за

Opel преоѓа дизајнерско ниво погоре, ова може да е идната Manta

Управувачот во концептот на Opel нема механичка врска со тркалата и може да се отстрани кога ќе се пушти со возилото да управува автопилотот.

Opel за својот концептен автомобил Experimental со целосно електричен погон вели дека дава „јасна визија“ за дизајнот на идните модели и за правецот во којшто ќе се развива технологијата.

Спортскиот концептен автомобил ќе биде прикажан премиерно на саемот ИАА Мобилити во Минхен, којшто почнува во понеделник на 4-ти септември и ќе трае до петок 8-ми септември.

Experimental е конструиран врз платформа за батериски електрични автомобили на концернот Stellantis и располага со погон на сите тркала.

Opel не открива која од неколкуте платформи на Stellantis за возила со батериски електричен погон се користи за концептниот автомобил. За серискиот модел што ќе произлезе од Experimental се претпоставува дека ќе се базира врз платформата STLA Medium, наменета за модели од компакт и средна класа. Моделот веројатно ќе го носи моделското име Manta, како легендарното спортско купе на Opel, што се произведуваше од 1970 до 1988 година, претходничка на уште една купе-легенда од Риселсхајм, Calibra.

Во платформата STLA Medium може да се вградуваат батерии со големина меѓу 77 и 104 киловатчасови, со најголем досег до 700 километри. Stellantis ги објави тие податоци уште лани.

Каросеријата во стил на купе-кросовер со фастбек-опаш стана омилен дизајн во концернот Stellantis, за новите генерации модели во средната класа. Пример за тоа се Citroen C5 X и Peugeot 408.

Главниот дизајнер на Opel, Марк Адамс, вели дека Experimental претставува „поекстремна интерпретација“ на тековниот дизајнерски јазик на Opel, којшто се сосредострочува на предната маска во стил на визир.

Новиот дизајн на маската на Experimental е преименуван во 4D Vizor, при што 4D се однесува на лидарот, радарот и камерите што се составен дел од маската.

Концептот располага со активни „закрилци“ напред и назад, коишто имаат функција да ја подобрат аеродинамичноста на авотмобилот. Задниот дифузор може да се извлече или вовлече, зависно од брзината на возење. Место ретровизори, има камери што се поставени на задните кровни столбови.

Бројни детали од концептниот автомобил Inception на Peugeot, се повторуваат кај германскиот модел. Тоа важи за седиштата со лесна конструкција, како и за поедноставената арматурна табла, на којашто информациите се проектираат, место да се прикажуваат на дисплеј.

Преклоплив волан во концептниот Opel Experimental

Концептот располага со систем за управување „преку жица“ и може да се преклопи, откако ќе се пушти автопилотот да управува. Осветлувањето на кабината е дело на „електрохроматски платна“ коишто емитираат светлина.

Новиот модел на Opel што е базиран врз платформата STLA Medium ќе се произведува во Италија, во Мелфи, кон почетокот на 2025 година. Тој ќе се појави кусо по новиот модел на премиум марката DS, што ќе ја користи истата платформа и ќе се произведува во истата фабрика во јужна Италија.

Платформата STLA Medium е наменета за премиум модели и Stellantis ја опишува како „BEV by design“. Тоа значи дека при конструирањето на истата, главниот нагласок бил ставен на батериксиот електричен погон, иако платформата ќе се користи и за модели со мотори со внатрешно согорување, наменети за одредени пазари и региони.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Наука според Fiat: Возачите се најсреќни во кабриолет

Американскиот пазар ѝ донесе голем профит на Honda