за

Сцени од фабриката на Шкода: Како се вградува таблата со инструменти

Автомобилскиот свет вечно е љубопитен околу начинот на којшто се произведуваат автомобилите. Шкода покажува колку брзо и лесно се вградува кокпитот.

Шкода е марка што секогаш додава дополнителна содржина во градењето на својот имиџ пред публиката. Во ова видео од една минута се покажува колку е брзо и лесно вградувањето на таблата со инструменти. Но, за да се постигне „брзо“ и „лесно“ претходно е потребно многу инженерство.

Ефикасноста е една од главните теми во производството на автомобилите. Веројатно и најглавна. Предизвикот е производството да се скуси на колку е можно покусо време, да се сведе на нула можноста за грешка при монтажата, паузата меѓу два производствени процеси да трае колку е можно помалку.

Токму тоа се согледува во видеото во коешто во фабрика на Шкода – во Чешка постојат три фабрики, во Млада Болеслав, Квасини и Врхлаби – се вградува таблата со инструменти. За многумина е изненадување тоа што еден од првите големи делови што се вградуваат при монтажата е токму таблата со инструменти.

Но, тоа е сосем логично. Доколку прво се вградат останатите делови од внатрешноста, подоцна би немало доволно простор за таблата да се постави. Целата табла со инструменти, наречена уште и арматурна табла, се вградува целосно, со инструментите, со дисплеј, со касета пред совозачот.

Во видеото се прикажува производството на Кодиак, што значи дека тоа е фабриката во Квасини. Единственото што недостига во овој момент е воланот. Целата табла се поставува со помош на посебен носач, бидејќи е претешка за операторите да ја постават самостојно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ниссан се откажа од вложување во Фискер

Г-Класа: Фини зафати пред да дојде електричниот „Гелендеваген“