за

Три електромобили од концернот Volkswagen за Шангај

Кина е најголем светски пазар за електрични автомобили и не изненадува тоа што производителите сакаат тука да се покажат во најдоброто светло. Volkswagen на салонот во Шангај прикажува дури три автомобили со погон на струја.

Во Volkswagen не важи правилото дека е важно да се учествува, туку да се победи, барем кога станува збор за претстојната масовизација на електричниот погон. Три „идни“ автомобили на батерии од марките на концернот се најдоа на годинашниот салон во Шангај: Volkswagen I.D. Crozz, Skoda Vision E и Audi e-tron Sportback.

Audi e-tron Sportback

Марките за коишто електричниот погон е веќе целосна реалност, а тоа се однесува првенствено на Tesla, ќе имаат причина за загриженост од губењето на нивната мополистичка сигурност на пазарот, кога ќе се појави последниов од наведеното трио, e-tron Sportback. Откако Audi ќе стартува со своите луксузни електромобили со спортска нота, потенцијалните купувачи на Tesla повеќе ќе се замислат за нивото на квалитет што калифорнискиот специјалист за е-погон го нуди за парите.

Audi e-tron Sportback

Audi e-tron ќе влезе во сериско производство веќе в година, а во 2019 ќе биде ред и e-tron Sportback да се појави во салоните на марката. Концептниот автомобил со моќност од 505 КС предизвика големо одушевување меѓу публиката во Шангај. Купето со четири седишта и незначително зголемено растојание од подлогата настапува со самоуверена става. Со причина. Три електромотори го движат „батерискиот“ Sportback, еден напред и два на задната оска. Спринтот до сто трае 4,5 секунди, а батеријата со капацитет од 95 kWh, според Audi ќе испорачува доволно енергија за 500 километри.

Audi e-tron Sportback

Иако станува збор за концептен автомобил, дизајнот на сериската верзија ќе отстапува само во детали. Како што Баварците најавуваат на штандот во Кина, дури и изгледот на бандажите нема да се менува, исто како и примената на камери место класични ретровизори. Сликите од камерите ќе се прикажуваат на посебни дисплеи во горниот дел од облогата на предните врати. Актуелните стандарди за хомологација уште не дозволуваат ваква отстапка со ретровизорите, но во Audi веруваат дека тоа ќе се смени до 2019 година.

Audi e-tron Sportback

Целиот кокпит всушност е прекриен со дисплеи. Копчиња и прекинувачи од каков било вид не постојат во e-tron. И дизајнерот Марк Лихте има добра најава: „Студијата јасно укажува како ќе изгледа следната генерација на Audi A8.“ Знаменосецот од Инголштат ќе почне со продажба кон крајот на годинава.

Skoda со купе-теренец со погон на струја во Кина

Подолго време ќе мине додека останатите две студии созреат за сериско производство. Skoda Vision E и Volkswagen I.D.Crozz ќе почнат да возат дури во 2020 година. Обата модели ја поседуваат истата техника, односно модуларната платформа за електричен погон MEB. Користењето заеднички компоненти и нивната примена во сите марки од концернот ќе овозможи намалување на трошоци за развој и за производство. Оваа стратегија којашто концернот Volkswagen ја применува веќе со децении ќе се покаже од голема предност и во електричниот погон. Само Skoda во 2025 година ќе има најмалку пет модели со погон на струја во својата понуда. Истото претстои и за Seat и за матичната марка Volkswagen, но и Audi ќе ја користи платформата MEB за помалите модели од e-tron и e-tron Sportback.

Skoda Vision E (4)

Најскапата ставка во техниката и натаму е батеријата. Концернот планира своите модели да ги нуди со различна големина на батериите, зависно од можностите на купувачите. Максимумот кај I.D. Crozz и Vision E изнесува 83 kWh, што е доволно за 500 километри, односно е веќе блиску до досегот со конвенционалните мотори. Од Volkswagen уште немаат излезено со официјална потврда колку ќе чини првиот модел од следната генерација електромобили. Се шпекулира дека вториот потврден електромобил на Volkswagen, покрај I.D како „голфот на иднината“, на пазарот би чинел под 40.000 евра.

Volkswagen I.D. Crozz

Концептите на Volkswagen и Skoda во Шангај располагаат со електромотор од 204 КС, на задната оска. Напред има втор електромотор од 102 КС, што значи дека електромобилите ќе располагаат и со погон на сите тркала, којшто ќе се активира по потреба. Системската моќност е импресивна со своите 306 КС. Крајната брзина е ограничена на 180 km/h, затоа што забавата со повисока брзина би го десеткувала досегот.

Volkswagen I.D. Crozz

Освен електричниот погон од следната генерација, два концепта прикажуваат и целосно нов начин на искористување на просторот. Отсуството на мотор со внатрешно согорување, менувач и издув, овозможува поставување на компонентите од погонот во самите краеви на возилото. Дизајнерите добиваат и повеќе простор за игра, со тоа што батериите се поставени ниско во подот. Според главниот дизајнер на Volkswagen, Клаус Бишоф, просторноста на Volkswagen I.D. Crozz и Skoda Vision E ги надминува и денешните лимузини од вишата класа. Теренците исто така.

Volkswagen I.D. Crozz

Автономното возење секако дека не отсуствува од овие возила што ја најавуваат блиската иднина. Кај Crozz е доволно со дланката да се допре знакот на Volkswagen и воланот да се вовлече во кокпитот, по што контролата ја презема автопилотот. Сериските модели што ќе се појават на крајот на 2020 година сепак нема да располагат со оваа технологија, првенствено поради ограничувачките правни рамки. Идејата со задни врати што се отвораат наназад и отсуството на средишен столб исто така ќе се сведе само на концептните автомобили од Шангај. Производителите го практикуваат ова решение само за публиката подобро да погледне во кабината.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Skoda со купе-теренец со погон на струја во Кина

Шангај 2017: Напредокот кај автомобилите се одвива во Кина