за

Волво Е Икс 30 е најновиот електро-апдејт на македонската авто сцена

Со секој нов електричен модел на македонскиот пазар само уште повеќе се покажува колку властите остануваат неуки за најсилниот двигател на промени во светски рамки.

Волво Е Икс 30 штотуку пристига на македонскиот автомобилски пазар, а веќе има големи постигнувања зад себе. Тоа е моделот што донесе најголем раст во продажбата на шведската марка, најпродаван е во својот сегмент, и претставува уште еден силен темел на одреденоста на Волво, за многу кусо време да ја сведе својата понуда исклучиво на целосно електрични модели.

Голема премиера во Волво, по пет години од последниот настан од толкаво значење во објектот што е едно мало парче од Шведска во Скопје и Македонија. Моделот со ознака Е Икс 30 е прв батериски електричен автомобил во редовна понуда на Волво Карс на нашиот пазар. Годинава ќе следат уште два нови модели со целосно електричен погон, што исто така ќе бидат достапни пошироко во регионот на делување на Волво Кар Адриа Груп.

Волво Е Икс 30 уште по ознаката „шведски“ чисто и јасно кажува каде му е местото и каков автомобил е тоа. За разлика од останатите модели на марката, што се нудат во изведба со благ хибриден погон со дизел мотор (С 90, В 90, Икс Це 90, В 60), со благ хибриден погон со бензински мотор (С 60, В 60, Икс Це 40-60-90, В 90) и со приклучен хибриден погон (С 60, В 60, С 90, В 90, Икс Це 60, Икс Це 90), електричниот модел има сосем различна ознака Е Икс.

Триесетката е прв модел на Волво што е развиен исклучиво за батериски електричен погон. За разлика од останатите моделски серии на Швеѓаните, во Е Икс 30 нема да се вградува бензински или дизел мотор. Во тој поглед, Е Икс 30 се разликува и од веќе постоечкиот целосно електричен модел на Волво, до скоро Икс 40 Електрик, односно денес Е Икс 40, што се нуди и во верзија со бензински мотор Икс Це 40. Неговата купе-изведба Е Це 40, вооошто не беше понудена со класични мотори.

Како што најавија претставниците од Волво Карс Адриа Груп, што е надлежна за дистрибуцијата во поширокиот регион, во текот на годинава ќе почне продажбата на уште два целосно електрични модели, на луксузниот Е Икс 90, и на неговата лимузинска изведба Е Ес 90.

Повеќе од половина од продажбата на Волво на европскиот пазар во март ја сочинуваше токму овој модел, компактниот електричен кросовер, како нов основен и воедно најдостапен модел на марката. Во вкупно продадените 15.838 возила на марката во Европа во март, Е Икс 30 учествуваше со 55 проценти.

Бидејќи Волво е дел од кинеската групација Џили, којашто се покажа повеќе како финансиер во шведската марка, отколку како сопственик што сака да ги менува нештата таму, Е Икс 30 ја дели платформата со уште два модели од марките на групацијата, Смарт #1 и Зикр Икс. Така можеше да се постигне и цената што изненади многумина: Електричниот Волво Е Икс 30 е достапен на македонскиот пазар по цена под 38.000 евра.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Доколку властите досега успееја да развијат свест за електричниот погон и за зелениот бран што го движи целиот свет, особено во ослободувањето од увозот на нафта и во чистото производство на енергија, со нормални субвенции ќе се постигнеше цената на електричниот Волво да се приближи повеќе до прагот на 30.000 евра, отколку на 40.000 евра. Вака останува „субвенцијата“ во тоа што властите единствено се откажуваат од наплата на данок на возило, односно по старо акциза, а реално данок на лускуз. Помош што ќе олесни граѓаните да купат електричен автомобил, уште не постои во оваа земја.

Изгледот делува шведски, Е Икс 30 личи на Волво. Тоа што ги изненадува новаците кај е-погонот е просторноста. Иако триесетката во основа спаѓа во градската класа, односно е конкурентка на Џип Авенџер Електрик, Опел Мока Електрик, Пежо Е-2008, таа во просторноста во кабината е споредлива со поголемиот модел со класичен погон, Волво Икс Це 40. Тоа се придобивките од компактноста и флексибилноста на електричниот погон.

Волво Е Икс 30 во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Volvo EX30 Single Motor (EM) Core

Стилот внатре е минималистички, но секако со нагласок на изработката и квалитетот. Ова е сепак шведска марка и премиум марка. Боите во дел се различни од „шемата“, исто и финишот на некои детали е ослободено од дотерување, во корист на смалување на примената на материјали што не потекнуваат од обновливи извори – и смалување на потрошувачката на енергија при производството, исто така. Но, токму тоа му дава современ печат на најмалиот модел на Волво.

Од групацијата очекуваат годинава да се продадат 220 примероци ширум регионот, а за Македонија се предвидени десетина примероци. За в година, целта е продажбата да се зголеми на 500 примероци. Одговорот од клиентите ги надминува очекувањата на производителот.

Гамата се состои од изведба со еден погонски електромотор назад и 200 кВ (272 КС), и изведба со два погонски електромотори, што значи и погон на сите тркала, со 315 кВ (428 КС). Кај основната изведба може да се нарача и верзија со поголема батерија, со 69, место 51 кВч. Посилниот модел секогаш доаѓа со поголемата батерија.

Со вртежен момент од 343 њутнметри, основната Е Икс 30 спринтува до темпо сто за 5,7 секунди, посилната верзија го постигнува тоа за 3,6 секунди. Крајната брзина е ограничена на 180 км/ч.

Времетраењето на полнењето, во „најлошиот“ случај, односно на зајакнат шуко приклучок, изнесува шест часови кај помалата и 7,5 часови кај поголемата батерија. Тоа е повеќе од двојно побрзо од постарите ЕВ, и заслуга е на сопствениот полнач од 7,2 кВ што е вграден во возилото. Тоа е воедно и времето што треба да се очекува доколку возилото се полни дома.

При користење јавен полнач, односно брза станица за полнење со најмалку 50 кВ, батеријата се полни до 80% за 48/56 минути. Во најдобриот случај, со полнач од 175 кВ, сé завршува за помалку од 30 минути.

Досегот во основната изведба е 344 км, со продолжен досег се вози до околу 450 километри.

Волво Е Икс 30 тежи 1.765 килограми во основниот модел. Тој може да влече приколка тешка до еден тон, што кај најсилниот модел се поместува на 1,6 тон.

Каросеријата е долга малку над 4,2 метри, што е практично ниво на денешните градски модели, возилото е високо 155,5 сантиметри. Растојанието од подлогата е околу 18 сантиметри, што дозволува и излети надвор од асфалтот. Багажникот нуди 400 литри зафатнина стандардно.

Целата домашна презентација во Волво Кар Македонија може да се погледне на видеото.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески БИД добил 3,4 млрд. евра од државата за да владее на пазарот на електрични автомобили

Благ хибриден погон во Опел Корса, за штедење и за комфор