за

Mercedes-Benz eSprinter го чисти воздухот во Грац

Две комбиња Mercedes-Benz eSprinter во служба на Австриска Пошта користат посебни филтри, што при возењето ги собираат честичките од воздухот.

Пилот-проектот во австрискиот град Грац ја докажа делотворноста на филтрите што се вградени во две поштенски возила Mercedes-Benz eSprinter. Возилата досега имаат поминато 6.400 километри во разнесување пратки, филтрите се полни со нечистотијата што е собрана од воздухот.

Добар квалитет на воздухот во градовите е еден од клучните фактори за добар квалитет на живеење во урбана средина. Колку може да биде загаден воздухот со неразградливи честички, односно PM-честички, доколку надлежните институции се однесуваат несовесно и неодговорно, секоја зима се покажува во градовите во Македонија. Европа постигна исклучителен напредок во спречувањето на емисијата на PM-честичките, но се продолжува во насока на натамошно намалување на присуството на овие честички во воздухот.

Mercedes Benz Vans, Австриска Пошта и производителот на филтри MANN+HUMMEL во август започнаа пилот проект во Град. Во две сериски возила eSprinter, патем возила со чисто електрилен погон, вграден е филтер за неразградливи честички во предниот дел од возилото. Возилата се во редовна служба во центарот на Грац.

Комбињата дневно минуваат во просек по 53 километри. На една тура, двата eSprinter во просек разнесуваат по 160 пакети и притоа запираат околу 100 пати. Од почетокот на проектот, возилата за 60 денови во служба собраа по 6.400 милиграми прашина од воздухот. Учесниците во проектот го оценуваат истиот како успешен. Можеби 6.400 милиграми или 6,4 грами се чинат малку, но станува збор за прашина, а тоа е веќе значајна количина.

Филтрите по 60 денови во сообраќај се заситени само 15 проценти, проектот продолжува до средината на 2023 година

Во проектот учествува и Институтот за Енергија и техника за животна средина во Дуизбург. Иницијативата се совпаѓа со концептот на Австриска Пошта, којшто се води како „Зелен Грац“. Од ноември 2021 година, Поштата купува само чисто електрични возила за достава на пакети, писма, брошури и весници. Целта е да се намали емисијата на СО2 и бучавата во градот. Од 2030 година, поштата во Грац ќе се разнесува само со електрични возила.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Целата гама на Lexus со филтер што собира и најситни честички

Цените на горивата ќе продолжат да паѓаат во 2023 година