за

Цените на горивата ќе продолжат да паѓаат во 2023 година

Цената на дизелот, од октомври е намалена за околу 30%, додека од ноември бензинот поевтинел за 20-на проценти. Трендот се очекува да продолжи и во 2023 година.

Уште долго ќе се помни шокот кога цените на горивата за само неколку денови, во почетокот на март се зголемија за преку 20 денари кај дизелот и за десетина денари кај бензинот. Такви шокови веројатно нема да се случуваат во текот на 2023 година.

Цената на бензинот во Македонија во моментов е на ниво како во јануари, додека дизелот се движи околу нивото од средината на април. Еден литар дизел на 28.12.2022 година чини 80 денари, што е за 30 денари помалку отколку кон крајот на јуни. Литар бензин годинава чинел најмногу 111,5 денари, исто така во јуни, што е 34,5 денари повеќе отколку во завршницата на годинава. Според тоа, да се наполни резервоар со 50 литри дизел, денес чини 4.000 денари, додека летоска за тоа требало да се смета на 5.500 денари. Тоа е разлика од 1.500 денари.

Трендот на цените на горивата покажува надолу. Постојат неколку причини, за овој тренд да се очекува да продолжи и во текот на следната година. Но, многу нешта можат да го сменат тој тренд, буквално преку ноќ.

Цената на нафтата е во пад

Од октомври паѓаат цените на нафтата, поради тоа што е забавена светската конјунктура, односно економските движења. Врз овој ефект не можат да влијаат ниту скусувањето на количините од земјите што извезуваат нафта, меѓу коишто спаѓа и Русија.

Понатаму, светските експерти предвидуваат забавување на економскиот развој за 2023 година. Дури и за најголемите европски економии се предвидува раст нула.

Рафинериите пресметуваат пониска добивка

Конкуренцијата на пазарот на горива се враќа, по хаосот што следуваше со почнувањето на војната во Украина. Кога има силна конкуренција, нема ниту место за самоволие при одредувањето на цените. Во текот на 2021 година, рафинериите во просек работеа со маржа од само неколку евроценти по литар бензин и дизел. Во март, рафинериската маржа порасна петпати. Некои рафинерии дури заработуваа по 25 евроценти.

Високите маржи доведоа до тоа цените на горивата неколку месеци да соборувааат рекорд по рекорд. Во исто време, цената на нафтата растеше побавно, така што најголемиот дел од високата цена отпаѓаше на заработката на нафтените концерни и на рафинериите.

Есеноска почнаа да паѓаат маржите на рафинериите. Цената на бензинот се враќа во „нормала“. Актуелните цени веќе се движат околу нивото што горивата го имаа во почетокот на годината.

Цената на дизелот ќе се нормализира

Цената на дизелот уште се нема вратено на нивото како пред војната. Од таа цена зависат многу нешта. Кога дизелот ќе почне да поефтинува, со тоа ќе поефтини и транспортот на прехранбени производи и друга стока. Тоа секако дека ќе доведе и до поевтинување на самите производи во продавница. Затоа, евтиниот дизел ќе ги радува сите, не само тие што полнат дизел во својот автомобил.

Пред војната во Украина, земјите масовно купуваа дизел за државните резерви, како готов производ од Русија. Сега е значително намален овој увоз. Во исто време, бројни компании набавуваа дизел, како замена за скапиот гас. Овие два чинители заедно ќе продолжат да ја држат цената на дизелот над нивото од јануари.

Кога дизелот повторно ќе чини помалку од бензинот, тешко се предвидува. Цената сепак почна од есеноска да се движи по надолна линија. Многу нешта зависат од војната во Украина, од светските економски движења, исто како и од тоа колку ниско ќе се спуштаат температурите во текот на зимата. Експертите сепак очекуваат дека цената на дизелот ќе се нормализира во текот на следната година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes-Benz eSprinter го чисти воздухот во Грац

Suzuki има модел Bandit и Јапонците го обожуваат