, само во Баден Виртемберг биле уловени 13.000 возачи, а во Баварија имало 8.690 прекршоци за брзо возење. Секако има и екстремни случаи. Во Баварија бил фатен возач како вози 155 км/ч во зона со ограничување на 60 км/ч.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Благ хибриден погон во Опел Корса, за штедење и за комфор

Техниката на кинески Чери ќе се вградува во европска премиум марка