142
19 shares, 142 points

Полската престолнина нарача 130 зглобни електрични автобуси од Solaris. Тоа е досега најголемата единечна нарачка на електрични автобуси на европска почва.

Јавното сообраќајно претпријатие на Варшава нарача 130 електрични автобуси во вредност од близу 400 милиони полски злоти или околу 94 милиони евра. Најголемиот единечен тендер за електрични автобуси во Европа го доби производителот Solaris. Зглобната изведба на Urbino 18 electric ќе почне да вози во полската престолнина веќе в година.

За електричните автобуси на Solaris досега се добиени нарачки од 60 градови во 17 држави. Од 2011 година наваму, тие изминале повеќе од 14 милиони километри. Со последниот тендер за Варшава, Solaris ја зацврсти својата позиција како водечки производител на автобуси со електричен погон во Европа.

Тоа што нé прави особено горди е дека нашата компанија, којашто се залага многу во развојот на одржлив превоз, придонесува за подобрувањето на животниот комфор на жителите на Варшава
Хавиер Каљеха, шеф на Solaris Bus & Coach

Градот Варшава во следните две години ќе го зголеми возниот парк од автобуси со нулта или ултраниска емисија на штетни материи на 400 возила.

Автобусите за Полска користат батерија со капацитет од 150 kWh, за којашто постои седумгодишна гаранција. Полнењето ќе се врши преку стационарни полначи во депоата, но и преку пантограф. Полначи со 400 киловати ќе бидат поставени на повеќе места низ градот. Изградбата на таа мрежа е предмет на посебен тендер.

Во автобусите се вградува погонски модул со два електромотори, секој со моќност од по 110 киловати. Возачката кабина е посебно издвоена, патничкиот простор е климатизиран и опремен со напреден информативен систем. На патниците ќе им бидат достачни три двојни приклучоци USB.

Поокрај тоа што не испуштаат штетни материи, автобусите придонесуваат за животната средина и со тоа што работат практично безшумно. Тоа исто така е значајно за квалитетот на живот во градските средини.

Во Варшава веќе сообраќаат 20 електрични автобуси. Solaris досега има испорачано повеќе од 1.000 автобуси во полската престолнина.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

142
19 shares, 142 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *