за

Американскиот пазар ѝ донесе голем профит на Honda

Подобрената ситуација околу снабдувањето со микрочипови донесе зголемување на продукцијата на Honda во фабриките во Северна Америка.

Оперативниот профит на Honda забележа раст од 78 проценти во изминатиот квартал, благодарение главно на подобрената ситуација со снабдувањето со микрочипови. Тоа доведе до зголемување на продукцијата, а соодвето на тоа и на продажбата на јапонскиот производител на автомобили.

Во првиот фискален квартал на компанијата (деловната година на јапонските компании почнува на 1-ви април) што заврши на 30-ти јуни, оперативната добивка на Honda достигна 2,73 милијарди долари. Во истиот квартал лани, добивката изнесуваше 1,54 милијарда долари, објави Honda во финансискиот извештај.

Чистата добивка се зголеми за повеќе од двојно, на 2,51 милијарда долари, наспроти 1,03 милијарда лани.

Прометот во трите месеци во почетокот на деловната година на Honda се зголеми за 21 проценти, на 31,96 милијарда долари. Продажбата на светскиот пазар порасна за 11 проценти, со вкупно 901.000 возила до завршетокот на јуни.

Испораките во САД, најголем пазар на Honda, пораснаа за 45 проценти, на вкупно 347.000 возила. Тоа беше и главен двигател на бизнисот на Honda во кварталот. Во Кина, пак, продажбата опадна за 5 проценти, на 309.000 возила. Исто и Европа пријави пад од 13 проценти, со само 20.000 продадени возила.

„Во САД се подобри снабдувањето со микрочипови и нашата продукција напредуваше соодветно“, изјави Масахару Хиросе, директор за финансии во Honda.

Побарувачката за моделите на Honda во САД е најголема за лимузината Honda Accord и за кросоверот Pilot.

Хиросе кажа дека американската економија останала во „добра форма“ и дека вкупната побарувачка е поголема од понудата. Тој сепак укажа на знаците за можно слабеење на економијата, вклучувајќи ги намалените заштеди во домаќинствата и зголемените камати.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Honda (@honda)

Наспроти тоа, бизнисот на Honda во Кина трпи удар поради интензивирањето на ценовната војна во земјата, којашто сé помасовно преоѓа на електрични возила.

До јуни, производството на Honda во Северна Америка порасна за 27 проценти, на 767.121 возила. Во Кина, фабриките на Honda произведоа 617.638 возила, за 12 проценти помалку од истоит период лани.

Honda очекува во целата фискална година да ја зголеми продажбата на светскиот пазар за 18 проценти, на 4,35 милиони возила. За САД се планира раст од 38 проценти и вкупно 1,65 милион продадени возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel преоѓа дизајнерско ниво погоре, ова може да е идната Manta

Шпанскиот тенор Запата Тенор рекламира Kia Sportage со приклучен хибриден погон